Институтот за јавно здравје, преку Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана, учествуваше во 4-годишен регионален проект, финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија, во кој се изградија капацитети за користење на нуклеарни техники за проценка на телесниот состав на децата. Проценката на здравствениот ризик поврзан со дебелина оди подалеку од проценка на индексот на телесна маса, добиен преку мерење на висина и тежина. Потребни се дополнителни информации за телесниот состав и присуството на масно ткиво за да се процени дали јавноздравствените интервенции се ефективни.

Како што нагласува проф. д-р Игор Спироски, началник на Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана и главен истражувач во проектот: „Иако детската дебелина е растечки проблем, недостасуваат популациски-базирани интервенции за борба со него. Техниките за проценка на телесниот состав преку разреден деутериум може да се поддршка во проценката на јавното здравје и да придонесат кон планирање на политики за справување со детската дебелина”.

Повеќе информации за проектот на: https://www.iaea.org/newscenter/news/isotope-tool-to-help-fight-childhood-obesity-now-in-use-in-southern-and-eastern-europe