Вовед

ЦЈЗ Скопје во декември месец регистрираше епидемија на територијата на населба Радишани, општина Бутел со 7 случаи на мали сипаници. Заради појава на зголемен број заболени лица од различни делови на градот Скопје во текот на 52-та недела од 2018, на 02.01.2019, ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на територијата на град Скопје.

Во период од 19.01.2019 до 25.01.2019 пријавени се 32 нови случаи на мали сипаници во епидемијата во Град Скопје и два дополонителни случаи за кои што не може да се најде епидемиолошка поврзаност со случаите пријавени во епидемијата на Град Скопје.

Во понатамошниот текст e претставенa епидемијата на мали сипаници на територијата на Град Скопје, вклучително со 7-те случаи од Радишани заболени во 2018 година.

Заклучно со 25.01.2019, во епидемијата се пријавени 106 сомнителни случаи за мали сипаници. По направените епидемиолошки истражувања и лабораториски резултати, 97 се класифицирани како мали сипаници.

Епидемијата започна со пријавени случаи на мали сипаници кај деца кои посетуваат иста предучилишна установа „Ташко Караџа “ во населбата Радишани, општина Бутел. Епидемијата се прошири на територијата на сите општини на град Скопје, досега најголем број (24,7%) на случаи се регистрирани од општина Аеродром (Графикон 1).

Графикон 1.      Дистрибуција на заболените од мали сипаници по општини во Скопје, 2018-2019   (n=97)*

g1

* Двата регистрирани случаи од Прилеп и Тетово се со место на работа и епидемиолошки поврзани со заболените од епидемијата

Возраста на заболените се движи од 1 месец до 43 години (медијана – 3 години). Најголем број и процент од заболените (n=53; 54,6%) припаѓаат на возрасната група од 1-4 години, a 10 деца се на возраст до една година.  Во возрасната група над 30 години, заболени се 20 лица или 20,6% (Графикон 2). Во однос на полот, 50 случаи или 51,5% се од машки пол.

 

Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници по возраст во епидемија во Скопје, 2018-2019 година. (n=97)

slika 2 morbili

Во однос на датумот на појава на исип, првиот  случај е заболен во 49 недела во 2018, а зголемување на бројот на заболени се бележи од 52 недела во 2018 година.  Во текот на првата недела од 2019 година симптоми на мали сипаници се појавиле кај  12 случаи, а најголем број на заболени се евидентирани во текот на втората недела – 31 случај.

Според вакциналниот статус, 73 или 76,8% од заболени лица се невакцинирани (63) или со непознат вакцинален статус (10). Од невакцинираните деца, 10 се на  возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација Графикон 4.

 

Графикон 4.  Вакцинален статус и возрасна група на заболените од мали сипаници во епидемија Скопје 2018-2019 (n=65)  

 graf 3

Во однос на хоспитализацијата 59 случаи или 60,8% од заболените биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, од нив 81,3% на возраст од 0-4 години. Кај 22 (22,7%) од заболените се регистирани компликлации, од нив најголем број – 15 или 68,2% се кај деца на возраст до 4 години.

Од вкупниот број на заболени (n=97), 64 односно 66%  се лабораториски потврдени во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика во ИЈЗ, 20 или 20,6% се епидемиолошки поврзани, додека 13 случаи се само со клиничка слика на мали сипаници.

  

Спроведени активности за вакцинација со МРП вакцина на територија на Град Скопје и Републиката

Скопје – Број на невакцинирани лица на возраст до 14 години и спроведени активности за вакцинација со МРП вакцина

По прогласување на епидемија на територија на град Скопје, екипи на ЦЈЗ Скопје и Здравствениот Дом извршија увид во сите вакцинални пунктови. Согласно последните податоци доставени од Здравствениот дом – Скопје беше утврдено дека од 41.189 деца на возраст од 1-5 години невакцинирани беа 12.437 или 30% од подлежечките за вакцинација. Во текот на третата недела од 2019 вакцинирани се 896 деца на возраст до 5 години.

Од вкупно 63.815  училишни деца на возраст до 14 години во градот Скопје, невакцинирани беа 3.924 деца или 6.1% од подлежечките. Најголем број на невакцинирани деца се од прво одделение, односно 1.532 од вкупно 7.494 првоодделенци или 20% од подлежечките. Во текот на третата недела од 2019 вакцинирани се 176 деца на возраст од 6-14 години.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во Радишани до 25.01.2019 вакцинирани се 3793 деца.

Македонија (без Скопје) – Број на невакцинирани лица на возраст до 14 години и спроведени активности за вакцинација со МРП вакцина

Од досега доспеаните податоци од Центрите за јавно здравје од 116.923 предучилишни деца невакцинирани се 19.494 или 16,7% од подлежечките. Во тек на третата недела од 2019 вакцинирани се 1285 деца, со што вкупниот број на вакцинирани предучилишни деца во 2019 е 2.427.

Од  181.816 училишни деца кои подлежат на две дози на МРП вакцина, само 2937 (1,6%) не се вакцинирани со ниту една доза на МРП, а 4.064 (2,2%) се вакцинирани само со една доза на МРП. Во текот на третата недела од 2019 вакцинирани се 16 деца со прва доза и 403 деца со втора доза на МРП вакцина, со што вкупниот врој на вакцинирани деца на училишна возраст во 2019 е 675.

 


Препорачани мерки и активности

 

Продолжува спроведувањето на претходно препорачаните мерки на целата територија на градот Скопје:

 

  • Во предучилишните установи на територијата на град Скопје да не се примаат деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина додека трае епидемијата на мали сипаници, а ДСЗИ ќе врши контрола на спроведувањето на оваа мерка.
  • Вакцинација на територија на град Скопје со МРП вакцина на сите невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца на возраст до 14 години, согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
  • Проверка на вакциналниот статус на сите лица на возраст од 15 до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со веќе заболените лица, и доколку се невакцинирани или некомплетно вакцинирани против мали сипаници или не ја прележале болеста, да се повикаат во ЦЈЗ Скопје и веднаш да се вакцинираат;

Да се продолжи со спроведување на мерки и активности на територијата на целата држава:

 

  • Засилен епидемиолошки надзор на фебрилните исипи;
  • Вакциналните тимови oд сите вакцинални пунктови во државата, во соработка со патронажните сестри да направат прочешлување на вакциналните картончиња со цел избарување на деца до 14 годишна возраст подлежни на МРП вакцинација, а невакцинираните и некомплетно вакцинираните веднаш да се повикаат и вакцинираат, согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
  • Епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ во соработка со ДСЗИ да продолжат со засилената контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП (за прва и втора доза), од 12 месеци до 14 години, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица;
  • Да се води редовна евиденција за бројот на вакцинирани лица од подлежните за МРП вакцина (невакцинирани и некомплетно вакцинирани) и да се информира ЦЈЗ/ИЈЗ на неделно ниво.

За сите новини и актуелната состојба ИЈЗ ќе доставува информации на неделно ниво (секој петок) до сите надлежни институции.

Скопје, 25.01.2019                                        Сектор за превенција и контрола на заразни болести

ИЈЗ Скопје