Неделни податоци

Во текот на 50-тата недела од 2020 година (од 07-13.12.2020), во Република Северна Македонија пријавен е 29 (I=1,4/100.000) случај на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип.

Бројот на регистрирани случаи во 50-та недела е намален во споредба со минатата сезона (n=92) и со типичната сезонска крива (n=142).

Заболените се пријавени од 5 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 17, во Куманово и Македонски Брод – по 5 и во Прилеп и Тетово – по 1.

Во однос на возрасната дистрибуција, 10 лица се од возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца (6,0/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на 50-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнат е еден материјал за лабораториско тестирање на грип. Истиот е со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Кумулативни податоци

 

Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени изнесува 288 (I=13,9/100.000), 45,1% помалку во споредба со истиот период минатата сезона (n=525) и 63,9% помалку во однос на типичната сезонска крива (n=798).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 122 случаи (42,4%), а највисока инциденца (75,7/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

 

Од почетокот на сезоната 2020/2021, заклучно со 50-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 6 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип. Истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2020/2021, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население.

Дополнителни дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест.

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10.11.2020 и се спроведува во Здравствените домови и Општите болници со проширена дејност (бесплатна вакцинација) и Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици (приватни вакцини). Закажувањето за бесплатните вакцини ќе се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 15.839 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Од вкупниот број на набавени вакцини, 2.790 се дадени на здравствените установи и истите се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештајот на ЦЈЗ Скопје, вакцинирани се 2.000 лица на територијата на Скопје.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 49-та недела 2020 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираат Inluenza A и Inluenza B. Не се регистрирани хоспитализирани случаи со лабораториски потврдена болест.

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 30 земји се на базично ниво, а 5 се со низок интензитет. Според географската раширеност, 29 земји немаат активност, 5 пријавуваат спорадични случаи, а една земја има локална распространетост.

 

Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем и капацитетите за тестирање на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија (намалено пријавување на епидемиолошки и вирусолошки податоци за грип). Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.

 

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје