ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во 20-та недела од 2020 (11-17.05.2020), пријавени се 11 (I=0,5/100.000) случаи со заболувања слични на грип, незначително намалување во споредба со минатата недела (n=11).

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 63,3% споредено со 20-та недела од минатата сезона (n=30), а намалување од 57,4% е забележано и во споредба со 20-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е во рамките на вон-сезонска активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ не се пристигнати материјали за тестирање на грип (Графикон 6).

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

grip 1

Оваа недела пријавени се заболени лица од 3 извештајни единици. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Прилеп (n=7) каде е регистрирана и највисока инциденца од I=7,5/100.000 (Табела 1 во Прилог).

Во 20-та недела, најголем број заболени лица (n=6; 54,5%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 0,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

КУМУЛАТИВНИ ПОДАТОЦИ ЗА СЕЗОНА 2019-2020

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 33.171 (I=1.603,1/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=21.531), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 54,1%, а во однос на моделот за последните 9 сезони (n=25.595) се регистрира намалување од 29,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=6.084; 18,3%), ЦЈЗ Струмица (n=3.210; 9,7%), ЦЈЗ Велес (n=2.822; 8,5%), ПЕ Кавадарци (n=2.720; 8,2%), ЦЈЗ Куманово (n=2.550; 7,7%), ЦЈЗ Битола (n=2.432; 7,3%) и ЦЈЗ Тетово (n=2.298; 5,7%) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 6.320,6/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци, ПЕ Кратово (4.462,3/100,000) и ЦЈЗ Велес (4.259,3/100,000). Висока инциденца над 2.000,0/100.000 жители, регистрирана е во ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Штип и ЦЈЗ Битола (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

 grip 2

На следниот графикон е прикажана кумулативната инциденца на грип/заболувања слични на грип за сезоната 2019/2020 по ЦЈЗ/ПЕ. Од картограмот се гледа дека во однос на инциденцата на 100.000 жители, сезоната на грип била најинтензивна на територијата на ПЕ Кавадарци, а со нешто помал интензитет и во неколку ЦЈЗ/ПЕ од источниот дел на државата (ЦЈЗ Струмица, ПЕ Кратово и ПЕ Св. Николе) и ПЕ Дебар во западниот дел на Македонија. (Картограм)

Картограм. Кумулативна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Северна Македонија, сезона 2019-2020

 grip 3

Според возрасната дистрибуција, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 17.060 случаи (51,4%) со ициденца од 1.169,0/100.000, а највисока кумулативна инциденца од 4327,5 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години, каде што кумулативно се регистрирани 10.016 случаи. (Графикон 3, Графикон 4)

 

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возраст                 сезона 2019/2020

grip 5

Графикон 4. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

grip 6

 

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци. (Графикон 5)

 

Влезот во сезоната на грип, согласно МЕМ моделот, е регистриран во 3-та недела од 2019 година,  а од 12-та недела повторно се регистрира вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 7-ма и 8-ма недела од 2020, неколку недели подоцна од очекуваното. Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари и достигнување врв во месец февруари.

Од вкупниот број на заболени лица, во текот на 2019 година се регистрирани 828 лица или 2,5%. Останатите 97,5% или 32.343 лица се регистрирани во 2020 година.

 

Графикон 5. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2019/2020

grip 7

Во текот на сезоната 2019/20, регистрирани се вкупно 3 смртни случаи асоцирани со грип.

Се работи за лица на различна возраст – од 14-85 години од Скопје, Кочани и Пробиштип кои биле хоспитализирани на различни клиники во УКЦ Мајка Тереза во Скопје. Кај сите починати лица утврдено е присуство на коморбидитети и ниту еден од нив не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Кај трите лица, лабораториски е потврдена Influenza A/H1pdm.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

 

Во текот на сезоната 2019/2020, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, анализиран е вкупно 776 хуман материјал од амбулантски и болнички лекувани пациенти добиени од здравствените установи преку рутинскиот и сентинел системот за надзор над инфлуенца, од кои 377 (48,6%) биле позитивни на инфлуенца вирусот.

Оваа сезона, ко-циркулираа Influenza A (n=198) и Influenza B (n=179) вирусите.

Од Influenza А позитивните, 91 (46,0%) се конфирмирани како Influenza A(H1)pdm, 93 (47,0%) се Influenza А(H3), а 14 (7,0%) се нетипизирани Influenza А вируси.

Според линијата на Influenza В, 137 (76,5%) се B/Victoria, а 42 (23,5%) се со неодредена линија.

Од примероците од рутинскиот надзор (n=209), 102 (48,8%) се тестирани позитивни за присуство на вирусот на грип. Од нив, 32 се конфирмирани како Influenza А(H3), 18 се Influenza A(H1)pdm), а 3 се нетипизирани Influenza А вируси. Линијата Influenza B Victoria е потврден кај 29  примероци, а неодредена линија на Influenza B е детектирана кај  20 хумани примероци.

