Во текот на 41-вата недела од 2022 година (од 10-16.10.2022), во Република Северна Македонија се пријавени 20 случаи (1,1/100.000 жители) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната, во споредба со минатата сезона и просекот.

Заболените лица оваа недела се првите случаи пријавени во новата сезона и се регистрирани во Куманово – 13, Тетово – 5, Кавадарци – 1, Гостивар – 1.

Во однос на возраста, од 15-64 години регистрирани се 11 лица, од 5-14 и над 65 – по 4 и од 0-4 години – 1 лице.

 

Во текот на 41-ва извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 148 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 1 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Кумулативно, досега се тестирани 489 материјали и сите се со негативен резултат.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2022/2023, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население.

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2022/2023 започна на 19.10.2022 и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.

Дополнителни 6.000 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 40-та недела 2022 година за активноста на вирусот на грип низ Европскиот регион:

  • 3% од сите примероци од примарната здравствена заштита од пациенти со ИЛИ или АРИ симптоми биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
  • Само една држава од регионот (Шкотска) пријави регионална активност на вирусот на грип.
  • Вирусите на грип тип А и Б се детектирани со доминација на Influenza А(H3).
  • Пријавени се хоспитализирани случаи со потврдена инфекција со вирусот на грип (детектирани се А и Б) од единиците за интензивна нега и САРИ надзорот.

 

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 25 земји се на базично, а 9 на ниско ниво. Според географската раширеност, 17 земји немаат активност, 14 пријавуваат спорадични случаи, 1 со локална раширеност и 1 земја – регионална географска раширеност.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје