Мисијата на Светскиот ден на бубрегот, кој се одбележува секој втор четврток во месец март, е да се зголеми свесноста за значењето на нашите бубрези за нашето севкупно здравје и да се намали честотата и последиците од болестите на бубрезите и поврзаните здравствени проблеми на светско ниво.

Основачи

Светскиот ден на бубрегот е заедничка иницијатива на Меѓународното здружение по нефрологија (International Society of Nephrology -ISN) и Меѓународната федерација на фондации за бубрегот (International Federation of Kidney Foundations -IFKF).

Меѓународно здружение по нефрологија (ISN)

Меѓународното здружение по нефрологија (ISN) е непрофитно здружение посветено на унапредување на дијагнозата, третманот и превенцијата на болестите на бубрезите во земјите во развој и развиените земји. Со преку 9000 професионални членови во 126 земји, здружението обезбедува широка платформа за научна размена меѓу здравствените работници на светско ниво. Во 2010 година, здружението го одбележа 50-годишниот јубилеј.

Меѓународна федерација на фондации за бубрегот (IFKF)

IFKF, непрофитна федерација основана во 1999 година, во моментов брои членство од 63 фондации за бубрези и групи на пациенти од 41 земја. Во светски рамки, IFKF се залага за подобрување на здравјето, добросостојбата и квалитетот на животот на лицата со болести на бубрезите; дисеминира стандарди за најдобри практики на третман и здравствена грижа; помага во воспостувањето на фондации за бубрези во земјите каде сеуште не постојат; одржува едукативни програми за членовите на федерацијата и промовира истражувања за болестите на бубрезите.

Цели на Светскиот ден на бубрегот

Зголемување на свесноста за нашите „неверојатни бубрези”

Потенцирање дека дијабетесот и покачениот крвен притисок се клучни фактори на ризик за хронична бубрежна болест (ХББ).

Поттикнување на систематски скрининг на сите пациенти со дијабетес и хипертензија за ХББ.

Поттикнување на превентивни однесувања.

Едукација на сите медицински лица за нивната клучна улога во откривањето и намалувањето на ризикот за ХББ, особено кај популациите под зголемен ризик.

Потенцирање на важната улога на локалните и меѓународните здравствени власти во контролата на епидемијата на ХББ. Глобално, здравствените власти треба да се справуваат со високоите и растечките трошоци доколку не се преземе акција за третман на растечкиот број на заболени од ХББ. На Светскиот ден на бубрегот, сите влади се поттикнуваат да преземат активности и да инвестираат за скрининг на бубрежните заболувања.

 Поттикнување на трансплантацијата како опција со најдобар исход при бубрежна слабост, како и на актот за донирање на органи како иницијатива која спасува животи.

Хронична бубрежна болест и стареење

Оваа година, во фокусот на Светскиот ден на бубрегот е хроничната бубрежна болест и стареењето. ХББ може да се појави во било која возраст но станува почеста со зголемување на возраста.
Доколку се открие во рана фаза, хроничната бубрежна болест може да се третира – а со тоа и да се намалат другите компликации и драматично да се намали сè поголемата оптовареност со смртни случаи и онеспособеност од хроничните бубрежни и кардиоваскулани заболувања во целиот свет.
Преваленцата на ХББ драматично се зголемува и трошоците за нејзиниот третман предизвикуваат огромен товар на здравствените системи низ целиот свет. Околу 1 на секои 10 лица има некаква форма на бубрежно оштетување и секоја година милиони лица предвреме ги губат своите животи заради компликации во врска со бубрежна болест.
И во нашата држава се бележи контиуниран раст на заболените од ХББ. Стапката на болнички лекувани болни од ХББ пораснала од 3.5/10000 во 1983 на 8.2/10000 во 2006 година, додека годишно по околу 1400 лица имаат потреба од дијализа, од кои најголемиот дел се болни со ХББ.
Хроничната бубрежна болест е од големо значење и како причина за смрт и онеспособеност, како во глобални рамки така и во нашата држава. Така, кај нас возрасно-прилагодената стапка на смртност од ова заболување во 2010 изнесувала 8,2/100 000 жители, што е меѓу повисоките стапки на смртност во Европскиот регион (Слика 1 и 2). За одбележување е што едни од највисоките стапки на смртност од ХББ се бележат кај нас и во околните земји (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина..) што укажува на недоволната свесност на раното откривање на ова заболување и започнување на навремен третман, со што зналчително може да се влијае на прогресијата на заболувањето и превенцијата на компликациите, посебно на терминалната бубрежна болест и третманот со дијализа или трансплантација на бубрег.

