Секоја година на 31 Мај, Светската здравствена организација (СЗО)  и партнерите го одбележуваат Светскиот ден за борба против пушење, потенцирајќи ги здравствените ризици поврзани со употребата на тутунот и промовирајќи ефективни политики за намалување на употребата на тутунот. Светски ден за борба против пушење се одбележува уште од 1987 година. Статистичките податоци покажуваат дека една испушена цигара го скратува животот за 12 минути. Според  податоците од СЗО во светот пушат 1,1 милијарда луѓе од кои 200 милиони се жени. 6 милиони луѓе годишно умираат од пушење,меѓу нив 600 000 пасивни пушачи. Во Р.Македонија се регистрираат близу 700 000 пушачи, трошејќи годишно 11 тони цигари или 5, 5 килограми тутун по глава на жител. Негативното влијание на цигарите и димот од цигарите е директно поврзано со многу сериозни заболувања. Негативните ефекти по здравјето се должат на околу 2500 токсини содржани во тутунот и на околу 4000 супстанци содржани во димот на цигарите. Најмалку 250 од овие хемикалии се токсични,а повеќе од 60 од нив се познати како канцерогени. Последиците од употребата на тутунот се: рак на белите дробови, рак на грлото и оралната празнина, срцевите болести и болести на крвните садови и мозокот, хроничен бронхит, хронични неинфективни заболувања и многу други. Пасивното пушење (вдишување на чад од оние кои пушат) го зголемува ризикот на непушачите од рак на белите дробови и ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај бебињата.

Годинешното мото на Светскиот ден за борба против пушење е ”Стоп за  недозволената трговија со тутунски производи”. По повод  Светскиот ден за борба против пушењето во 2015 година се повикуваат земјите да работат заедно за да престане  недозволената трговија со тутунските производи. Недозволената  трговија е глобален проблем, од аспект на здравство , легислатива, економија  и водењето на политика и корупција.

 

Според  информации добиени од меѓународните царински служби, 1 од 10 потрошени цигари е набавена на илегален начин.

Европската комисија оценува дека недозволената трговија со цигари ја чинат Европската унија и нејзините членки повеќе од 10 милијарди евра  годишно губиток на такси и царински приходи.

Со цел  справување со овој проблем, во ноември 2012 година, меѓународната заедница го прифатила  Протоколот  за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи, како прв протокол на СЗО во рамките на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (WHO FCTC).

 

Целите на кампањата на СЗО се :

  • Подигање на свеста за штетноста по здравјето на луѓето предизвикана од недозволената трговија со тутунски производи, посебно кај младите и луѓето со ниски приходи, поради зголеменaта достапност како резултат на ниските цени;
  • Да се прикаже како недозволената трговија со тутун негативно влијае врз здравствената грижа, контролата на тутун, како зголемување на таксите и цените, предупредувачки пораки и други мерки;
  • Да се демонстрира како тутунската индустрија е вклучена во недозволената трговија со тутунски производи;
  • Да се потенцира како недозволената трговија со тутунски производи влијае, огромно богатство за криминалните групи да финансираат други организирани криминални активности вклучувајќи : дрога, трговија со луѓе и оружје, како и тероризам.
  • -Промовирање на ратификацијата и примената на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи на сите членки на Конвенцијата и предвремено стапување на сила низ активно вклучување на релевантните донесувачи на одлуки.

 

PDF БРОШУРА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК