Туберкулозата (ТБ) е позната за човекот уште пред илјадници години. Но таа и денес иако се лекува, претставува водечка причина за смрт од заразни болести.

Секоја година, на 24 Март светот го одбележува Денот на туберкулозата. Тој се празнува со цел да се подигне свеста за огромниот терет поврзан со туберкулозата. Светскиот ден на туберкулозата дава можност сите луѓе да се придружат во борбата против ТБ преку давање информации и едуцирање на другите за туберкулоза и поттикнување на владите во државите да преземат акција.[1]

Десет милиони животи во светот може да се спасат од смрт во текот на следните 5 години.

 sl 1

Секоја година се откриваат помалку заболени од туберкулоза во споредба со претходните години, но тој пад е се уште доста мал, така што ако овој успорен надолен тренд продолжи на ист начин, ќе бидат потребни 2182 години за да се постигне целта поставена од СЗО да се стави крај на туберкулозата. [2]

Епидемиолошки податоци

Туберкулозата во светот

Повеќе од 2 милијарди луѓе (1/4 од светската популација) се инфицирани со предизвикувачот на туберкулоза, односно има латентна туберкулоза, што значи дека луѓето биле инфицирани со ТБ бактерии (имале контакт), но се уште не се заболени од оваа болест и не може да ја пренесат болеста на други.

ТБ е главен здравствен предизвик во светот. Секоја година се откриваат 9 милиони нови заболени од туберкулоза, додека 1,5 милиони умираат. [3] Од 9-те милиони луѓе кои заболуваат од ТБ, над 3 милиони не се откриваат и не се лекуваат.

ТБ може да се спречи и да се лечи, но сепак во светот секоја минута три лица умираат од туберкулоза или секој ден од туберкулоза умираат 4400 луѓе. [4]

На светско ниво туберкулозата се наоѓа на првото место како убиец од заразна болест, со околу 1,5 милиони смртни случаи годишно. Таа е меѓу десетте заразни болести од кои најчесто се умира во светот.

Туберкулозата, ХИВ инфекцијата поврзана со туберкулозата и мултирезистентната туберкулоза (отпорна на терапија) претставуваат закана за развојот и глобалната здравствена безбедност.

Во 2014 година за прв пат во деценијата туберкулозата убила повеќе луѓе од било која друга заразна болест во светот. Истата година во светот имало: 9,6 милиони заболени од туберкулоза, 1,5 милиони умрени поради туберкулоза, 1,2 милиони лица со ХИВ кои развиле туберкулоза и 0,4 милиони смртни случаи. 489.000 лица развиле мултирезистентна туберкулоза, со 190.000 смртни случаи.

Туберкулозата во Република Македонија

Бројот на регистрирани лица со ТБ во РМ бележи континуирано надолен тренд. Преваленцата бележи пад од 20,8 на 100.000 жители во 2013 година (428 случаи), 18,8 на 100.000 жители во 2014 година (389 случаи), на 15,5 на 100.000 (321 случаи) во 2015 година.

Инциденцата (број на новооткриени заболени од ТБ во годината) исто така опаѓа од  15,7 на 100 000 жители  во 2013 година (323 новозаболени), 13,8 на 100 000 жители  во 2014 (285 новозаболени) и 284 новозаболени случаи во 2015 година. Македонија се вбројува во земјите со ниска инциденца од  земјите во европскиот регион (извор: Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, Институт за јавно здравје на РМ).

Групи луѓе со зголемен ризик за заразување со ТБ

Намалениот одбрамбен систем на човекот (имунитет), го прави да биде под зголемен ризик за заразување со ТБ.

Се проценува дека 74000 деца во светот умираат од ТБ секоја година. Тоа се најчесто деца кои се сиромашни, живеат во средини каде што има ограничен пристап до здравствена заштита и немаат знаење за болеста.

Ризикот за заразување со ТБ е висок и кај корисниците на дроги (поради намалениот имунитет од користењето дрога, условите на живеење и намалениот пристап до здравствена заштита).

Во групите под ризик влегуваат и затворениците и болните во психијатриските болници (кои подолго време престојуваат).

Намалениот имунитет го зголемува ризикот за заразување со ТБ и кај лицата со шекерна болест.

Во светот околу 1 милијарда луѓе се мигранти. Кај нив исто така има висок ризик за заразување со ТБ (истоштеност, несоодветна исхрана, намален имунитет, престојување во простории во кои има многу луѓе).

ТБ е главна причина за смрт и кај луѓето кои живеат со ХИВ (во светот еден смртен случај кај три луѓе заразени со ХИВ е поради ТБ).

Глобална стратегија за туберкулоза

Во септември 2015 година, Генералното собрание на Обединетите нации ги одобри т.нар. Одржливи развојни цели. Во нив, третата цел е: Да заврши епидемијата со ТБ до 2030 година.

Собранието на СЗО во мај 2014 година ја усвои резолуцијата со која се дава целосна поддршка на Глобалната стратегија за туберкулоза. Стратегијата на Светската здравствена организација ,,Да се стави крај на туберкулозата,, постави цел до 2030 година да се стави крај на епидемијата со туберкулоза.

Стратегијата се фокусира на рано откривање, лекување и превенција, со цел сите болни од ТБЦ да имаат еднаков пристап до сервисите, но и да бидат вклучени во нивната грижа. [5]

До 2035 година стратегијата ги поставува следните цели:

  • Намалување од 95% на бројот на смртни случаи поради туберкулоза, во споредба со 2015 година.
  • Намалување од 90% на новорегистрираните случаи со туберкулоза, во споредба со 2015.
  • Ниту едно семејство во кое има туберкулоза да нема катастрофални трошоци поради туберкулозата.

Посебно внимание во стратегијата се посветува на популациите кои се под висок ризик за заразување кои имаат ограничен пристап до здравствена заштита.

sl 2

Секој човек со туберкулоза треба да има пристап до современа и брза дијагностика, лекување и грижа. Тоа е поврзано со социјалната правда, фундаментално поврзана со нашата цел за универзална покриеност/опфат со  здравствени услуги. Имајќи ја во предвид преваленцата/ распространетоста на туберкулоза која е отпорна на лекување, обезбедувањето на висок квалитет и целосна грижа исто така ќе придонесат за глобалната здравствена безбедност. Повикувам на зајакната глобална солидарност и акција за да се спроведе успешно стратегијата.

Dr Margaret Chan, Генерален директор на СЗО.

 tb_strategy_logo_bluebg

Како ќе се постигнат целите на стратегијата?

  • Рано дијагностицирање на ТБ,
  • Лекување на сите луѓе кои имаат ТБ, вклучувајќи ги и резистентните соеви на ТБ (отпорни на терапија)
  • Лекување на болести поврзани со ТБ (коморбидитет),
  • Активно барање нови случаи ТБ особено кај лицата кои се во контакт со заболени од ТБ и високо-ризичните групи,
  • Вакцинација и превентивно лекување на лицата под голем ризик
  • Универзален пристап до здравствена заштита, рационално користење на лекови и контрола на инфекција,
  • Социјална заштита, намалување на сиромаштијата и други детерминанти поврзани со ТБ,
  • Политичко влијание и обезбедување доволно финансиски средства за лекување и превенција,
  • Вклучување на заедницата, граѓанските организации, јавниот и приватниот сектор,
  • Истражувања и нови откритија поврзани со болеста.

Од големо значење е благовременото дијагностицирање и правилно лекување на болните од туберкулоза.

Активното пронаоѓање на нови случаи на туберкулоза кај ризичните групи е исто така многу значајно. Во оваа активност може да се вклучи и заедницата.

Редовното земање лекови се услов за излекување и спречување на развој на резистентни форми на ТБ. Затоа, се применува т.нар. директно опсервиран третман  кој значи непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено просветување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.

[1] http://www.stoptb.org/events/world_tb_day/2016/whatis.asp

[2]http://www.stoptb.org/assets/documents/global/plan/GlobalPlanToEndTB_TheParadigmShift_2016-2020_StopTBPartnership.pdf

 [3] http://www.stoptb.org/resources/factsheets/

[4] http://www.stoptb.org/resources/factsheets/

[5] Светска здравствена организација. The end TB strategy

 

Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни болести

Институт за јавно здравје на РМ