Поминувањето време на отворено е добар начин за да се биде физички активен, да се намали нивото на стрес и да се стекне витамин Д.
Но, додека се изложувате на сончеви зраци,не заборавајте да се заштитете самите себе од ризикот по кожен рак и други болести кои може да настанат заради ултравиолетовото зрачење.
Здравствени последици од прекумерно сончево УВ зрачење
Ултравиолетовото зрачење од сонцето предизвикува значително глобално оптоварување со болести, вклучувајќи специфични видови на канцери, открива новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО). Голем дел од болести предизвикани од ултравиолетовото зрачење и смртта може да се избегнат преку низа едноставни мерки за превенција.
Извештајот, „Глобално оптоварување со болести од сончево ултравиолетово зрачење“ проценува дека до 60.000 смртни случаи годишно ширум светот се предизвикани од премногу изложеност на ултравиолетово зрачење (УВ). Од тие 60.000 смртни случаи, околу 48.000 се предизвикани од малигни меланоми, а 12.000 од карциноми на кожа.
Вкупно, повеќе од 1,5 милиони DALYѕ („години живот приспособени според инвалидитетот“) – мерка за губење на целосно функционирање како резултат на болести и смрт се губат секоја година поради прекумерно изложување на УВ зрачење. Најсериозната последица од вишокот УВ зрачење е малигниот меланом, кој има високи стапки на лекување само ако се открие рано. Се проценува дека до 90% од глобалното оптоварување со болести од меланом и други карциноми на кожа се должи на изложеност на УВ зрачење.
Новиот извештај на СЗО е прв систематски преглед на глобалното оптоварување со болести заради УВ зрачење. Анализира девет неповолни здравствени исходи од голема изложеност на УВ зрачење. Главните три, кои предизвикуваат најголемо оптоварување со болести од УВ зрачење, се кожни малигни меланоми и немеланомски карциноми на кожа кои се развиваат во различни клеточни слоеви на кожата (сквамозен карцином и карцином на базалните клетки). Покрај тоа, УВ зрачењето предизвикува изгореници од сонце, фото-стареење на кожата, кортикална катаракта (заматеност на леќите на окото), птеригиум (месест израсток на површината на окото), повторно активирање на херпесот на усната и ретките сквамозни карциноми на окото.
“Оваа глобална проценка на здравствените ризици од УВ зрачење дава добра основа за јавнодејствување. На сите ни треба малку сонце, но премногу сонце може да биде опасно – па дури и смртоносно. За среќа, болести заради ултравиолетово зрачење, како што се малиген меланом, други кожни канцери и катарактата скоро целосно може да се спречат преку едноставни заштитни мерки “, вели д-р Марија Неира, Директор за јавно здравје и животна средина при СЗО.
Во извештајот се забележува дека УВ зрачењето навистина има корисни ефекти, главно во синтетизирање на витамин Д по изложувањето на кожата на УВ-в (пократка бранова должина) компонента на УВ спектарот. Соодветна количина на витамин Д, спречува развој на коскени заболувања како рахитис, остеомалација и остеопороза. Покрај тоа, можните корисни ефекти врз некои видови рак и имунолошки нарушувања се во тек на истражување.
СЗО забележува, во повеќето случаи минималното случајно изложување на УВ зрачење треба да биде доволно за одржување на нивото на витамин Д во опсег што ги избегнува овие здравствени проблеми. Опасностите се многу поголеми од прекумерното изложување на сончевото зрачење.
Неколку лесни мерки спроведување за безбедност од сонцето можат да спречат голем дел од различни видови на рак и други причини на смрт и болести како резултат на УВ зрачење, СЗО вели:
- Ограничете го времето на изложување на пладневното сонце;
- Користете ја сенката мудро: барајте сенка кога УВ зраците се најинтензивни;
- Носете заштитна облека вклучувајќи капи и очила за сонце со заштитен УВ фактор;
- Користете крем за сончање со широк спектар на фактор за заштита од сонце 30+;
- Избегнувајте солариуми без претходна консултација со дерматовенеролог; за млади на возраст под 18 години, СЗО препорачува да не ги користат воопшто;
- Запознајте го УВ-индексот: кога УВ-индексот предвидува ниво на зрачење од 3 (умерено) или над треба да се презема мерки за заштита од сонце;
- Заштитете ги децата од сонцето.
Во врска со објавувањето на овој нов извештај, СЗО и Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO) ги здружуваат силите за да ги умножат глобалните напори за информирање на јавноста и да ги зајакнат мерките за спречување на болести што можат да се избегнат. Преку UNWTO, СЗО ќе дистрибуира информации, вклучувајќи го и својот нов УВ флаер за здрави сончеви навики, до сите национални министерства одговорни за туризам.