Неделни податоци
Во текот на 18-тата недела од 2021 година (од 03-09.05.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 15 (I=0,7/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, незначителна промена во споредба со минатата недела (n=22).
Бројот на регистрирани случаи во 18-та недела е зголемен во споредба со минатата сезона (n=8) и намален во однос на типичната сезонска крива (n=35).
Сите заболени се пријавени од ПЕ Дебар.
Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број (9 лица) и највисока инциденца (8,6/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.
Во текот на 18-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнат е еден материјал за лабораториско тестирање на грип, истиот тестиран со негативен резултат за грип.
Кумулативни податоци
Во сезоната 2020/2021, вкупниот број на заболени изнесува 1.053 (I=50,2/100.000), 31,5 пати помалку во споредба со истиот период минатата сезона (n=33.145) и 24,9 пати помалку во однос на типичната сезонска крива (n=26.268).
Кумулативно, заболени се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени – 738 и највисока инциденца (2.659,0/100.000) се пријавени во Дебар.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени (373 случаи, 35,4%) и највисока инциденца (321,0/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Од почетокот на сезоната 2020/2021, заклучно со 18-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 36 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип. Дополнителни 7.014 материјали се паралелно тестирани за грип и КОВИД-19. Детектирани се два позитивни материјали – Influenza B.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Според податоците од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 28.922 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
Од вкупниот број на набавени вакцини, 9.146 се дадени на здравствените установи за здравствени работници и вработени во здравствените установи, во дијализните центри, во домовите за стари лица и на останати категории на лица. До ИЈЗ не е пристигната информација од Министерството за здравство за тоа колку од распределените вакцини се аплицирани.
Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на Центрите за јавно здравје, вакцинирани се 10.586 лица.
Заклучно со 18-та недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно 39.508 лица.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 17-та недела од 2021 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираат Inluenza A и B вируси.
Активноста на грип во Европскиот регион обично е на ниско ниво во овој период (пред крајот на сезоната).
Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем и капацитетите за тестирање на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија (намалено пријавување на епидемиолошки податоци и намалено тестирање за грип). Бројот на тестирани примероци во Европскиот регион е намален за 20%, но бројот на детектирани инфлуенца вируси е намален за 99%.
Спроведените мерки за превенција против КОВИД-19 со оглед на начинот на пренос на двете заболувања, делуваат и за грипот што исто така може да го објасни малиот број на пријавени случаи. Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје