Во периодот од 10-16.05.2019, пријавени се вкупно 134 нови случаи на мали сипаници.

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 48 случаи се од Скопје, а останатите 86 се од 10 други градови во С. Македонија – Струга (25), Куманово (23), Тетово (11), Охрид (8), Велес (6), Гостивар (5), Валандово (5), Прилеп (1), Дебар (1) и Крива Паланка (1).

Во тек на оваа недела најголем број на случаи (82) се на возраст над 20 години.

Според вакциналниот статус, 94 односно 70,1% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 16.05.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.524 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 73,7 на 100.000 жители.

Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 22 градови од Македонија, од нив 882 случаи се од Скопје, Куманово – 183, Тетово – 129, Струга – 106, Гостивар – 41, Кичево – 39, Велес – 36, Охрид – 24, Гевгелија – 19,  Дебар – 19, Прилеп – 10, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 156,2/100.000, Скопје 142,8/100.000 и Куманово 128,3/100.000   (Графикон 1).

Графикон 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија,  декември 2018 – мај 2019

slika 1 morbili

Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 673, а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 52,9 на 100.000 жители. Пријавенo e 261 дете на возраст под една година со стапка на заболување од  1.116,7 на 100.000 жители. Децата на возраст 1-4 години се регистрираат со 229 случаи и втора највисока стапка на заболување од  246,7 на 100.000 жители (Графикон 2).

 

Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст, декември 2018-мај 2019 (n=1524)

morbili slika 22

Според вакциналниот статус, 1.136 или 74,5% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 261 (17,1%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 229 заболени деца на возраст од 1-4 години, 87,8% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 898 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 64,7% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 643 или 42,2% биле хоспитализирани, а кај 238 (16,2%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=107; 45%), и тоа 62 (26,1%) – кај деца до една година и 45 (18,9%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.

Од почетокот на епидемијата, во Скопје се  вакцинирани 14.103 деца,  додека во останатиот дел од државата се вакцинирани  11.705 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 25.808.

 

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се вакцинирани вкупно 1.780 лица, од нив повеќе од 65% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје