Хигиената на рацете овозможува безбедна хируршка нега

Република  Македонија по трет пат го одбележа  5 Мај- Светскиот  ден за хигиена на рацете. Кампањата  на Светската здравствена организација – Спаси живот- Чисти ги рацете има за цел да се одржи и потенцира  важноста на  чистењето на  рацете  во здравствената нега.

fotografija

Една од многуте одговорности на  здравствените работници кон пациентите кои доаѓаат на болничко лекување,  меѓу другото,  е да им се обезбеди и гарантира безбедност  од  болнички асоцирани инфекции кои најчесто настануваат од мултирезистентни соеви на бактерии кои се шират преку:  контаминираните раце на здравствените работници, пациентите и посетителите; контаминирана опрема и контаминирана околина на пациентите. Тоа е можно само со  постојано надградување и континуирана едукација и практикување на безбедни постапки во рутинската  работа. Една од тие безбедни постапки на кои постојано треба да се потсетуваме е токму правилната хигиена на рацете, која подразбира  миење или триење на рацете со дезинфициенс  во вистинско време и на вистински начин.

Рацете се најелементарниот начин на пренесување на микроорганизмите  за време на здравствената нега. Последица на тоа се: сериозни инфекции, особено кај критично болните пациенти; продолжено болничко лекување; долготраен инвалидитет; финансиско оптоварување  на пациентите и нивните семејства, како и на  здравствениот систем, но најзначајна последица се  изгубените човечки животи.

Оттука потребата секој здравствен работник, како и секое лице кое е директно или индиректо вклучено во грижата за болните (семејството и посетителите), да обрнува внимание на хигиената на рацете и правилно да ја практикува.

Оваа година мотото на Светската здравствена организација (СЗО) за овој ден е: Погледни ги своите раце – хигиената на рацете овозможува безбедна хируршка нега.Фокусот на овогодинешната кампања е подобрување на практиките за хигиена на рацете во хирургијата започнувајќи од хируршките оддели, преку оперативните сали, до хируршките амбуланти.

Болничките инфекции поврзани со хируршка интервенција се ризик за секоја здравствена институција и секојдневно стануваат се поголем јавно-здравствен проблем. Особено ако се земе предвид податокот на СЗО дека 35% од здравствените институции во светот немаат доволни количества сапун и вода за оваа намена.

Свесни за значењето на хигиената на рацете и нејзината правилна примена во заштита на здравјето на пациентите, оваа година беа пријавени 174 држави и 18 365 болници низ целиот свет кои ќе го одбележат овој ден и уште еднаш ќе ја потенцираат важноста на оваа постапка.

Република Македонија  беше една од  земјите кои  се приклучја во одбележувањето на  Светскиот ден за  хигиена на рацете на 5 мај 2016 година. Во насока на доближување на активностите до здравствените работници кои работат на територијата на општина Велес, и другите блиски општини: Кавадраци, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Кочани, Штип. Настанот во општина Велес го отвори прим др Голубинка Бошевска, д-р сци, национален координатор за антимикробна резистенција, од Институтот за Јавно Здравје на РМ. Покровител е Канцеларијата на СЗО во Скопје и регионалната канцеларија на СЗО за Европа, а  во соработници се  Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Медицинскиот факултет – Скопје и ЦРИС Студиорум. По поздравниот говор на организатор и домаќин на настанот,  др Петре Саздов, член на советот на општина Велес, следеа стручните презентации:

  1. Значајни моменти за правилна хигиена на рацете во болнички услови според водичот на СЗО – проф др Кака Поповска – Јовановска, Медицински факултет, Скопје
  2. Хигиена на рацете, наједноставен и најисплатлив начин во справување на инфекции со мулти- антибиотик резистентни бактерии – проф др Никола Пановски, Медицински факултет, Скопје

На сите присутни е поделен едукативен материјал за правилна примена на хигиената на рацете, особено  5те моменти за хигиена на раце при грижа за пациент со постоперативна рана.

Спасете живот! Чистете ги рацете.

 

 ПРЕВЗЕМИ БРОШУРА 1

ПРЕВЗЕМИ БРОШУРА 2