Неделни податоци

Во текот на 7-ма недела од 2020 година, пријавени се 5.660 (I=273,5/100.000) случаи со грип/ заболувања слични на грип, зголемување за 56,6% во споредба со минатата недела (n=3.614).

Бројот на пријавени лица споредено со 7-ма недела од минатата сезона (n=2.943) е зголемен за 92,3%, а во споредба со бројот за 7-ма недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=3.249) се регистрира зголемување од 74,2% (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е над неделната граница на висока активност (I=269,0/100.000) на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Во текот на оваа недела, регистрирани се 3 смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на различна возраст – од 14-85 години од Скопје, Кочани и Пробиштип кои биле хоспитализирани на различни клиники во УКЦ Мајка Тереза во Скопје. Кај сите починати лица утврдено е присуство на коморбидитети и ниту еден од нив не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Кај трите лица, лабораториски е потврдена Influenza A/H1pdm.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, во текот на 7-ма недела, пристигнат е 91 материјал за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 62 (68,1%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 37 (59,7%) е детектиран тип А (23 A/H3, 13 A/H1pdm и 1 несубтипизиран), а 25 (40,3%) се инфлуенца тип Б (24 Victoria и 1 неодредена линија).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

grip 7.1

Во 7-ма недела, најголем број случаи (n=2.578; 45,5%) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години, додека највисока инциденца од 924,6/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години (Графикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

7.2 grip

 

Оваа недела пријавени се случаи од 28 извештајни единици, од кои во 17 инциденцата е над неделната граница на средна сезонска активност. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=1.233), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива ЦЈЗ Велес (I=1.219,5/100.000 жители) со 808 пријавени случаи.

Во 4 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 7 е регистрирана сезонска (ниска), во 9 – средна, во една висока и во 7 се регистрира многу висока активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип, инциденца на 100.000 жители, 7-ма недела 2020

7.3

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 16.417 (I=793,4/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=9.411), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 74,4%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=16.299) се регистрира зголемување од 0,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од сите извештајни единици.

Најголем број на случаи се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.186), ЦЈЗ Струмица (n=2.289), ПЕ Кавадарци (n=1.440), ЦЈЗ Тетово (n=1.206) и ПЕ Гостивар (n=1.165) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 3.346,2/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци каде се регистрирани вкупно 1.440 случаи. Кумулативна инциденца над 1.000,0/100.000 жители е регистрирана во ЦЈЗ Велес, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица и ЦЈЗ Штип (Графикон 3).

Во текот на сезоната се регистрирани вкупно 3 смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

 7.4

 

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 8.251 (50,3%), а највисока кумулативна инциденца од 2.194,0/100.000 се регистрира кај децата од 5-14 години (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасна група, сезона 2019/2020

7.5

 

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графиконот 5. Најголем број (9.274) и процент (56,5%) од заболените е регистриран во февруари (за период од две недели).

Графикон 5. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020

 7.6

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 482 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 240 (49,8%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).

Од позитивните, 141 (58,8%) се Influenza A, додека 99 (41,2%) се Influenza В.

Според субтипот на Influenza A, 72 (51,1%) се A/H1pdm, 57 (40,4%) A/H3, а 12 се несуптипизирани.

Според линијата на Influenza В, 79 (79,8%) се B/Victoria, а 20 се со неодредена линија.

Графикон 6.  Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2019/2020

 7.7

7.8

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип за прв пат оваа сезона е над неделната граница на висока активност, а процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор е највисок за оваа недела, и изнесува 68,1%. Се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип. Во пораст е интензитетот и распространетоста на вирусот, што заедно со високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип.

Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.

Се очекува стабилизирање на трендот на раст во текот на следните недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирано е вкупно 28.661 лице од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

 

Во однос на комерцијалните вакцини, заклучно со 14.02.2020, а согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.972 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.888 лица или 52,7%, на возраст од 30-64 години – 6.705 лица или 44,8%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 276 или 1,8%. Вакцинирани се 7 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 94 лица или 0,6%. Вакцинирани се две бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 9.011 лица (60,2%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Дополнително, вакцинирани се 1.252 здравствени работници по пренамената на дел од комерцијалните вакцини за оваа категорија на лица под ризик.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 6-та недела од 2020 година, активноста на вирусот на грип континуирано се зголемува. Осум земји пријавија многу висок или висок интензитет. Најголем дел од земјите пријавуваат широко распространета активност.

Активност на грипот оваа сезона во Европскиот регион на СЗО започна порано во споредба со претходните години. Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019. Во поголемиот дел од земјите доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси.

Во текот на 6-тата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 51,3%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 34,8% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите. Од нив, 67,5% се Influenza A, а 32,5% Influenza B. Меѓу Influenza A вирусите, ко-циркулираат A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.

Во најголем дел од примероците од тешки случаи примени на одделенија за интензивна нега и други болнички оддели – 80%, откриени се вируси на грип од типот А.

Соопштените проценки на смртни случаи предизвикани од сите причини од 22 земји кои известуваат за проектот EuroMOMO покажуваат мало зголемување на трендот на смртност од сите причини во последните неколку недели.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје