Светскиот ден на бубрегот се одбележува секој втор четврток во месец март и негова мисија е да се зголеми свеста за значењето на бубрезите за нашето здравје и да се намали зачестеноста и последиците од болестите на бубрезите и поврзаните здравствени проблеми на светско ниво.

Светскиот ден на бубрегот е заедничка иницијатива на Меѓународното здружение по нефрологија(ISN) и Меѓународната федерација на фондации за бубрези(IFKF). Светскиот ден на бубрегот се одбележува од 2006 година. Оваа година ќе се одбележи на 12 март и мото на одбележувањето е “ Здрави бубрези за сите”.

Цели на Светскиот ден на бубрегот се:

- Зголемување на свесноста за нашите бубрези;

- Потенцирање дека дијабетeсот и покачениот крвен притисок се клучни фактори на ризик за хронични бубрежни болести;

- Поттикнување на систематски скрининг на сите пациенти со дијабетес и хипертензија за хронични бубрежни болести;

- Поттикнување на превентивно однесување;

- Едукација на медицинските лица за нивната клучна улога во откривањето и намалувањето на ризикот од ХББ (хронични бубрежни болести), особено кај популација со зголемен ризик;

- Потенцирање на важната улога на локалните и меѓународните здравствени власти во контролата на епидемиja  на ХББ. На Светскиот ден на бубрегот, сите влади се поттикнуваат за да преземат активности и да инвестираат за скрининг на бубрежните заболувања;

- Поттикнување на трансплатацијата како опција со најдобар исход при бубрежна слабост, како и актот на донирање на органи како иницијатива која спасува живот;

- Поттикнување на методи за рано отркивање и превенција на проблеми со бубрезите за да се превенираат идните компликации, смртноста и онеспособеноста од хронична ренална или кардиоваскуларна инсуфициенција;

Постојат 8 златни правила за подобра бубрежна превенција:

1.Оддржувајте ја  кондицијата и активноста

2. Правете редовни контроли на нивото на шеќерот во крвта

3.Контролирајте го крвниот притисок

4.Внесувајте здрава храна и одржувајте ја телесната тежина,  пришто редуцирајте го  внесот на сол на 5 грама  во еден ден ( околу едно кафено лажиче) .

5.Одржувајте  здрав внес на течности- секојдневно пиење од 1,5 -2 литри вода.

6.Престанете со пушење

7. Не конзумирајте постојано лекови без потреба, особено нестероидни и антиинфламаторни лекови

8. Редовно контролирајте ја функцијата на бубрезите.

Една од целите на Светскиот ден на бубрегот е да се упати повик на сите луѓе да проверат дали се под ризик за болест на бубрезите.

 За да проверат, треба да одговорат на следните прашања и ако одговорот е “ДА” барем на едно од поставените прашања, треба да разговараат со својот доктор и доколку треба да направат иследувања за болести на бубрезите.

-Дали имате покачен крвен притисок?

-Дали страдате од шеќерна болест?

-Дали имате фамилијарна историја за болести на бубрегот?

-Дали имате прекумерна телесна тежина?

-Дали пушите?

-Дали имате над 50 години?

Луѓето што се под ризик за развој на болест на бубрези, треба да се поттикнат да направат едноставни испитувања за проценка на функционирањето на бубрезите. Се прават едноставни лабараториски тестови на мала количина крв ( за мерење количина на креатинини и да се процени стапката на гломеруларна филтрација) и на мала количина на урина ( за мерење на излачувањето на креатинин и албумин ).

Најголем дел од луѓето немаат симптоми се додека хроничната бубрежна болест не се развие во понапреднат стадиум кога се јавуваат: потечени глуждови, замор, тешкотии во концентрацијата, намален апетит, крв во урината и пенеста урина.

Годишно по околу 1400 лица во Република Македонија имаат потреба од дијализа од кои најголем дел се болни од ХББ. Хроничната бубрежна болест е од големо значење и како причина за смрт и онеспособеност, како во глобални рамки така и во нашата држава. Така кај нас стапката на смртност од ова заболување изнесувала околу 8,2 / 100 000 жители што е меѓу повисоките стапки на смртност во Европскиот регион. Тоа укажува за недоволната свесност за раното откривање на оваа болест и започнување на навремен третман, со што значително може да се влијае на прогресијата на заболувањето и превенција на компликациите, посебно хроничната бубрежна болест и  третман со дијализа и трансплатацијата на бубрег.

Важен фокус на светскиот ден на бубрегот е промоција на донација на бубрези и трансплатација. За многу луѓе со ХББ, најдобар третман е успешна трансплатација која ја подобрува добросостојбата и одржува подобар квалитет на живот.

  Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести