
Во светот катастрофите и кризите се случуваат многу често и се непредвидливи.Тие може да предизвикаат значително страдање на луѓето, загуба на животот и значителни економски реперкусии. Во услови на криза се зголемуваат потребите, а институциите се немоќни да се справат со последиците од кризата.
Термини
Според СЗО, бегалец е некој кој стравува од прогонување врз основа на раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или политичко мислење. Бегалец е лице надвор од сопствената земја и е во состојба да не може, или не сака да биде заштитен од страна на таа земја.[1]
Бегалци се поединци признати според Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година; нејзиниот Протокол од 1967 година; ОАУ конвенција од 1969 година за определени аспекти на проблемите со бегалците во Африка; лицата признаени во согласност со Статутот на УНХЦР; поединци на кои им е доделена комплементарна форми на заштита; или оние што уживаат привремена заштита.
Баратели на азил се лица кои бараат меѓународна заштита и чии побарувања за бегалски статус се уште не се утврдени.
Внатрешно раселени лица (ВРЛ) се лица или групи на лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови или места со постојано место на живеење, особено како резултат на, или со цел да се избегне ефектот на вооружен конфликт, ситуации на општо насилство, повреди на човековите права, природни катастрофи или предизвикани од човекот, и кои не ја преминале меѓународна граница.
Вратени бегалци се поранешни бегалци кои се вратиле во својата земја на потекло, спонтано или на организиран начин, но се уште не се целосно интегрирани.
Лицата без државјанство се дефинирани според меѓународното право како лица кои не се сметаат за државјаните на сите држави во рамките на работењето на нејзиниот закон.[2].
Историски гледано, во светот најголем процент на мигрирани лица се ВРЛ (58,7%), потоа следат бегалците (26,2%), лица без држјанство (6,4%), вратени лица (3,5%) , баратели на азил (3,3%) и други (1,9%). Значителен пораст се забележува од 20 милиони во 2005 година до над 30 милиони во 2006 година, после што се бележи континуиран пораст до над 50 милиони во 2014 година.
Според податоците на УНХЦР, во периодот јануари-ноември 2015 година низ Европа преку море транзитирале 886.262 мигранти. Во истиот период регистрирани се 3515 смртни случаи/исчезнати лица. Најголемиот број мигранти 738.465 поминуваат низ Република Македонија, 144.100 влегле во Италија и 3.592 во Шпанија.
51% биле од Сирија, 20% Авганистан, 6% од Ирак, 4% Еритреа, 2% Пакистан, 2% Нигерија, 2% Сомалија, 1% Судан, 1% Гамбија и 1% Мали. 61% од мигрантите се мажи, 23% деца и 15% жени.
Највисок број мигранти се регистрирани во октомври 2015 (220.535), додека во ноември 139940. За споредба во октомври 2014 година имало 23.050 мигранти.
Извор: УНХЦР
Мигрантската криза во Република Македонија, 2015 година
Во периодот од 1-ви јули до средината на ноември 2015 околу 515,000 бегалци и мигранти транзитирале низ Република Македонија. Според статистиките на Министерството за внатрешни работи, бројот на мигранти и бегалци кои изјавуваат дека имаат намера да бараат азил достигнал 230,248 вклучувајќи 58,217 (25%) деца, од кои 11,711 (6%) не се придружувани од 19-ти јуни до 10-ти ноември 2015 година. Од нив, 146,121 (63%) се од Сирија, 48,716(21%) од Авганистан, 17,969 (8%) од Ирак, 4,822 (3%) од Пакистан, а останатите доаѓаат од други земји како на пример: Палестина, Иран, Сомалија, Конго и Бангладеш. Од јануари до октомври, поднесени се 1,739 апликации за азил[3].
Одговор на кризата
Владата на Република Македонија основа тим за управување со кризи кој треба да одговори на потребите на мигрантите и бегалците. Беше развиен Акциски план за одговор на ситуацијата. Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од оваа големина е огромен, не само за државните и локалните власти, туку и за меѓународните и другите социјални организации.
Изградени се два прифатни центри во Гевгелија и Табановце-Куманово, каде што мигрантите и бегалците може да добијат храна, вода, облека, средства за хигиена и медицинска помош. Сите услуги се бесплатни, а истите се обезбедени од различни државни и меѓународни организации, вклучувајќи и НВО.
Здравствената грижа во транзит центрите е обезбедена од Министерството за здравство преку здравствените домови и општите болници, како и Црвениот крст и е достапна 24 часа дневно. Во случај на потреба, пациенти се транспортираат до најблиската болница.
Институтот за јавно здравје е активно вклучен во изготвувањето на Акцискиот план, работата на координативното тело од областа на здравјето и активното следење на состојбите. Исто така ИЈЗ е вклучен и во прибирањето податоци од Центрите за јавно здравје за појава на заразни заболувања, квалитетот на водата за пиење и активностите за ДДД.
Центрите за јавно здравје Гевгелија, Куманово и Скопје обезбедуваат јавно здравствен надзор, хигиена и епидемиолошка контрола, вклучувајќи дезинфекција на транзитните центри и во транспортните средства (возови, автобуси, такси), редовна контрола на водата за пиење и регистрирање на заразни болести.
Државната агенција за храна и ветерина издава дозволи и ја контролира дистрибуцијата на храна.
Локалната општина се грижи за чистењето во транзит центрите.
Бројот на медицински интервенции беше особено висок во октомври 2015 година, а позитовниот тренд продолжи и по тој период.
Морбидитет
Здравствените проблеми на бегалците и мигрантите се слични на оние кои ги имаат остатокот од населението. За време на летото (август и септември 2015 година), повеќето од интервенциите беа поврзани со болести на кожата (изгореници/плускавци, алергиски реакции, убоди од инсекти), болки, повреди од оружје, респираторни и гастроинтестинални болести, и хронични заболувања (дијабет и поретко срцеви заболувања). Во октормви бројот на респираторни заболувања се зголеми, но гастроинтестиналните болести сè уште беа многу чести. Повеќето пациенти не сакаат да одат во болница бидејќи сакаат да заминат од земјата колку можат поскоро.
Анализата на морбидитетот пријавен од страна на тимовите на Црвениот крст е направен врз основа на дневните извештаи на тимовите на Црвениот крст во ТЦ Гевгелија. Најчестите болести се респираторните заболувања, гастро-интестинални и локо-моторните заболувања, како и болести на кожата. Жените мигранти често се соочуваат со посебни предизвици поврзани со здравјето на мајката, новороденчињата и децата, сексуалното и репордуктивното здравје, како и насилство.
Здрвствените проблеми на мигрантите и бегалците се слични на оние на остатокот од населението.
Со наближувањето на зимската сезона, ранливоста на бегалците и мигрантите се зголемува. Престојување во засолништа на температури под 16 °C може да доведе до хипотермија, смрзнатици и други здравствени состојби. Најзначајните дејства кои треба да се преземат со цел намалување на изложеноста на студ се:
- обезбедување на загреани засолништа, топли оброци и соодветна облека;
- посебна нега за ранливото население;
- обезбедување на вакцини против грип; и
- откривање и лекување на заболувања поврзани со студ.[4]
Во контекст рамката на здравствената политика „Здравје 2020‟, СЗО/Европа преку Канцеларијата на СЗО во Р. Македонија, обезбедува стручно – техничка помош, врши проценка и дава поддршка на капацитетите на земјата со цел одговор на здравствените потреби на бегалците и мигрантите.
Со зголемувањето на бројот на бегалци и мигранти кои ја минуваат земјава, СЗО/Европа и Министерството за здравство го засилија нивното делување со цел соодветно да се справат со ситуацијата, а тоа вклучува:
- дневни експертски мисии до центрите со цел проценка на ситуацијата и одредување на најбитните здравствени потреби;
- работилници за управување со јавноздравствените аспекти на миграцијата оддржана за здравствени и нездравствени професионалци кои работат со овие групи на население; и
- набавка на лекови, по барање на Министерството за Здравство.
Во декември 2015 година СЗО/Европа во соработка со Министерството за здравје спроведе мисија за проценка на јавно – здравствените капацитети за одговор на кризата со цел одредување на недостатоците и можностите, но и да се дадат препораки за идно дејствување.
Значајно е постојано да се градат капацитетите и да се зголемува нивото на знаење во врска прашања поврзани со здравјето и миграцијата.
[1] http://www.who.int/topics/refugees/en/
[2] http://popstats.unhcr.org/en/overview
[3] Редовен меѓу – агенциски оперативен извештај , 04-10 ноември 2015, УНХЦР
[4] Изјава на д-р Сузана Јакаб, регионален директор на СЗО за Европа, http://www.euro.who.int/en/media-centre/sections/statements/2015/statement-the-challenges-of-migration-require-migrant-sensitive-health-systems-for-today-and-for-the-future