Почитувани,
Институтот за јавно здравје на РМ, како и претходните години е координатор за спроведување на Владината програма за опортунистички скрининг на колоректален карцином (КРК), во Македонија за 2014 година за граѓани на возраст од 50 – 74 години.
Денес, на оваа Конференција за печат го промовираме одбележувањето на месецот за борба против рак на дебелото црево со сите предвидени активности од страна на Институтот, Министерството за здравство, Центрите за јавно здравје, Здружението на приватните лекари на РМ, НВО Борка за секој нов ден и сите други инволвирани здравствени установи поврзани со скринингот, дијагностицирањето и третманот на ова тешко малигно заболување.
Во Република Македонија од карциномот на дебело црево годишно заболуваат околу 500 лица, а умираат околу 380. Колоректалниот карцином е еден од најчестите малигни заболувања кој се јавува со инциденца од 15-30 нови случаи на 100.000 жители годишно. Во последните 10 години трендот на смртноста од оваа болест во Р. Македонија е во пораст, и тоа речиси двојно. Се смета дека во развиените земји во текот на животот од рак на дебело црево заболуваат околу 4,6% мажи и 3,2% жени. И во нашата земја мажите почесто заболуваат од жените.

Ризикот од појавата на заболувањето во текот на животот зависи од повеќе фактори како: возраста, начинот на исхрана, физичка активност, личните и фамилијарни предиспозиции и се движи од 5% кај пациентите со просечен ризик до повеќе од 95% кај пациентите со одреден наследен синдром. Симптомските полипи и колоректалниот карцином релативно лесно се дијагностицираат, но за жал кај повеќе од 2/3 од симптомските пациенти болеста се открива во напреднат стадиум кој индицира радикална хирушка, радиолошка и/или хемотерапија со релативно низок процент (˜30%) на 5-годишно преживување и големо оптоварување на здравствениот систем во една земја.
Имајќи го предвид фактот дека кај повеќе од 90% од пациентите КРК се развива врз основа на претходно постојни бенигни аденоматозни полипи со чие отстранување се превенира развојот на карциномот, како и фактот дека детекцијата на болеста во раната фаза доведува до 5 годишно преживување кај повеќе од 90% од пациентите, се налага потреба од продолжување на превентивниот скрининг програм против ова заболување.
Употребата на ФОБ тестот за рано откривање на колоректален карцином (КРК) довело до опаѓање на стапката на смртност помеѓу 18% и 33%. Во досегашниот скрининг во Македонија, кај 98 граѓани е потврден наодот за присуство на рак на дебелото црево, што е уште една потврда за потребата од скрининг.
Улогата на Институтот е промоција на превентивните прегледи и стручно-методолошка помош на Центрите за јавно здравје, со периодични известувања за состојбата со спроведување на скринингот до Министерството за здравство за мониторинг и евалуација на резултатите. Сите случаи на рак на дебело црево што ќе бидат откриени, ќе се евидентираат во Центрите за јавно здравје кои се задолжени за координација на активностите на своето подрачје, соработка и едукација на матичните лекари, анализа на доставениот материјал со примена на ФОБ тест и консултација со матичниот лекар за понатамошни дијагностички и терапевтски процедури. Центрите ќе ги доставуваат податоците до Институтот за јавно здравје.
Апелираме до граѓаните да ја искористат можноста за бесплатни тестови за превенција на рак на дебело црево.
ПРЕВЕНИРАЈТЕ!
ПРЕГЛЕДАЈТЕ СЕ!
ИСКОРИСТЕТЕ ЈА МОЖНОСТА ЗА БЕСПЛАТНИ ФОБ ТЕСТОВИ И ЗАШТИТЕТЕ СЕ ОД РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО!