Согласно препораките на СЗО, содржани во документите на СЗО  “Меѓународно патување и здравје“ и  “Меѓународен здравствен правилник“,  сите лица кои патуваат во земји каде што е регистрирана ендемско – епидемискa појава на полиомиелит (види го документот подолу – Изјава на СЗО за состанокот на Комитетот за итни случаи при Меѓународниот здравствен правилник, во врска со меѓународното ширење на дивиот полиовирус, во кој се потенцирани државите кои во моментов извезуваат див полиовирус и државите кои се зафатени со див полиовирус но во моментов не извезуваат), потребно е пред патување да се обратат во регионалниот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) односно во ЦЈЗ Скопје  со цел да добијат информации и стручен совет за постапување/однесување при патувањето и престојот во дадена земја, односно да добијат вакцина, согласно препораките.

 

Патниците кои патуваат во ризичните земји, во регионалните  Центри за јавно здравје/нивните подрачни единици, односно во ЦЈЗ Скопје може да добијат информации за потребата од преземање на превентивни мерки во врска со  патувањето, како и соодветна вакцинација за заштита од полиомиелит при нивниот престој во овие земји.

Сите патници кои патуваат во и од региони зафатени со полиомиелит, треба да бидат соодветно вакцинирани.

Пред патување во региони каде има регистрирани случаи на полиомиелит, патниците од земјите ослободени од полио (како на пр. нашата земја) треба да се осигураат дека ја имаат комплетирано вакцинацијата против ова заболување, согласно националниот календар за имунизација.

  • Патниците кои одат во земји зафатени со полио, а кои претходно примиле три или повеќе дози на орална полио вакцина (OPV) или инактивирана полио вакцина (IPV), исто така треба да примат една доза од вакцината пред поаѓање.
  • Патниците кои одат во земји зафатени со полио, а кои претходно не биле вакцинирани, треба да бидат примовакцинирани (да ја добијата комплетната серија на примовакцинација, која се состои од три дози на полио-вакцина, на растојание од 4 недели), пред поаѓањето.

Лицата кои живеат во региони зафатени од полиомиелит, пред патување во странство треба да имаат комплетирана вакцинација против оваа болест, пожелно со OPV вакцина, со цел да развијат цревен имунитет и со тоа да се намали ризикот од ширење и повторно појавување на болеста во “ослободните земји” од полиомиелитис.

  • Патниците од овие земји треба да примат дополнителна доза OPV, најмалку 4 недели до 12 месеци пред секое меѓународно патување.
  • Во случај на итно патување, треба да се даде една доза најмалку 4 недели пред патувањето, но доколку тоа не е направено, да добијат барем една доза на полио вакцина на поаѓање, бидејќи ова се уште ќе обезбеди корист, особено за патниците кои често патуваат.

Некои земји ослободени од полио (на пр. Саудиска Арабија) може да бараат од лицата кои сакат да патуваат во тие земји, да бидат имунизирани пред аплицирањето за виза, или да примат дополнителна доза кога ќе пристигнат во земјата, или и двете.

Совет до сите патници е да го носат со себе вакциналниот картон, бидејќи може да им се бара доказ за вакцинација против полио при влез во некои земји, а пожелно е да се користи Меѓународниот сертификат за вакцинација и профилакса, IHR 2005.

Сертификатот е достапен на web страната на СЗО (http://www.who.int/ihr/IVC200_06_26.pdf).

На 05.05.2014 година, генералниот директор на СЗО, д-р Маргарет Чен, постапи по препораката на Комитетот за итни случаи на Меѓународниот здравствен правилник и изјави дека ширењето на дивиот тип на полиовируот во 2014 година претставува јавно-здравствена вонредна ситуација од меѓународно значење (PHEIC) во согласност со Меѓународниот здравствен правилник.

СЗО издаде привремени Препораки за контрола на меѓународното ширење на полиовирусот од останатите десет полио-зафатени земји во светот. Од три од овие држави, Камерун, Пакистан и Сирија, се бара да осигураат дека сите луѓе кои престојувале на нивна територија повеќе од четири недели, да имаат примено барем една доза на полио вакцина во рок од 12 месеци до четири недели пред поаѓање (комплетната Изјава на СЗО за состанокот на Комитетот за итни случаи при Меѓународниот здравствен правилник, во врска со меѓународното ширење на дивиот полиовирус е дадена како посебен документ во продолжение на текстот).