Туберкулозата се уште претставува глобален медицински проблем, пред се во неразвиените земји и земјите во развој. Денес, една третина од светската популација е инфицирана со туберкулозниот бацил, односни има латентна туберкулоза, што значи дека луѓето биле инфицирани со ТБ бактерии, но (сеуште) не се заболени од оваа болест и не може да ја пренесат болеста.

Епидемијата на ХИВ/СИДА во светот придонесе за значително зголемување на бројот на болни од туберкулоза. ХИВ инфекцијата е најмоќен познат фактор што овозможува прогресија на туберкулозната инфекција во болест.

Секоја година, на 24 Март светот го одбележува Денот на туберкулозата. Еден од главните светски здравствени предизвици се  новите 9 милиони случаи на ТБ и смртноста кај 1,5 милиони луѓе во светот.

Три милиони луѓе не ја добиваат негата што им е потребна, да ги пронајдеме!

Овогодинешното мото за Светскиот ден на спречување на ТБ гласи: “Пронајди ги 3 милиони: Пронајди, лекувај и излекувај”.

Во мај, 2014 година  на Собранието на Светската здравствена организација, владите на земјите членки се договорија за нови 20 години (2016-2035) напорна работа со цел искоренување на глобалната ТБ епидемија.

Секој кој е заразен од туберкулоза има право на  соодветна заштита, вклучувајќи дијагноза, третман и лекување.

Резолуцијата ги повикува владите да ја прилагодат и имплементираат стратегијата со високо ниво на посветеност и финансирање на истата. Тоа ја засилува рамката на фокус на одретен тип на население односно фокусирање на високо  ранливите групи кои имаат слаб пристап до здравствена заштита како што се мигрантите.

Цели на Глобална стратегија  за  превенција од туберкулоза, грижа и контрола по 2015 година

Стратегијата нагласи потреба за вклучување на сите институционални партнери на здравствениот сектор и пошироко, како на пример, области на социјална заштита, правда, имиграција и др.

  • За да се достигнат целите утврдени со стратегијата за конечен крај на туберкулозата, потребно е годишниот пад на глобалната стапка на инциденца од туберкулоза да се зголеми, од 2% на годишно ниво во 2015 до 10% годишно до 2025 година.
  • Потребно е процентот на луѓе кои умираат од оваа болест да се намали, од предвидените 15% во 2015 година на 6,5% до 2025 година.

Состојба во Република Македонија

                Дијаграм1

dij 1

Во 2013 година во Република Македонија рeгистрирана е  преваленца на активна туберкулоза од 20.8 на 100 000 жители или 428 случаи.Во 2014 година во Република Македонија рeгистрирана е  преваленца на активна туберкулоза од 18,8 на 100 000 жители или 389 случаи. Овие бројки се  помали од превалeнцата во 2005 година, која изнесува 52,8 болни на 100 000 жители. Во континуитет имаме постојано намалување на вкупниот број болни од туберкулоза за анализираниот период 2005-2014 година, стапката на преваленца, покажува тренд на опаѓање. (Дијаграм1)

       Дијаграм2           

dij 2

Во 2014 година во Република Македонија рeгистрирана е  инциденца на активна туберкулоза од 13,8 на 100 000 жители  или 285 ново заболени лица, додека во 2013 година инциденцата изнесува  15,7 на 100 000 жители  или 323 ново заболени лица од туберкулоза. Во анализираниот период 2005-2014 година, стапката  на инциденца, исто како и стапката на преваленца покажува тренд на опаѓање.  Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца од  земјите во европскиот регион. (Дијаграм2)

Мерки за подобрување на состојбите

Туберкулозата е болест која може да се лекува и да се излечи со целосна контрола од страна на лекар, редовно земање на лековите  и почитување на советите.

Со цел за што поуспешна контрола и лекување  на туберкулозата во Република Македонија, намалување на ризикот од ширење на инфекцијата, особено онаа предизвикана од резистентни соеви на Mycobacterium tuberculosis, спречување на коинфекција меѓу туберкулозата со ХИВ инфекцијата, неопходно е да се превземат сите расположиви превентивни мерки кои придонесуваат за рано откривање и спречување на болеста.

Активно пронаоѓање на случаи на туберкулоза кај ризични групи со селективна радиофотографија.  Планирани за 2015 се радиографски снимки кај ризични групи во кои спаѓаат: болни во психијатриски болници, затвореници во КПУ во Република Македонија, привремено раселени лица, зависници од дроги и сл. Со цел рано откривање на болните од туберкулоза и други неспецифични белодробни заболувања се врши селективно радиофотографско снимање на  лица кај кои постои поголема опасност од заболување од туберкулоза.

ДОТ активности- под ДОТ активности се подразбира непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено просветување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.

Спречување на ширење на туберкулозата е можно преку лекување на новооткриените случаи на туберкулоза според стандардни режими на лекување препорачани од Светската здравствена организација. Најдобра превентивна мерка е правилно и навремено лекување на секој болен од туберкулоза со што се прекинува ланецот на ширење на инфекцијата.

                                                                          Подготвил:

Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести