
Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар.
Секоја непотребна примена ја намалува ефикасноста
Антибиотиците немаат ефект врз вирусите и не треба да се употребуваат при вообичаени вирусни инфекции како што се настинките и грипот.
КАМПАЊА
29 септември – 27 ноември 2014
Рационална употреба на антибиотици и превенција на антимикробна резистенција.
Кампањата ќе се одвива преку едукативни семинари во повеќе градови: Велес, Охрид, Прилеп, Битола, Тетово, Штип, Куманово, Скопје, Кочани и Струмица. Со овие двочасовни едукативни семинари е предвидена едукација на здравствените работници, но и на населението на локално ниво и превенција на нерационалната употреба на антимикробните средства и намалување на ризикот од антибиотска резистенција (АМР). Семинарите ќе понудат информации за активностите на СЗО и Министерството за здравство, состојбата со резистенција во Република Македонија и потрошувачката на антибиотици според податоците од ФЗОМ.
Целта е да ја зголемиме свеста кај населението и кај здравствените работници во државата
Кампањата ја спроведува Мултисекторската комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), здружението Центар за регионални истражувања и соработка ”Студиорум”, со средства од Светската здравствена организација и Владата на Кралството Белгија.
Што се антибиотици?
Антибиотиците се лекови кои се користат за лекување на бактериски инфекции, како што се пневмонија, сепса, туберкулоза, со убивање на бактериите или спречување на нивниот раст.
Клучни пораки:
- Антибиотиците немаат ефект врз вирусите и не треба да се употребуваат при вообичаени вирусни инфекции како што се настинките и грипот.
- Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар.
- Секоја непотребна примена ја намалува нивната ефикасност.
Препораки за рационална употреба на антибиотици и антимикробна резистенција
Зголемената употреба на антибиотиците и нивното земање кога нема потреба од нив им ја намалува моќтта да делуваат тогаш кога и реално му се потребни на организмот. Тоа доведува до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотикот. Резистенцијата е нормален механизам на заштита на бактериите од дејството на антибиотикот. Со текот на времето, резистенцијата се зголемува, а тоа значи намалување на бројот на ефикасни антибиотици.
Последните 25 години не е откриен нов антибиотик, затоа ако сакаме антибиотиците да бидат и понатаму ефикасни, треба соодветно и рационално да ги употребуваме. Антибиотската резистенција е проблем кој ги засега сите. Креирите на политиката, произведителите, лекарите, конзументите.
Свеста за ефектите од несоодветната и нерационална употреба на антибиотиците во глобални рамки е висока. Но, во земји каде употребата на антибиотиците не е регулирана и тие може да се земат и без рецепт свеста е се уште многу ниска.
Според истражувањето спроведено од СЗО повеќе од половина од сите лекови, вклучително и антибиотиците, се пропишани или продадени несоодветно. Половина од сите пациенти несоодветно ги употребуваат антибиотиците.
Антибиотиците мора да се употребуваат како што се пропишани од лекар во препорачана концентрација, време на земање и интервал меѓу две дози. Дури и кога пациентот се чувствува подобро, антибиотикот мора да се земе до крај и во целосно пропишаната доза. Едно од најважните правила е дека никогаш не треба да се користи антибиотик оставен од лекувањето на претходна инфекција.
Овој проблем има не само здравствени последици, туку и економски последици како за лицето инфицирано со резистентна бактерија така и за општеството. Бидејќи, лекувањето на инфекција предизвикана од мултирезистентен сој може да е и до 100 пати поскапо. Во Европа веќе има земји кои се соочуваат со тешко излечиви или неизлечиви инфекции.
Распоред на предавањата во текот на кампањата:
Велес (26.09.), Охрид (09.10.), Прилеп (16.10.), Битола (17.10.), Тетово (23.10.), Штип (30.10.), Куманово (06.11.), Скопје (14.11.), Кочани (20.11.) и Струмица (27.11.).
ПРЕВЗЕМИ ФЛАЕР ВО PDF ЗА ДОКТОРИТЕ