Неделни податоци
Во текот на 9-та недела од 2020 година, пријавени се 4.946 (I=239,0/100.000) случаи со грип/ заболувања слични на грип, намалување од 12,5% во споредба со минатата недела (n=5.654).
Бројот на пријавени лица споредено со 9-та недела од минатата сезона (n=2.678) е зголемен за 84,7%, а во споредба со бројот за 9-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=2.219) се регистрира зголемување од 2,2 пати (Графикон 1).
Регистрираната инциденца оваа недела е во рамките на средна активност (I=161,2-269,0/100.000) на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, во текот на 9-та недела, пристигнати се 79 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 38 (48,1%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 17 (44,7%) е детектиран тип А (12 A/H3, 4 A/H1pdm, 1 несубтипизиран), а 21 (55,3%) се инфлуенца тип Б (18 Victoria и 3 неодредена линија).
Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020
Во 9-та недела, најголем број случаи (n=2.573; 52,0%) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години, додека највисока инциденца од 649,4/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години (Графикон 2).
Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020
Оваа недела пријавени се случаи од 29 извештајни единици, од кои во 18 инциденцата е над неделната граница на средна сезонска активност. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=855), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива ЦЈЗ Велес (I=1.233,1/100.000 жители) со 817 пријавени случаи.
Во 2 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 9 е регистрирана сезонска (ниска), во 9 – средна, во 3 висока и во 6 се регистрира многу висока активност на вирусот на грип (Картограм 1).
Картограм 1. Ниво на активност на грип, инциденца на 100.000 жители, 9-та недела 2020
Кумулативни податоци
Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 27.017 (I=1.305,7/100.000).
Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=15.298), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 76,6%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=21.435) се регистрира зголемување од 26,0%.
Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од сите извештајни единици.
Најголем број на случаи се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=5.106), ЦЈЗ Струмица (n=2.895), ПЕ Кавадарци (n=2.309), ЦЈЗ Велес (n=2.276) и ЦЈЗ Куманово (n=2.002) (Графикон 3).
Највисока кумулативна инциденца од 5.365,6/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Кумулативна инциденца над 2.000,0/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кратово, ЦЈЗ Велес, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе и ЦЈЗ Штип (Графикон 3).
Во текот на сезоната се регистрирани вкупно 3 смртни случаи асоцирани со грип.
Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020
Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.600 (50,3%), а највисока кумулативна инциденца од 3.661,7/100.000 се регистрира кај децата од 5-14 години (Графикон 4).
Графикон 4. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасна група, сезона 2019/2020
Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графиконот 5. Најголем број (19.874) и процент (73,6%) од заболените е регистриран во февруари.
Графикон 5. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020
ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР
Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 660 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 333 (50,5%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).
Од позитивните, 183 (55,0%) се Influenza A, додека 150 (45,0%) се Influenza В.
Според субтипот на Influenza A, 86 (47,0%) се A/H1pdm, 84 (45,9%) A/H3, а 13 се несуптипизирани.
Според линијата на Influenza В, 113 (75,3%) се B/Victoria, а 37 се со неодредена линија.
Графикон 6. Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2019/2020
ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР
Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип се намалува и по две недели над границата на висока активност сега е во рамките на средна активност. Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор изнесува 48,1% што исто укажува на намалување на активноста на вирусот на грип. Се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.
Се очекува понатамошно намалување на активноста во текот на следните недели од сезоната.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.664 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
Во однос на комерцијалните вакцини, заклучно со 01.03.2020, а согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.973 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.888 лица или 52,7%, на возраст од 30-64 години – 6.706 лица или 44,8%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 276 или 1,8%. Вакцинирани се 7 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 94 лица или 0,6%. Вакцинирани се две бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 9.012 лица (60,2%) се со историја на хронично/и заболување/а.
Дополнително, вакцинирани се 1.252 здравствени работници по пренамената на дел од комерцијалните вакцини за оваа категорија на лица под ризик.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 8-ма недела од 2020 година, пикот на сезоната на грип во европските земји е достигнат во петтата недела. Седум земји пријавија висок интензитет. Најголем дел од земјите пријавуваат широко распространета активност.
Активност на грипот оваа сезона во Европскиот регион на СЗО започна порано во споредба со претходните години. Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019. Во поголемиот дел од земјите доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси.
Во текот на 8-мата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 47,5%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 37% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите. Од нив, 66% се Influenza A, а 34% Influenza B. Меѓу Influenza A вирусите, доминира A(H1N1)pdm09, а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.
Соопштените проценки на смртни случаи предизвикани од сите причини од 24 земји кои известуваат за EuroMOMO покажуваат нормално ниво на смртност од сите причини.
Земјите и понатаму треба да ја поттикнуваат вакцинацијата како најдобра мерка за превенција.
Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје