Во текот на 44ата недела од 2021 година (од 01-07.11.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 64 случаи (I=3,1/100.000) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната во споредба со минатата сезона и просекот.

Заболените лица се регистрирани во Дебар – 32, Гостивар – 16, Кавадарци – 7, Прилеп – 6, и Кратово, Струмица и Тетово – по 1. Во однос на возрасната група од 15-64 години регистрирани се 29 лица, од 0-4 години се регистрирани 20 лица, 11 лица се пријавени од 5-14 години и 4 лица од возрасната група над 65 години.

 

Кумулативно, од почетокот на сезоната, пријавени се 166 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Од нив, 65 се од Дебар, 39 од Гостивар , 30 од Охрид, 10 од Кавадарци, 8 од Скопје, 7 од Тетово, 6 од Прилеп и по еден од Струмица и Кратово. Според возрасната дистрибуција, најголем дел од пријавените (76) се на возраст од 15-64 години.

Во текот на 44-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 324 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 7 од сентинел САРИ надзорот и еден од рутински надзор над грип, паралелно тестирани за грип и COVID-19. Регистриран е еден позитивен случај на Influenza B несубтипизиран, од рутинскиот надзор. Се работи за лице од Скопје од возрасната група 15-64 години.

Досега е пристигнат 871 материјал паралелно тестиран за грип и COVID-19, од нив регистриран е  еден позитивен случај на Influenza B несубтипизиран.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 43-тата недела 2021 година, активноста на вирусот на грип е на ниско ниво, а Узбекистан пријави средно ниво на активноста на вирусот на грипот.

Спорадично е детектиран вирусот на грип кај примероци од лица со респираторни заболувања кои се јавуваат на медицинска нега. Откриен е Influenza A вирусот, при што преовладува подтипот А(H3). Influenza A вирусот е детектиран кај еден пациент на интензивна нега. Кај шестнаесет САРИ случаи од болнички установи е детектиран подтипот А(H3). Influenza A вирусот беше детектиран кај 6 пациенти од други болнички одделенија.

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје