Тема: Времето истекува!

Со промените во светот кои настанаа како резултат на пандемијата со Ковид-19, се комплицира следењето и третманот на многу болести. Туберкулозата како инфективно заболување што дава слични симптоми како и инфекцијата со Ковид-19, сепак се разликува од истата во тоа што има подолг период на инкубација и симптомите се развиваат побавно. За среќа постои ефективна вакцина против туберкулоза, што веќе се употребува долго време. Но и покрај добрата превенција туберкулозата сè уште не е отстранета и претставува дел од проблемите кои се јавуваат во сите здравствени системи, па и во нашиот.

Денот 24 март се смета за светски ден за борба против туберкулоза. Тоа е датумот на кој д-р Роберт Кох во 1982 го открил овој микроорганизам и ја започнал борбата против туберкулозата.

Туберкулозата претставува заразно заболување предизвикано од бактеријата Mycobacterium tuberculosis и истото се пренесува аеро-капково. Само неколку микроорганизми се потребни за да предизвикаат инфекција. Годишно во светот околу 10 милиони луѓе заболуваат од туберкулозата и покрај тоа што е болест што може да се превенира, додека околу 1.5 милиони секоја година умираат од ова заболување. Се смета дека околу една четвртина од светската популација има латентна туберкулоза, што значи дека кај кој било од нив може да се развие целосното заболување. Изминатава година тие бројки се зголемени поради присуството на Ковид-19 кое придонесе за загуба на многу луѓе кои боледувале истовремено од туберкулоза, како резултат на влошување на нивната состојба.

Годинашната тема за Светскиот ден за борба против туберкулоза е ,,Времето истекува’’, со што се посочува дека се намалува времето во кое може да се дејствува со глобалните кампањи за туберкулозата, да ѝ се стави крај на истата. Ова е особено важно бидејќи голем дел од сегашните ресурси се пренаменети во борбата против Ковид-19 и затоа вниманието на болестите како туберкулозата се намалува.

Затоа СЗО на денот за борбата против туберкулозата повикува за повеќе активности на различни фронта и тоа :

-Земјите во светот да ги имплементираат десетте приоритетни препораки предложени во годишниот извештај за борбата против туберкулозата во 2020

-Неопходните медицински прегледи и грижи да продолжат непрекинато да течат и покрај пандемијата со Ковид-19

-Системските скрининзи треба да бидат подобрени и да останат активни за да може да помогнат на сите пациенти

-Заедничка работа на повеќе владини и невладини сектори за да се стави крај на туберкулозата

Глобалната распространетост на туберкулозата

Ова заболување е широко распространето, односно се јавува во сите делови од светот. Статистичките податоци од 2018 година посочуваат дека најголем број новозаболени биле во Југоисточна Азија – 44%, а на второ место е Африка со околу 24% на новозаболени.

Состојба со туберкулозата во Република Северна Македонија

Со текот на годините во РСМ се забележува значително опаѓање на преваленцата на туберкулозата, што значи дека државните кампањи против истата оствариле успех. Од  20,8 на 100 000 жители или 428 случаи во 2013 година, бројките опаднале на 10.4 на        100 000 жители или 215 регистрирани случаи  во 2019 година. Податоците посочени во дијаграмот подоле укажуваат дека од 2010 година па наваму имаме значителен пад на случаите, но сепак таа бројка во последните неколку години стагнира.

tbc 1

 

Во однос на инциденцата во РСМ во 2019 се забележани 9,6 на 100 000 жители или 161 новозаболени, во споредба со 2013 каде што инциденцата изнесувала 15,7 на 100 000 жители или 323 новозаболени лица од туберкулоза. Трендот што постои овде е сличен како и кај преваленцата, значително опаѓање на бројот на нови случаи во последните 10 години, но со мала стагнација во последните три години.

tbc 2

И покрај тоа што имаме подобрување на општата состојба со туберкулозата во нашата земја, не треба да престанеме со напорите да ставиме целосен крај на истата. Акциите во државната акција за борба со туберкулоза и понатаму треба да се спроведуваат и да се работи на подобрување на истите. Сите надлежни институции треба да ја одиграат својата улога во борбата против туберкулозата со цел да се спречи ширењето на истата. Секако оваа година ќе бидат потребни и поголеми напори поради моменталната ситуација во светот и борбата против Ковид-19 што се одвива на сите фронтови. Но тоа не треба да влијае на веќе постоечките борби против заразните и незаразните заболувања. Сите состојби си бараат посебно внимание, па затоа да ги следиме препораките од СЗО и да го оствариме нашиот удел во борбата против туберкулозата, за да може конечно да ставиме крај на истата.

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести