Неделни податоци
Во текот на 4-та недела од 2020 година (20.01–26.01.2020), пријавени се 1.600 (I=77,3/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 45,5% во споредба со минатата недела (n=1.100).
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 4-та недела од минатата сезона (n=643) е зголемен за 2,5 пати, а во споредба со бројот за 4-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=2.156) се регистрира намалување од 25,8% (Графикон 1).
Регистрираната инциденца оваа недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност (I=36,4/100.000) на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 57 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 34 (59,6%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 25 е детектиран тип А (17 A/H1pdm, 5 A/H3 и 3 несубтипизирани), а 9 се инфлуенца тип Б (3 Victoria и 6 неодредена линија).
Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020
Како и во претходните, така и во 4-та недела најголем број случаи (n=954; 59,6%) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години, додека највисока инциденца од 200,5/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години (Графикон 2).
Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020
Оваа недела пријавени се случаи од 24 извештајни единици, од кои во 17 инциденцата е над неделната граница на сезонската активност. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=286), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива ПЕ Дебар (I=428,8/100.000 жители) со 119 пријавени случаи.
Во 7 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 14 е регистрирана сезонска (ниска), во 2 – Струмица и Кавадарци – висока и во една – Дебар се регистрира многу висока активност на вирусот на грип (Картограм 1).
Картограм 1. Ниво на активност на грип, инциденца на 100.000 жители, 4-та недела 2020
Кумулативни податоци
Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 4.318 (I=208,7/100.000).
Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=2.970), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 45,4%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=7.064) се регистрира намалување од 38,9%.
Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од 27 извештајни единици.
Најголем број на случаи се регистрирани во ЦЈЗ Струмица (n=828), ПЕ Гостивар (n=632) и ЦЈЗ Скопје (n=630) (Графикон 3).
Највисока кумулативна инциденца од 1.484,4/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 412 случаи. Кумулативна инциденца над 300,0/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Гостивар и ПЕ Радовиш (Графикон 3).
Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020
Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 2.632 (61,0%), а највисока кумулативна инциденца од 477,7/100.000 се регистрира кај децата од 0-4 години (Графикон 4).
Графикон 4. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасна група, сезона 2019/2020
Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графиконот 5. Најголем број (3.490) и процент (80,8%) од заболените е регистриран во јануари.
Графикон 5. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020
ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР
Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 203 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 60 (29,6%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).
Од позитивните, 43 (71,7%) се Influenza A, додека 17 (28,3%) се Influenza В.
Според субтипот на Influenza A, 25 (58,1%) се A/H1pdm, 10 (23,3%) A/H3, а 8 се несуптипизирани.
Според линијата на Influenza В, 9 (52,9%) се B/Victoria, а 8 се со неодредена линија.
Графикон 6. Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2019/2020
ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР
Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, а процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор за оваа недела е 59,6%. Во пораст е интензитетот и распространетоста на вирусот, што заедно со високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.
Се очекува натамошен пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.095 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
Во однос на комерцијалните вакцини, заклучно со 19.01.2020, а согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.627 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.262 лица или 49,6%, на возраст од 30-64 години – 6.487 лица или 44,3%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 461 или 3,2%. Вакцинирани се 10 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 404 лица или 2,8%. Вакцинирани се три бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 7.891 лица (53,9%) се со историја на хронично/и заболување/а. Најголем дел од преостанатите комерцијални вакцини се прераспределени, и ќе се даваат како бесплатни, на ризичните категории на население наведени погоре, за што ќе се известува на месечно ниво.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 3-та недела од 2020 година, активноста на вирусот на грип продолжи да се зголемува. Во земјите што обезбедија извештај, една земја пријави висок, а 8 среден интензитет, а најголем дел од земјите пријавуваат широко распространета активност.
Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019. Во поголемиот дел од земјите доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси.
Во текот на 3-тата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 44,6%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 23,9% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите. Од нив, 67,7% се Influenza A, а 32,3% Influenza B. Меѓу Influenza A вирусите, ко-циркулираат A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.
Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје