Во текот на 45-тата недела од 2020 година (од 02-08.11.2020), во Република Северна Македонија пријавени се 20 (I=1,0/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип.

Бројот на регистрирани случаи во 45-та недела е намален во споредба со минатата сезона (n=39) и со типичната сезонска крива (n=73).

Заболените се пријавени од 2 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 15 и во Гостивар – 5.

Во однос на возрасната дистрибуција, 7 лица се од возрасната група од 15-64 години, a највисока инциденца (4,3/100.000) е регистрирана кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на 45-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ нема пристигнати материјали за лабораториско тестирање на грип.

 

Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени изнесува 120 (I=5,8/100.000), 5 помалку во споредба со истиот период минатата година кога биле регистрирани 125 заболени лица.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 49 случаи (40,8%), а највисока инциденца (34,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

 

Од почетокот на сезоната 2020/2021, заклучно со 45-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ нема пристигнати материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за постари лица, лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10.11.2020 и се спроведува во Здравствените домови и Општите болници со проширена дејност (бесплатна вакцинација) и Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици (приватни вакцини).

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 44-та недела 2020 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираат Inluenza A и Inluenza B. Не се регистрирани хоспитализирани случаи со лабораториски потврдена болест.

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 28 земји се на базично ниво, а 3 се со низок интензитет. Според географската раширеност, 27 земји немаат активност, а 5 пријавуваат спорадични случаи.

Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем и капацитетите за тестирање на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија (намалено пријавување на епидемиолошки и вирусолошки податоци за грип). Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје