Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го означи 20 Ноември како Светски  ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата како рамноправни членови на секое општество имаат свои права и истите треба да се почитуваат.

Генералното собрание на ОН на 20 Ноември 1959 година  ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.

Сите држави членки кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето, според член 19 од Конвенцијата за правата на детето  се обврзаа да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки да го заштитат детето од сите облици на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба

Децата се  високо ранлива општествена група која што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство и од тоа произлегува потребата за заштита на правата на децата. Децата секојдневно се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните, но и на глад, болести и недостаток на социо-економски услови за здрав и активен живот во државите кои се сиромашни или се во развој. Дополнителен проблем на децата е пристапот до образованието,искористување на детски работен труд преку просење, работа во фабрики и работа во сексуалната нелегална индустрија. Еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот е и трговијата со деца и органи, која е најзастапена во средини каде што децата немаат услови за добивање на лични документи.

И во Република Македонија децата се соочуваат со опасноста да станат жртви на нелегална трговија со деца и органи, подведување и присилна сексуална работа и искористување на детскиот работен труд преку работа на улица. Особено се изложени децата од ромската заедница  како ранлива и маргинализирана група.Тие се соочуваат со проблеми при водење на матична евиденција на новороденчиња и издавање на лични документи.
Канцеларијата на УНИЦЕФ посочува дека во Македонија по ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето во 1993 година, помалку деца умираат пред својот петти роденден, повеќе деца имаат пристап до основно училиште и помалку деца живеат во институции. Сепак, се вели во соопштението, сè уште многу деца доживуваат лишување, стигма и општествена исклученост. Педесет и два отсто од сите деца на возраст од две до четиринаесет години биле жртви на физичко казнување во домот, соопштуваат од УНИЦЕФ.

И покрај значителниот напредок за децата на глобално ниво, наведуваат од УНИЦЕФ, во последните неколку децении, речиси шест милиони деца во светот сè уште умираат секоја година од причини што може да се спречат, а децата од сиромашните домаќинства имаат двапати поголеми шанси да починат пред петтиот роденден во споредба со децата од побогатите домови.

Целта на одбележувањето на Светскиот ден на детето е да се сврти вниманието на широката јавност  на сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои децата се соочуваат.

 

Референци:

  1. Светски ден на детето 20-ти Ноември, Обединети нации, достапно на : http://www.un.org/en/events/childrenday/
  2. Конвенција за правото на детето, Обединети нации, достапна на: http://www.childrensembassy.org.mk/WBStorage/Files/konvencija%20celosna.pdf
  3. Соопштение на УНИЦЕФ, достапно на : https://www.unicef.org/tfyrmacedonia/media.html

 

 

Подготвил:

Сектор за промоција, анализи и следење на  незаразни болести