Од примероците од сентинел надзорот (n=567), 48,5% се позитивни за присуство на вирусот на грип. Од нив, 73 се конфирмирани како Influenza A(H1)pdm, 61 се Influenza А(H3), а 11 се нетипизирани Influenza А вируси. Influenza B Victoria е докажан во 108 примероци, а неодредена линија на Influenza B во 22 хумани примероци (Табела 1, Графикон 6).

 

Табела 1. Дистрибуција бројот и процентот на позитивни материјали од рутинскиот и сентинел надзор по потекло и вкупно, Р. С. Македонија, 2019/2020

Тип и субтип на вирус Потекло Сезона 2019/20
рутински сентинел број %
Influenza A 53 145 198 100%
Influenza A(H1)pdm 18 73 91 46,0%
Influenza A(H3) 32 61 93 47,0%
нетипизирани Influenza А вируси 3 11 14 7,0%
Influenza Б 49 130 179 100%
Influenza Б Victoria 29 108 137 76,5%
нетипизирани Influenza Б 20 22 42 23,5%

 

 Графикон 6. Дистрибуција бројот и процентот на позитивни материјали од рутинскиот и сентинел надзор по тип и недели, Р. С. Македонија, 2019/2020

grip 8

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Од истите, 1.000 дози се наменети за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а преостанатите 27.000 дози се наменети за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници.

Дополнителни 20.800 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведуваа во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата се спроведуваше и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир.

Според податоците од Управата за електронско здравство, во сезоната 2019/20, вакцинирани се вкупно 28.664 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини (Табела 2 во прилог).

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.975 лица на територијата на Р.С. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.889 лица или 52,7%, на возраст од 30-64 години – 6.707 лица или 44,8%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 276 или 1,8%. Вакцинирани се 7 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 94 лице или 0,6%. Вакцинирани се две бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 9.014 лица (60,2%) се со историја на хронично/и заболување/а. Три вакцини се неправилно аплицирани (Табела 3 во прилог).

Дополнително, вакцинирани се 1.252 здравствени работници по пренамената на дел од комерцијалните вакцини за оваа категорија на лица под ризик (прикажани во кумулативните бројки во Табела 2 во прилог).

 

На Табела 2 е претставен бројот на вакцинирани лица по недели, од каде се гледа дека 74,2% примиле вакцина во текот на првите 4 недели од отпочнувањето со вакцинација.

Табела 2. Број на вакцинирани лица против грип по недели, сезона 2019-2020

Недела,сезона 2018/2019 Број на           вакцинирани лица Процент
46 недела 207 0,4%
47-49 недела 32.201 73,8%
50-52 недела 8.537 19,6%
1-20 недела 2.694 6,2%
ВКУПНО 43.639

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

 

Сезоната 2019/2020 се одликува со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, висока контагиозност на вирусот на грип, со голем број на пријавени случаи. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 7-ма и 8-ма недела од 2020.

Оваа сезона, почнувајќи од 3-та до 10-та недела, процентот на позитивни резултати преку вирусолошкиот надзор беше над 50%, а во пикот на сезоната процентот на позитивни примероци беше 68,1% (7 недела). Оваа сезона ко-циркулираа Influenza A и Influenza B вирусите. Од вкупно пристигнатите примероци, 48,6% беа позитивни за присуство на вирусот на грип.

Почнувајќи од 10-та недела, податоците од епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваа на постепено намалување на активноста на грипот која продолжи континуирано да опаѓа до 20-тата недела од 2020, односно до крајот на сезоната.

Предвременото нагло намалување на пријавувањето на случаи на грип, како и лабораториското тестирање корелира со почетокот на пандемијата на COVID-19.

Активноста на вирусот на грип е на вон-сезонско ниво на крајот од сезоната.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2019/2020, земјите Европскиот регион пријавија нагол пад на интензитетот што во најголем дел се должи на пандемијата со COVID-19 и затоа податоците треба внимателно да се анализираат.

Активност на грипот оваа сезона во Европскиот регион на СЗО започна порано во споредба со претходните години. Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019, надмина 50% помеѓу неделите 3-8/2020, а пикот е регистриран во неделата 5/2019.

Во поголемиот дел од земјите доминантен беше Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси. Од Influenza A, ко-циркулираа А(H1N1)pdm09 и А(H3N2). Од циркулирачките Influenza В вируси, огромното мнозинство припаѓа на линијата B/Victoria.

СЗО препорачува дека квадривалентните вакцини за употреба во сезоната на грип 2020-2021 година на северната хемисфера да ги содржат следниве:

Вакцини базирани на јајца

  • A/Guangdong-Maonan/SWL1536/2019 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/HongKong/2671/2019 (H3N2)-like virus;
  • B/Washington/02/2019 (B/Victoria lineage)-like virus; и
  • B/Phuket/3073/2013(B/Yamagata lineage)-like virus

Вакцини базирани на клетки или рекомбинирани

  • A/Hawaii/70/2019 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/HongKong/45/2019 (H3N2)-like virus;
  • B/Washington/02/2019 (B/Victoria lineage)-like virus; и
  • B/Phuket/3073/2013(B/Yamagata lineage)-like virus.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија