Во периодот од 03-09.05.2019, пријавени се вкупно 110 нови случаи на мали сипаници.
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 43 случаи се од Скопје, а останатите 67 се од 11 други градови во С. Македонија – Куманово (26), Струга (10), Тетово (10),Охрид (10), Велес (4), Прилеп (2), Гостивар (1), Кичево (1), Дебар (1), Гевгелија (1) и Струмица (1).
Во тек на оваа недела најголем број на случаи (71) се на возраст над20 години.
Според вакциналниот статус, 80 односно 72,7% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 09.05.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.393 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 67,3 на 100.000 жители.
Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 21 град од Македонија, од нив 837 случаи се од Скопје, Куманово – 160, Тетово – 118, Струга – 81, Кичево – 39, Гостивар – 36, Велес -31, Гевгелија -19, Дебар – 18, Охрид – 16 а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје 135,5/100.000, Струга 119,4/100.000 и Куманово 112,1/100.000 (Графикон 1).
Графикон 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија, декември 2018 – мај 2019
Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 612, а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 48,1 на 100.000 жители. Пријавени се 237 деца на возраст под една година каде што се регистрира стапка на заболување од 1.014 на 100.000 жители. Децата на возраст 1-4 години се регистрираат со 219 случаи и втора највисока стапка на заболување од 235,9 на 100.000 жители (Графикон 2).
Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст, декември 2018-мај 2019 (n=1393)
Според вакциналниот статус, 1.048 или 75,2% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 237 (17%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од вкупно 219 заболени деца на возраст од 1-4 години, 88,1% се невакцинираниили со непознат вакцинален статус, а од 817 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 65,2% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од пријавените случаи, 593 или 42,6% биле хоспитализирани, а кај 225 (16,2%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 58 или 25,8% биле кај деца на возраст под една година, а 44 (19,6%) кај деца на возраст од 1-4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.
Во Скопје од почетокот на епидемијата, вкупно се вакцинирани 13.684 деца, а во останатиот дел од државата, вкупно се вакцинирани 10.339 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 24.023.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се вакцинирани вкупно 1.130 лица, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје