Во периодот од 09.08-16.08.2019, добиени се вкупно 3 пријави за мали сипаници.
Два случаи се од Скопје и еден од Гостивар. Според возрасната дистрибуција, еден заболен е од возрасната група од 1-4г. и 2 случаи се на возраст над 30 години. Според вакциналниот статус, сите 3 случаи се невакцинирани.
Согласно ново-добиените податоци и повторна класификација на случаите, од декември 2018 заклучно со 16.08.2019 година, вкупниот број на регистрирани случаи на мали сипаници во Република Северна Македонија изнесува 1.892, со стапка на заболување од 91,4 на 100.000 жители.
Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, од кои највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 165,1/100.000 (112 случаи), Куманово 162,6/100.000 (232) и Скопје 160,8/100.000 (993) (Картограм 1).
Картограм 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Северна Македонија, декември 2018 – август 2019 (n=1.892)
Возраста на заболените се движи од 1 месец до 63 години (медијана – 27,2 години). Најголем број на заболени се на возраст над 30 години – 849 (44,9%), а највисока инциденца од 1.390,5/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година (325 случаи, 17,2%). Кај децата на возраст од 1-4 години се регистрира инциденца од 306,0 на 100.000 жители (284 случаи, 15%) (Графикон 1).
Графикон 1. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Северна Македонија според возраст, декември 2018-август 2019 (n=1.892)
Според вакциналниот статус, 1.523 или 80,5% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 325 (21,3%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од пријавените случаи, 850 или 44,9% биле хоспитализирани, а кај 299 (15,8%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=136; 45,5%), што укажува дека овие возрасни групи – најмалите, се најзасегнати и подложни на компликации.
Од вкупно регистрираните 1.892 случаи на мали сипаници, 655 или 34,6% се лабораториски потврдени, 691 или 36,5% се епидемиолошки поврзани, додека 546 случаи (28,9%) се со клиничка слика на мали сипаници. Според резултатите добиени од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, во државата циркулира генотипот B3 Dublin кој циркулира и во соседните држави.
За 32 недела за територијата на Скопје нема податок за вакцинирани деца (предучилишна и училишна возраст), а во останатиот дел од државата вакцинирани се вкупно 287 деца (199 во предучилишна и 88 во училишна). Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 16.519 деца, додека во останатиот дел од државата вакцинирани се 18.694 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 35.213.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.177 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје