Состојба со малите сипаници во Р. Македонија во 2018

Во 2018 година во Р. Македонија пријавени се 95 сомнителни случаи за мали сипаници. По направените епидемиолошки истражувања и лабораториски резултати, од сомнителните случаи 68 се класифицирани како мали сипаници, од нив:

  • 57 се лабораториски потврдени,
  • 10 случаи се веројатни (имаат епидемиолошка поврзаност), а
  • само еден случај е можен со клиничка слика на мали сипаници и не е лабораториски тестиран
  • 27 случаи се отфрлени по добиените негативни лабораториски резултати.

Во текот на 2018 година, во РМ пријавени се три епидемии на мали сипаници:

  • Првата епидемија е регистрирана во јули на територијата на ПЕ Дебар, со вкупно 27 заболени лица.
  • Втората епидемија е пријавена од ЦЈЗ Скопје во ноември, на територијата на с. Грчец, општина Сарај, а во епидемијата се заболени три лица.
  • Третата епидемија, пријавена е од ЦЈЗ Скопје во декември и сѐ уште е во тек.

Географска дистрибуција на случаите

 

Најголем број (n=35) од регистрираните случаи на мали сипаници се жители од територија на ЦЈЗ Скопје, а 25лица се од територијата на ПЕ Дебар. Поединечни случаи се пријавени во 4 градови во Р. Македонија (Табела 1).

 

Кумулативната инциденца во Р. Македонија во 2018 година е 3,3/100.000 жители. Највисока инциденца е регистрирана на територијата на Дебар (90,1/100.000). Во останатите градови инциденцата се движи од 0,5/100.000 во Тетово до 5,8 /100.000 жители во Скопје (Табела 1).

 

Табела 1.  Број на заболени  од мали сипаници и инциденца/100.000 по ЦЈЗ/ПЕ во  Р.  Македонија

ЦЈЗ/ПЕ Скопје Дебар Куманово Охрид Тетово Струга Р. Македонија
Број на случаи 35 25 4 2 1 1 68
Инциденца/100.000 5,7 90,1 2,8 3,6 0,5 1,5 3,3

 

Дистрибуција по возраст и пол

 

Возраста на заболените се движи во граница од 5 месеци до 59 години. Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, најголем број од случаите односно 26 лица (38,2%) припаѓаат во возрасната група над 30 години (Графикон 1).

Највисока инциденца се бележи во возрасната група до 1 година и изнесува 34,2/100.000 жители.

Според дистрибуцијата по пол, подеднакво се застапени двата пола (Графикон 1).

 

 graf 1 info mkd

Графикон 1.    Дистрибуција на заболените од мали сипаници по пол и возраст во  Р.   Македонија, 2018 година (n=68)

 

Временска дистрибуција

 

Според дата на почеток на исип, најголем број заболени – 24 лица се регистрирани во јули месец. Повторно зголемување на бројот на заболени се бележи во текот на декември – 15 лица. На неделно ниво, најголем број на заболени се регистрирани во 30-та недела (n=8), а повторно зголемување на бројот на заболени се регистрира во 52 недела – 7 нови случаи. (Графикон 2)

graf 2 info mkd

Графикон 2.      Дистрибуција на заболените од мали сипаници според датум и недела на заболување (n=68) во Р. Македонија, 2018 година

Вакцинален статус на случаите

 

Според вакциналниот статус, 80,9% (n=56) од случаите се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 8 лица се на  возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација. Со две дози на вакцина се вакцинирани 13 лица од кои повеќе од половина се на возраст над 30 години (Табела 2).

Табела 2.     Вакцинален статус и возрасна група на заболените (n=68) од мали сипаници во Р. Македонија, 2018 година

Вакцинален статус Возрасна група Вкупно
<1 1-4 5-9 10-14 15-19 20-29 30+
0 дози 8 19 0 0 0 1 5 33
1 доза 0 4 2 0 0 0 12 18
2 дози 0 0 0 0 2 4 7 13
Непознато 0 0 0 1 0 1 2 4
Вкупно 8 23 2 1 2 6 26 68

 

Класификација на случаите

 

Од вкупниот број на случаи (n=68), 83,8% (n=57) се лабораториски потврдени. Од 57 лабораториски потврдени случаи, 86% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус (Табела 3).

Табела 3.       Дистрибуција на случаите на мали сипаници според лабораториска дијагноза и лабораториска потврда

Класификација на случаи Број на дози на вакцина со компонента на морбили Вкупно
0 дози 1 дозa 2 дози непознато
лабораториски потврден 32 14 8 3 57
веројатен/можен 1 4 5 1 11
Вкупно 33 18 13 4 68

 

Хоспитализирани се 53 заболени лица, а најчести компликации се дијареа и  пневмонија.

Преземени мерки

  • Засилен епидемиолошки надзор на исипните трески, хоспитализација и изолација на заболените со потешка клиничка слика, а за заболените со лесна клиничка слика препорачана е изолација во домашни услови.
  • Задолжително пријавување на секој суспектен случај на мали сипаници и негово лабораториско испитување.
  • За секој случај на мали сипаници спроведено е епидемиолошко истражување од страна на локалните епидемиолози и подготвена е епидемиолошка анкета.
  • Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти.
  • Сите пронајдени блиски контакти кои не ја прележале болеста, не се вакцинирани или се непотполно вакцинирани со МРП, повикани се за вакцинација во ЦЈЗ.
  • Засилена контрола во вакциналните пунктови од страна на епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ, проверка на вакциналниот статус за МРП (прва и втора доза), изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица.
  • Засилени активности на вакциналните тимови за изнаоѓање на деца подлежни за вакцинација со МРП до 14 годишна возраст и вакцинација на невакцинираните или некомплетно вакцинираните.
  • Спроведувани се здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка против малите сипаници.
  • Спроведувани медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали сипаници во Р. Македонија и соседството како и за заштита од оваа болест со посебен акцент на МРП вакцинацијата.

 

Скопје, 11.01.2019

Сектор за превенција и контрола на заразни болести

ИЈЗ Скопје