ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 20-тата недела од 2021 година (од 17-23.05.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 45 (I=2,2/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, зголемување во споредба со минатата недела (n=29).

Бројот на пријавени лица оваа недела е зголемен споредено со 20-та недела од минатата сезона (n=11) и во однос на типичната сезонска крива (моделирана од последните 10 сезони) (n=24) (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела, како и во текот на целата сезона, е во рамките на вон-сезонска активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Во текот на 20-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, нема пристигнати материјали за лабораториско тестирање на грип, а 235 материјали се тестирани паралелно за грип и КОВИД-19. Сите тестирани материјали се со негативен резултат за грип.

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2020, сезона 2019/2020 и сезона 2020/2021

grip 1

Оваа недела сите заболени лица се пријавени од ПЕ Дебар (Табела 1 во Прилог).

Во 20-та недела, најголем број заболени лица (n=28; 62,2%) и највисока инциденца (24,1/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

КУМУЛАТИВНИ ПОДАТОЦИ ЗА СЕЗОНА 2020-2021

Во сезоната 2020/2021, вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 1.127 (I=54,5/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=33.171), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,4 пати, а во однос на моделот за последните 10 сезони (n=26.322) се регистрира намалување од 23,4 пати.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 14 извештајни единици.

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ПЕ Дебар (n=810; 71,9%), ПЕ Кичево (n=67; 5,9%), ЦЈЗ Охрид (n=58; 5,1%), ЦЈЗ Куманово (n=38; 3,4%) и ЦЈЗ Прилеп (n=33; 2,9%) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 2.918,4/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар. Повисока инциденца над 100,0/100.000 жители, регистрирана е во ПЕ Македонски Брод, ПЕ Кичево и ЦЈЗ Охрид (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2020/2021

 grip2

На следниот картограм е прикажана кумулативната инциденца на грип/заболувања слични на грип за сезоната 2020/2021 по ЦЈЗ/ПЕ. Од картограмот се гледа дека во однос на инциденцата на 100.000 жители, сезоната на грип била најинтензивна на територијата на ПЕ Дебар, а со нешто помал интензитет и во неколку ЦЈЗ/ПЕ од југозападниот на Македонија. (Картограм)

Картограм. Кумулативна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Северна Македонија, сезона 2020-2021

 grip3resized

Според возрасната дистрибуција, најголем број на заболени (413 случаи, 36,6%) и највисока инциденца (355,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години. (Графикон 3, Графикон 4)

 

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возраст,

                 сезона 2020/2021

grip graf 3

Графикон 4. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2020/2021

grip 4

 

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци. (Графикон 5)

 

Оваа сезона се карактеризира со тоа што во текот на целата сезона активноста на грип/заболувања слични на грип е на вонсезонско ниво. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 11-та недела од 2021. Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постоење на два пика, еден во декември и еден во месец март.

Од вкупниот број на заболени лица, во текот на 2020 година се регистрирани 379 лица или 18,4%. Останатите 81,6% или 748 лица се регистрирани во 2021 година.

 

Графикон 5. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2020/2021

grip5

Во текот на сезоната 2020/21 не се регистрирани смртни случаи асоцирани со грип.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

 

Во текот на сезоната 2020/2021, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, анализирани се вкупно 36 хумани материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти добиени од здравствените установи преку рутинскиот и сентинел системот за надзор над инфлуенца. Дополнителни 7.249 материјали се паралелно тестирани за грип и КОВИД-19. Детектирани се два позитивни материјали.

Од примероците од рутинскиот надзор (n=7.249), 2 се тестирани позитивни за присуство на вирусот на грип – Influenza B.

Од примероците од сентинел надзорот (n=36), не се детектирани позитивни примероци за присуство на вирусот на грип.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорача вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2020/2021, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население.

Дополнителни 14.500 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население и истите се добиваа за одреден финансиски надомест.

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10.11.2020 и се спроведуваше во Здравствените домови и Општите болници со проширена дејност (бесплатна вакцинација) и Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици (приватни вакцини). Закажувањето за бесплатните вакцини се одвиваше кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Според податоците од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 28.922 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Од вкупниот број на набавени вакцини, 3.645 се дадени на здравствените установи за здравствени работници и вработени во здравствените установи, 1.284 во дијализните центри, 444 во домовите за стари лица и 506 на останати категории на лица.

Вакцинирано е вкупно 34.801 лицe со бесплатна вакцина во сезоната 2020/2021.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 10.760 лица на територијата на Р.С. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст од 30-64 години – 6.043 лица или 56,2%, на возраст над 65 години – 3.766 лица или 35,0%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 277 или 2,6%. Вакцинирани се 18 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 604 лица или 5,6%. Вакцинирани се 52 бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 5.665 лица (39,1%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Во Р.С. Македонија, во сезоната 2020/2021, вакциниранo е вкупно 45.561 лицe.

На Табела 1 е претставен бројот на вакцинирани лица по недели, од каде се гледа дека 76,0% примиле вакцина во периодот од 47-53 недела од 2020 година.

Табела 2. Број на вакцинирани лица против грип по недели, сезона 2020-2021

Недела,

сезона 2020/2021

Број на           вакцинирани лица Процент
46 недела 5.948 13,1%
47-49 недела 9.217 20,2%
50-53 недела 25.443 55,8%
1-20 недела 4.953 10,9%
ВКУПНО 45.561

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

 

Сезоната 2020/2021 се одликува со вон-сезонска активност, мал број на пријавени случаи, ниска инциденца и низок процент на позитивност од вкупниот број на тестирани лица.

Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија. Бројот на тестирани примероци за грип во регионот е намален за 20%, а бројот на детектирани инфлуенца вируси е намален за 99%.

Спроведените мерки за превенција против КОВИД-19 со оглед на начинот на пренос на двете заболувања, делуваат и за грипот што исто така може да го објасни малиот број на пријавени случаи. Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион во тек на целата сезона. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираа Inluenza A и B вируси. Детектирани се поединечни хоспитализирани случаи со потврдена болест во тек на целата сезона.

СЗО ги даде препораките за вакцините против сезонски грип за употреба во сезоната 2021-2022 на северната хемисфера. Се препорачува квадривалентната вакцина да содржи:

Вакцини базирани на јајца

  • A/Victoria/2570/2019 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/Cambodia/e0826360/2020 (H3N2)-like virus;
  • B/Washington/02/2019 (B/Victoria lineage)-like virus; и
  • B/Phuket/3073/2013 (B/Yamagata lineage)-like virus

Вакцини базирани на клетки или рекомбинирани

  • A/Wisconsin/588/2019 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/Cambodia/e0826360/2020 (H3N2)-like virus;
  • B/Washington/02/2019 (B/Victoria lineage)-like virus; и
  • B/Phuket/3073/2013 (B/Yamagata lineage)-like virus.

Во тривалентните вакцини (двата типови) се препорачува да биде вклучена компонентата B/Washington/02/2019-like virus за B/Victoria lineage во делот за Influenza B, додека компонентите за Influenza А се истите што се препорачани кај квадривалентните вакцини.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија