ЕБОЛА ВИРУСНА БОЛЕСТ, ЗАПАДНА АФРИКА

Податоци за епидемијата до:22.10.2014

Досега се регистрирани вкупно 9.936 заболени и 4.877 смртни случаи во петте земји со активна трансмисија и во двете земји во кои епидемијата е одјавена (Сенегал и Нигерија). СЗО официјално ги прогласи епидемиите на Ебола во Сенегал (17.10.2014) и Нигерија (19.10.2014) за завршени. Според активноста на вирусот и распространетоста на болеста земјите се делат во две категории: земји со широко-распространета и интензивна трансмисија (Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне); и земји со еден до неколку случаи или со локализирана трансмисија (Шпанија, САД).

На 22.10.2014 година, СЗО го одржа Третиот состанок на Комитетот за итни случаи на Меѓународниот здравствен правилник (2005) за Ебола. Едногласна одлука на Комитетот е дека настанот продолжува да претставува јавно-здравствен настан од меѓународно значење (PHEIC).

Комитетот ги разгледа досегашните препораки, а даде и дополнителни совети до Генералниот директор. Сите претходни привремени препораки остануваат во сила. Иако неколку случаи се случиле надвор од трите земји со интензивна трансмисија, предложените мерки се чини дека се корисни во ограничувањето на натамошно меѓународно ширење. Дополнителните препораки следат подолу.

  • Земји со интензивна трансмисија (Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне)

Скринингот при излез во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне останува критичен за намалување на извозот на Ебола случаи. Земјите треба да го одржат и зајакнат високиот квалитет на скрининг при излез на сите лица на меѓународните аеродроми, пристаништа, како и главните копнени премини, за необјаснети фебрилни болести во согласност со дефиницијата на случај за Ебола. Скринингот при излез треба да се состои од прашалник, мерење на температурата, и ако е откриена треска, проценка на ризикот дали треската е предизвикана од вирусот на Ебола. Земјите треба да соберат податоци од нивните скрининг процедури, да ги следат резултатите и да ги споделуваат со СЗО на редовна основа и навремено. Ова ќе ја зголеми довербата на јавноста и ќе обезбеди важни информации на другите држави. СЗО треба да обезбеди дополнителна поддршка на државите за понатамошно зајакнување на скринингот.

  • Останати земји

Комитетот ја повтори својата препорака дека не треба да има општа забрана за меѓународно патување или трговија. Општата забраната за патување може да предизвика економски проблеми и може да ја зголеми неконтролираната миграција на луѓето од зафатените земји со што ќе го подигне ризикот од меѓународно ширење на Ебола. Комитетот ја нагласи важноста за нормализирање на воздушниот сообраќај и движењето на бродовите, вклучувајќи ракување со товар и стоки во и од погодените области, намалување на изолацијата и економските тешкотии на зафатените земји. Претходните препораки во врска со патувањето на ЕБВ случаи и контакти треба да продолжат да се спроведуваат.

Голем број држави неодамна воведоа скрининг при влез. СЗО охрабрува имплементирање на такви мерки и споделување на искуствата. Скринингот при влез може да има ограничен ефект во намалувањето на меѓународно ширење и неговите предности и недостатоци треба да бидат внимателно разгледани.

Голем број држави без трансмисија на Ебола одлучија или размислуваат за откажување на меѓународни состаноци и масовни собири. Иако Комитетот не препорачува откажувања, признава дека тие се сложени одлуки кои мора да се одлучуваат случај-по-случај.

Сите земји треба да ја зајакнат едукацијата и комуникацијата во борбата против стигмата, стравот и несоодветните мерки и реакции поврзани со Ебола. Таквите напори, исто така, може да поттикнат навремено само-пријавување на лица со симптоми.

Комитетот ја нагласи важноста за континуираната поддршка од страна на СЗО и други национални и меѓународни партнери кон ефикасно спроведување и следење на овие препораки.

  1. Земји со широко-распространета и интензивна трансмисија

Од почетокот на епидемијата, па до сега, пријавени се вкупно 9.911 (веројатни, потврдени и сомнителни) заболени и 4.868 смртни случаи од страна на Министерствата за здравство на Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија (Табела 1).

Табела 1. Потврдени, веројатни, сомнителни и смртни случаи од вирусот на Ебола во Гвинеја, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне, до 22 октомври 2014**

Земја Дефиниција на случај Заболени Случаи во последните 7 дена Починати
Гвинеја Потврдени 1.289 106 710
Веројатни 193 3 193
Сомнителни 58 0 1
Вкупно 1.540 109 904
Либерија* Потврдени 965 17 1.241
Веројатни 2.106 185 803
Сомнителни 1.594 211 661
Вкупно 4.665 413 2.705
Сиера Леоне** Потврдени 3.223 374 986
Веројатни 37 0 164
Сомнителни 446 80 109
Вкупно 3.706 454 1.259
Вкупно   9.911 976 4.868

* Во Либерија, според официјалните податоци од Министерството за здравство на оваа земја, пријавени се 276 смртни потврдени случаи повеќе од бројот на потврдени заболени лица.

** Во Сиера Леоне, според официјалните податоци од Министерството за здравство на оваа земја, пријавени се 127 смртни веројатни случаи повеќе од бројот на веројатни заболени лица.

Овие бројки се предмет на измена како резултат на понатамошни континуирани рекласификации, ретроспективни истражувања и достапност до лабораториски резултати.

  • Трансмисијата во Гвинеја продолжува да биде интензивна.
  • 444-те потврдени, веројатни и сомнителни случаи пријавени од Либерија оваа недела се најголем број на заболени во изминатите четири недели и четврт највисок број од почетокот на епидемијата. Либерија останува најлошо погодената земја. Само 15 од 444-те нови случаи пријавени на национално ниво од Либерија оваа недела се потврдени случаи. Ова се должи на континуираниот неуспех да се интегрираат лабораториските резултати со епидемиолошките извештаи. Многу веројатни и сомнителни случаи најверојатно, ќе бидат вистински случаи на ЕВБ.
  • ЕВБ трансмисијата останува интензивна во Сиера Леоне со пријавени 325 нови потврдени случаи во текот на изминатата недела.
  1. Земји со еден до неколку случаи или со локализирана трансмисија

Четири земји, Нигерија, Сенегал, Шпанија и САД досега пријавиле по еден случај или случаи увезени од земја со широка распространетост и интензивен пренос. СЗО официјално ги прогласи епидемиите на Ебола во Сенегал (17.10.2014) и Нигерија (19.10.2014) за завршени.

На 23 октомври CDC објави дека е хоспитализиран доктор кој доброволно работел во Гвинеја. Пациентот е известен за резултатите од прелиминарниот тест и останува во изолација. CDC дополнително ќе направи тест за потврда на болеста. Лицето од Африка во САД пристигнало на 17.10.2014 и ги поминал сите скриниг процедури и немал никакви симптоми на болест. На 23.10.2014 кај пациентот се јавила висока температура, по шти итно бил префрлен во болница. CDC ги пребарува и следи сите контакти.

Табела 2. Случаи на Ебола вирусна болест во Нигерија, Сенегал, Шпанија и САД

Земја Дефиниција на случај Заболени Починати
Нигерија Потврдени 19 7
Веројатни 1 1
Сомнителни 0 0
Вкупно 20 8
Сенегал Потврдени 1 0
Веројатни 0 0
Сомнителни 0 0
Вкупно 1 0
САД Потврдени 3 1
Веројатни 1 0
Сомнителни 0 0
Вкупно 4 1
Шпанија Потврдени 1 0
Веројатни 0 0
Сомнителни 0 0
Вкупно 1 0
Вкупно   26 9

АНЕКС 1. Состојба со ЕВБ во ДР Конго

 

До 20 октомври 2014 година, регистрирани се 66 случаи (38 потврдени, 28 веројатни) на Ебола вирусна болест (ЕВБ) во Демократска Република Конго, вклучувајќи осум меѓу здравствените работници. Вкупно се пријавени 49 смртни случаи, вклучувајќи осум меѓу здравствените работници.

1.116 од 1.121 контакт го завршиле 21-дневниот период на следење.

Оваа епидемија не е поврзана со епидемијата во земјите од Западна Африка (Гвинеја, Либерија, Нигерија, Сенегал и Сиера Леоне) и Шпанија и Соединетите Американски Држави.

АНЕКС 2. ЕВБ кај здравствени работници

Експозицијата на здравствените работници на ЕВБ во текот на оваа епидемија продолжува да биде алармантно. Досега, 443 здравствени работници развиле ЕВБ (78 во Гвинеја, 222 во Либерија, 11 во Нигерија и 129 во Сиера Леоне, како и еден во Шпанија и два во САД). Од нив, 244 здравствени работници починале како резултат на ЕВБ (41 во Гвинеја, 103 во Либерија, 5 во Нигерија и 95 во Сиера Леоне). Продолжуваат истражувањата за експозицијата на здравствените работници.

АНЕКС 2. Критериуми употребени за класификација на случаи на Ебола

Ебола случаите се класифицирани како: потврдени (секој сомнителен или веројатен случај со позитивен лабораториски резултат); веројатни (секој сомнителен случај евалуиран од страна на лекар, ИЛИ секој починат сомнителен случај кој има епидемиолошка врска со потврден случај, кога не е можно да се земат примероци за лабораториска потврда); или сомнителни (било кој човек, жив или мртов, кој имал ненадејна појава на висока температура и имал контакт со сомнителен, веројатен или потврден случај на Ебола или со мртви или болни животни, ИЛИ било кое лице со ненадејна појава на висока температура и најмалку три од следниве симптоми: главоболка, повраќање, анорексија/ губење на апетитот, дијареа, летаргија, болки во стомакот, болки во мускулите или зглобовите, тешкотии при голтање, тешкотии во дишењето, ИЛИ било кое лице со необјаснето крварење, ИЛИ ненадејна, необјаснета смрт).

Вкупниот број на случаи е предмет на промена поради рекласификација, ретроспективна истрага, консолидација на случаи и лабораториски податоци како и подобрен надзор. Податоците објавени во извештајот се базирани на достапни информации пријавени од страна на соодеветните Министерства за здравство.

Сектор за превенција и контрола на заразните заболувања

 Одделение за следење и надзор над заразните болести