Во текот на 45-та недела од 2022 година (од 07-13.11.2022), во Република Северна Македонија се пријавени 15 случаи (0,82/100.000 жители) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната, на исто ниво во споредба со минатата недела, намалено во однос на минатата сезона и просекот.

Заболените лица се регистрирани во Гостивар – 12, Тетово – 2 и Струмица – 1.

Во однос на возраста, од 15-64 години регистрирани се 13 лица и кај возрасните групи од 5-14 и над 65 години – по 1.

Во текот на 45-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, 220 материјали од кои 11 од сентинел САРИ надзорот беа паралелно тестирани за грип и COVID-19. Од тестираните материјали сите се со негативен резултат.

Кумулативно од 40-45 недела, пријавен е вкупно 91 случај (5,0/100.000 жители).

Најголем број се пријавени во Тетово (38) и Гостивар (32). Во однос на возраста, најголем број е пријавен кај најголемата возрасна група од 15-64 години – 62 заболени.

Кумулативно, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, досега се тестирани 1.566 материјали од кои еден е со позитивен резултат - Influenza A(H3).

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2022/2023, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 20.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2022/2023 започна на 19.10.2022 и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.

 

Дополнителни 6.000 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 49.813 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. Во однос на комерцијалните вакцини вакцинирани се 2.119 лица.

Заклучно со 45-та недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно  51.932 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 44-та недела 2022 година за активноста на вирусот на грип низ Европскиот регион:

  • Три земји во регионот пријавија широко распространета активност на грип и/или висок интензитет, Шкотска, Малта и Португалија.
  • Процентот на сите примероци од примарна здравствена заштита од сентинел од пациенти со симптоми на ИЛИ или АРИ кои биле позитивни на вирусот на грип се зголеми на 7% (8% во претходната недела), што е под епидемискиот праг поставен на 10%.
  • Германија, Казахстан и Шкотска пријавија активност на сезонски грип над 10% позитивност во сентинел местата од примарна здравствена заштита.
  • Се детектираат вирусите на грип тип А и Б, при што А(H3) се доминантни во сентинел и редовниот надзор.
  • Пријавени се хоспитализирани случаи со потврдена инфекција со вирусот на грип од болнички одделенија без интензивна нега (14 Influenza А и 1 Influenza B) и САРИ надзорот (71 Influenza B, од кои 69 се од Казахстан и 10 Influenza А), а ниту еден позитивен случај не е пријавен од одделенијата за интензивна нега.

 

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 18 земји се на базично, 17 на ниско ниво и 1 земја на високо ниво.

Според географската распространетост, 9 земји немаат активност, 19 пријавуваат спорадични случаи, 3 со локална распространетост, 3 земји – регионална географска распространетост и 2 земји широка распространетост.

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје