Што е меланом?

Меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде и фатален. Може да се најде и на други локализации.

Меланомот потекнува од меланоцитите, клетки кои го создаваат меланинот, пигмент кој ја дава бојата на кожата, косата и очите. Во кожата, меланоцитите се сместени помеѓу базалните клетки, на базалната мембрана, произведувајќи го заштитниот меланин. Најчесто, по боја, меланомите се кафени или црни, но понекогаш може да бидат со боја на кожата, црвена, розевкаста, сина или бела.

melanom 1

Меланомите најчесто настануваат од веќе постоечки младежи, а помалку директно од кожата. Ризик за настанување на меланомот постои и кај таканаречените обични младежи ако повеќе пати се трауматизирани односно ако се на локализација на која постојано се изложени на триење (каифчиња на градник, копче, каиш, раб на алишта, за време на бричење итн.) Се разликуваат четири  подтипа на меланом: меланом со површинско ширење, со нодуларно ширење, lentigo maligna и акрален лентигинозен меланом.
Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на деловите кои се заштитени со облека. Кај мажите меланомот се појавува најчесто на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на грбот и на нозете. Поттипот на малигнитетот  може да влијае каде туморот ќе се развива; lentigo меланомот е почест на лицето, додека акралниот лентигинозен меланом е почест на дланките, стапалата или на ноктите.

melanom 2

Застапеност на меланомот

Бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5%, што значи дека бројот на заболени се удвостручува секои 10-15 години.

Во Европа годишно заболуваат околу 14 лица на 100 000 население. Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања. Во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Од ова може да се заклучи дека клучен фактор за добра прогноза е рано откривање на меланомот. Меланомот најчесто настанува во педесетите години од животот освен lentigo maligna меланомот – тип на меланом кој воглавно се јавува во седмата деценија од животот, најчесто на кожа која долготрајно е изложена на сонце (лице, раце). Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години, многу ретко во пубертет.

Меланомот воглавно се појавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е доста редок. Најмногу е распространет во Австралија и земјите со големо ниво на сончево зрачење.

 

Заболените од меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом во однос на останатите луѓе од популацијата. Исто така, лицата кои претходно имале некој друг малиген тумор на кожата имаат поголема можност за развој на меланом.

 

Во Р.С.Македонија во 2018 година вкупниот бројот на новозаболени од меланом е 133 со стапка на инциденца од 6.4/100 000 жители, додека бројот на новозаболени мажи изнесува 82 со стапка на инциденца од 7.9/100 000 мажи, а бројот на новозаболени жени изнесува 51 и стапка на ициденца 4.9/100 000 жени. Од меланом во 2018 година умреле 68 лица со стапка на морталитет од 3.3 на 100 000 жители, од кои 50 се мажи, а 18 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.8 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 1.7 на 100 000 жени.

 

Сончево зрачење

Иако постојат бројни фактори на ризик, ракот на кожата е обично предизвикан од УВ  зрачење од сонцето. Прекумерна изложеност на ова зрачење е најчеста причина за сите форми на рак на кожата.

Два главни вида на УВ зрачење на кои сме изложени навлегуваат во кожата на различни длабочини. Прекумерното изложување на сончевите зраци ќе почнат да ја оштетуваат ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, ова доведува до трајно оштетување на кожата и, на крајот, до рак на кожата.

Ограничената изложеност на сонце е корисна за сите. УВ-Б зраците стимулираат производството на витамин Д3, што е важно за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сонце секојдневно е сѐ што е потребно.

Додека, од една страна сонцето прави да се чувствуваме добро (оттука и популарноста на сончањето), од друга страна штетата што сонцето ја прави на кожата и телото ги надминува краткотрајните бенефити како што е доброто расположение.

Оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата.

Постојат три главни видови на УВ зраци од сонцето. Најопасните УВ-Ц зраци комплетно се апсорбираат од страна на озонската обвивка. Останатите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело.

 

УВ индекс

 

УВ-индексот е меѓународна, научнa мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето. Таа се користи за да се опише силата на сонцето на одредено место и време. Индексот има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата.

 

 

Извор: World Health Organisation

Фактори на ризик за појава на меланом: 

–   прекумерно (неконтролирано) изложување на сончево зрачење (професија или хоби)

–   пигментираност на кожата, односно лица со светла кожа

–   возрасни над 50 години

–   лица со над 50 бемки

–   меланом во фамилијата

–   личен податок за меланом

–   изгореници од сонце

–   интензивно сончање во краток временски период (на одмор), или „викенд“ сончање

–   користење на солариум

–   зрачна терапија

–   ослабен имунитет од хемотерапија, по трансплантација на органи, кај ХИВ/СИДА болни.

 

melanom 3

 

Кој е во опасност?

 

Како да се препознае опасноста и на кои знаци треба да внимавате?

 

Ризикот од развој на карцином на кожа е често поврзан со нашите гени. Сите индивидуи кои знаат за случаи на заболени од карцином на кожа во своето семејство и имаат тип на кожа која носи поголем ризик за развој на истиот треба да превземат мерки на претпазливост и еднаш годишно да одат на преглед кај дерматолог. Меланомот често не се препознава на прв поглед бидејќи тешко се разликува од обичните бемки или други бенигни тумори.

 

За поставување рана дијагноза на меланом се користи правилото А-B-C-D-E. Промената е сомнителна ако е асиметрична (А),  нема јасни граници (B) , ако се менува бојата (C), и ако пречникот е поголем од 6 мм (D). Еволуција (Е), (исто така – елевација) како што се промена на боја, големина, облик, површина, елевација и симптоми како што се јадеж или крварење се главни знаци за малигнитет. Исто така, појава на нови промени на здрава кожа кај индивидуи постари од 40 години се сметаат за сомнителни и во тој случај треба да се консултира дерматолог.

melanom 4

 

 

Заштити ја кожата

Не може да се влијае врз генетски утврдените фактори на ризик за меланом, како што се светол тен, бројни бемки или семејна историја на меланом. Сепак, ризикот од развој на меланом може значително да се намали со следење на овие основни правила.

Изложеност на сонце

Дефинитивно треба да се избегне ненадејна, интензивна и директна изложеност на сонце. Главната цел е да се спречат изгореници од сонце, т.е црвенило на кожата по изложување на сонце. Најмногу штетни изгореници се оние што создаваат плускавци или болка барем 48 часа. Затоа, потребно е да се избегне подолготрајната директна изложеност на сончева светлина, особено помеѓу 11 и 15 часот.

Крема за сончање

 

Кремата за сончање треба да е со највисок фактор на заштита од сонце – и да обезбеди еднаква заштита од УВА и УВБ зраците (само крема за сончање со повисок фактор заштитува од УВА зраци). Дејството на кремата за сончање започнува околу половина час по нанесувањето и трае 2 до 3 часа. Затоа, кремата за сончање треба да се нанесе половина час пред изложување на сонце и повторно да се нанесува на секои два часа.

 

Сенка / температура

 

И надвор во сенка може да се добијат изгореници од рефлектираните УВ зраци, освен ако не се користат дополнителни мерки за заштита од сонце. Да не се заборави на одбивањето на сончевите зраци од различни површини, снег, вода, песок, бетон и трева и на продирањето на сончевите зраци низ облаците. Заштитни средства треба да се користат и кога времето е облачно. УВ-зраците не даваат чувство на топлина, така што ако има ветре може да се добие лажно чувство на безбедно изложување на сонце.

 

Облека

Облеката обезбедува најдобра заштита од интензивна сончева светлина. Маиците со долги ракави се подобри од облеката без ракави. Облеката во потемна боја обезбедува подобра заштита од облеката со светла боја. Материјалот по можност треба да биде цврсто ткаен. Потребно е да се носи шапка со широка периферија и очила за сонце кои обезбедуваат 99-100 проценти заштита од УВ – А и УВ – Б зраци. За децата, треба да се одбере облека што ќе ги заштитува од сонце.

 

Козметика и лекови

 

Одредени лекови ја зголемуваат чувствителноста на светлина. Ова е нешто за што треба да се разговара со лекар или фармацевт пред изложување на сонце. Дезодоранси, козметика и парфеми можат да предизвикаат непријатна реакција на сонцето или трајна пигментација. Затоа, примената на таквите производи треба да се избегнува пред сончање.

 

Самопреглед на кожа

 

Направете самопреглед на кожата еднаш месечно со помош на огледало:

 

Вашата контрола треба да го опфати целото тело, напред и назад, со посебено внимание на областите изложени на сонце.

 samopregled na koza 1

Прегледајте го лицето, вклучувајќи го и носот, усните, усната шуплина и ушите.

samopregled na koza 2

Прегледајте го скалпот, користете чешел за да ја делите косата на слоеви. Ако немате многу коса, не заборавајте да го прегледате целиот скалп многу темелно.

samopregled na koza 3

Прегледајте ги дланките од предната и задната страна, помеѓу прстите и ноктите.

samopregled na koza 4

Потоа фокусирајте се на вратот, стомакот и градите  (жените треба добро да го прегледаат делот под дојките).

samopregled na koza 5

Подигнете ја раката за да ја проверите надлактицата и пазувите.

samopregled na koza 6

Со помош на мало огледало во големо огледало прегледајте ги тилот, рамењата, грбот и задниот дел на бедрата.

samopregled na koza 7

Проверете ги задникот и задниот дел од нозете. Завршете со проверка на стапалата.

 

Кои се следните чекори

 

Ако забележите сомнителна лезија, важно е да ја провери лекар или по можност дерматолог, што е можно побрзо.

 

Ракот на кожата може да се третира, а раната дијагностика ги прави шансите за целосно закрепнување многу големи.

 

Кога третманот е одложен, состојбата се влошува, а во некои случаи може да доведе до деформитети, компликации, па дури и смрт.

 

Не дозволувајте одложување да ги намалите вашите шанси за позитивен исход.

 

 

Златните правила се:

 

Не го игнорирајте, надевајќи се дека ќе помине.

Не чекајте да видите како ќе се развива или да го лекувате сами.

Не претпоставувајте дека не е ништо сериозно.

Немој да мислите дека не е приоритет.

И пред сè, не плашете се да го посетите вашиот лекар или дерматолог.

 

 

 

Подготвил:

 

Оддел за здравствена промоција и следење на болести