Слика 1. Возрасно-прилагодена стапка на смртност од ХББ во Европа

Извор: WHO DMDB, 2013

Слика 2. Тренд на стапката на смртност од ХББ во Р. Македонија и неколку други држави во Европа

Извор: WHO DMDB, 2013

Трансплантација

Важен фокус на Светскиот ден на бубрегот е промоцијата на донацијата на бубрези и трансплантацијата. Хроничната бубрежна болест е асоцирана со сериозни компликации кои предизвикуваат сериозно намалување на квалитетот на живот. За многу луѓе со хронична бубрежна болест најдобар третман е успешна трансплантација на бубрег, која ја подобрува добросостојбата и овозможува подобар квалитет на живот.
Првата успешна трансплантација во САД е изведена во Бостон во 1954 година, додека во Европа првата успешна трансплантација е изведена во Париз во 1959 година. Во Македонија првата трансплантација на бубрег е изведена во 1977 година во Скопје, додека со рутинска работа е започнато во 1987 година. Денес трансплантацијата на бубрези се изведува ширум светот како рутинска процедура, а најголем проблем претставува ограничениот број на расположливи органи за трансплантација. Кај нас, со донесувањето на новиот Закон за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување (Сл. весник 47/2011) и следствените дополнувања на овој Закон, постои можност за донација на органи како од живи дарители, така и од умрени, односно кадаверична трансплантација. После подолг период и ретки случаи на кадаверична трансплантација, повторно во Македонија се воспоставува овој вид на третман на лекување на заболените лица со терминална бубрежна болест.

Како да се грижите за вашите бубрези

Дали сте под ризик?

Дали имате покачен крвен притисок?

Дали страдате од шеќерна болест?

Дали имате фамилијарна историја на болести на бубрегот?

Дали сте со прекумерна телесна тежина?

Дали пушите

Дали имате над 50 години?

Доколку сте одговориле потврдно на едно или повеќе од претходните прашања, би требало да поразговарате со вашиот доктор и доколку треба, да направите иследувања за болести на бубрегот. Хроничната болест на бубрегот во раниот стадиум не дава знаци и симптоми. Можете да ја одложите или да ја спречите бубрежната болест со нејзин навремен, ран третман.

Симптоми
Најголемиот дел од луѓето немаат симптоми се додека ХББ не се развие во понапреден стадиум на болеста. Меѓу другите, знаци на напредната ХББ се: потечени глуждови, замор, тешкотии во концентрирањето, намален апетит, крв во урината и пенеста урина.

Откривање на бубрежна болест
Најголемиот дел од луѓето со ХББ во ран стадиум не се дијагностицираат. Една од целите на Светскиот ден на бубрегот е да се упати повик до сите луѓе да проверат дали се под ризик за развој на болест на бубрегот и да се поттикнат луѓето со ризик да направат едноставни испитувања за процена на функционирањето на бубрезите.
Обично, бубрежната болест тивко напредува, честопати уништувајќи го најголемиот дел од функцијата на бубрегот, пред да предизвика некакви симптоми. Раното откривање на намалената бубрежна функција е од исклучително значење, бидејќи тоа овозможува соодветен третман пред оштетувањето на бубрегот и неговата функција да се манифестираат преку други компликации.
Се прават едноставни лабораториски тестови на мала количина крв (за мерење на количината на креатининот и да се процени стапката на гломеруларна филтрација) и на мала количина на урина (за мерење на излачувањето на креатинин и албумин).
Вашиот доктор ги употребува добиените измерени резултати од вашиот серумски креатинин во крвта за да ја процени општата функција на бубрегот, или стапката на гломеруларна филтрација и нивото на шеќер во крвта за да се осигура дека лицето нема дијабетес. Со едноставни тестови со ленти може да се открие присуство на протеини во урината.

Серумски креатини: Креатининот е деградационен продукт во крвта кој се создава од мускулната активност. Нормално тој се исфрла од човечкото тело преку бубрезите, но кога бубрежната функција се намалува, нивото на креатинин се зголемува. Вашиот доктор може да ги употреби добиените резултати од вашиот серумски креатинин за да се процени функцијата на бубрезите или гломеруларната филтрација.

Стапка на гломеруларна филтрација (ГФ): Вашата стапка на ГФ кажува за тоа колкаво е функционирањето на бубрегот. Таа може да се процени преку вредноститево крвта на креатининот. Нормално изнесува 100 ml/min, а пониските вредности уажуваат на процентот на преостаната бубрежна функција. Доколку вашата ГФ се намали под 60 ml/min би требало да се обратите кај нефролог, лекар-специјалист за бубрежни заболувања. Доколку третманот кој ќе ви го препорача нефрологот нема да доведе до спречување на понатамошно намалување на ГФ, нефрологот ќе ви посочи на други третмани за бубрежната болест, како што се дијалзиа или бубрежна трансплантација. ГФ под 15 укажува дека набрзо би требале да започнете со некој од посочените третмани..

Албумин во урината. Присуството на вишок протеини во урината исто така е маркер за ХББ и е подобар индикатор за ризикот за прогресија на болеста и за појавата на срцев удар и мозочен удар, отколку само стапката на ГФ. Вишокот на протеини во урината може да се открие со ставање на мали пластични ленти на кои има нанесено слој од хемикалија која ја менува бојата во присуство на протеини во примерокот од свежа урина или попрецизно може да се измери со лабораториско испитување на урината.

8 ЗЛАТНИ ПРАВИЛА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

Болестите на бубрезите се тивки убијци, кои во огромна мерка влијаат на квалитетот на живот. Сепак, постојат неколку лесни начини да се намали ризикот од развивање на болести на бубрезите.
1 Одржување на кондиција и активност
Одржувањето на телесната кондиција помага во намалувањето на крвниот притисок, а со тоа и намалување на ризикот за ХББ.
Концептот “во движење за здравје на бубрегот” е глобален, светски, колективен марш кој ја вклучува јавноста, познатите и професионалците на движење на јавни места преку пешачење, трчање и возење велосипед.

2 Правете редовни контроли на нивото на шеќер во крвта
Кај околу половина од луѓето кои имаат дијабетес се развива оштетување на бубрегот, па затоа е многу важно лицата кои страдаат од дијабетес да прават редовни тестови за прверка на бубрежната функција.
Оштетувањето на бубрезите заради дијабетес може да се намали или превенира доколку навремено се открие. Важно е да се одржува контрола на нивото на шеќер во крвта, со редовна помош од страна на докторите и останатиот медицински персонал.

3 Контрола на крвниот притисок
Иако многу луѓе можеби се свесни дека високиот крвен притисок може да доведе до мозочен удар или срцев удар, малкумина знаат дека крвниот притисок е исто така најчеста причина за оштетување на бубрезите.
Нормалниот крвен притисок изнесува 120/80. Меѓу ова ниво и 129/89, се сметате за пред-хипертоничар и би требало да приземете промени во животниот стил и исхраната. За притисок над 140/90, би требало да се обратите кај доктор за ризиците и редовно да се контролира крвниот притисок. Високиот крвен притисок, многу поверојатно, ќе предизвика оштетување на бубрегот кога е асоциран со други фактори на ризик, како што се дијабетес, висок холестерол и болести на кардиоваскуларниот систем.

4 Здрава храна и одржување на телесната тежина
Овие елементи може да превенираат дијабетес, болести на срцето и други состојби асоцирани со ХББ.
Редуцирајте го внесот на сол. Препорачаниот внес на натриум е 5-6 грама на сол на еден ден (околу едно кафено лажиче). Со цел да го намалите внесот на сол, обидете се да ја ограничите количината на обработена и брза храна и не додавајте сол на храната. Полесно е да се контролира внесот на сол доколку сами ја подготвувате храната со свежи намирници.

5 Одржување на здрав внес на течности
Иако клиничките студии не постигнале договор за идеалната количина на вода и други течности кои треба да се конзумираат секојдневно за да се одржи добро здравје, традиционалната мудрост долго време сугерира секојдневно пиење на 1.5 до 2 литри вода.
Конзумирање на доволно вода овозможува бубрезите да го елиминираат натриумот, уреата и токсините од телото, што пак, доведува до „значително намален ризик” за развивање на хронична бубрежна болест, според истражувачите во Австралија и Канада. Наодите, како што велат истражувачите, не се во корист на „агресивно полнење со течности”, што може да има за последица несакани ефекти, но има докази дека умерено зголемен внес на вода, околу 2 литри дневно, може да доведе до намалување на ризикот од намалување на бубрежната функција. Важно е да се има предвид дека вистинското ниво на внес на течности за секоја индивидуа зависи од многу фактори, како што се пол, физичка активност, клима, здравствена состојба, бременост и доење. Дополнително, луѓето кои имаат камен во бубрегот се советуваат да пијат 2-3 литри вода на ден за да се намали ризикот од формирање на нов камен.

6 Престанете со пушење
Пушењето го успорува крвниот проток во бубрезите. Кога помалку крв доаѓа во бубрезите, доаѓа до пореметување на нивнагта способност да функционираат соодветно. Исто така, пушењето го зголемува ризикот за карцином на бубрегот за 50%.

7 Не конзумирајте постојано лекови без потреба
Вообичаените лекови, како што се нестероиддните антиинфламаторни лекови како ибупрофенот или парацетамолот може да доведат до оштетување и заболување на бубрегот, доколку се конзумираат континуирано.
Овие лекови најверојатно не претставуваат значајна опасност доколку вашите бубрези се релативно здрави и доколку ги употребувате само кога има потреба за тоа, но доколку страдате од хронична болка, како што е при артритис или болка во крстот, разговарајте со докторот за да изнајдете начин за контрола на болката без загрозување на бубрезите.
8 Редовно контролирајте ја функцијата на бубрезите доколку имате еден или повеќе од следниве фактори на ризик:

Имате дијабетес

Имате хипертензија

Имате прекумерна телесна тежина

Некој од вашите родители или други членови на семејството страдаат од болести на бубрегот

СЕКУНДАРНА ПРЕВЕНЦИЈА – УСПОРУВАЊЕ НА ПРОГРЕСИЈАТА НА ЗАБОЛУВАЊЕТО

Клучни превентивни мерки, дефинирани и докажани како успешни мерки за секундарна превенција за лицата со ран стадиум на ХББ, а кои помагаат во успорувањето на прогресијата на заболувањето и штитат од други болести на бубрегот и болести на кардиоваскуларниот систем се:
• Намалување на покачениот крвен притисок – колку е понизок крвниот притисок (во рамки на нормалата), толку е побавно оштетувањето, односно намалувањето на стапката на ГФ
• Специфични лекови за намалување на протеинуријата како и за намалување на крвниот притисок – инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим (АКЕ инхибитори) или блокатори на рецепторите за ангиотензин (АР блокери)
• Намален внес на сол во исхраната за намалување на крвнииот притисок
• Контрола на шеќерот и мастите во крвта и на анемијата
• Престанување со пушење
• Зголемување на физичката активност
• Контрола на телесната тежина
Третман: Клиничките истражувања во изминатите две децении го покажаа потенцијалниот бенефит од блокада на системот ренин-ангиотензин со помош на лекови познати како АКЕ инхибитори и АР блокери. Со нивна употреба може значително да се успори прогресијата на ХББ, особено кај лицата со дијабетес и покачен крвен притисок, и тоа за релативно низок трошок.