Во периодот од 16.03-22.03.2019, пријавени се вкупно 104 случаи на мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска).

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 74 случаи се од Скопје, при што 60,8% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Останатите 30 заболени се од 9 други градови во Република Северна Македонија и тоа:

  • од Куманово пријавени се 10 случаи, од нив 8 се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус
  • од Тетово пријавени се 7 случаи, 6 од нив се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус
  • од Дебар – 3 случаи (2 се непотполно вакцинирани)
  • од Струга, Кичево, Охрид и Гостивар – по 2 пријавени случаи, вкупно 8 од кои 6 невакцинирани и со непознат статус
  • по еден нов случај пријавен е од Велес и од Штип (двата со непознат вакцинален статус).

Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со 22.03.2019, во Република Северна Македонија се регистрирани 659 случаи на мали сипаници, од нив 522 се пријавени во епидемијата во Скопје.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 19 градови од Република Северна Македонија. Од нив 469 случаи се од Скопје, 57 се од Тетово, 46 од Куманово, 18 од Гевгелија, по 12 случаи има во Струга и Дебар, 10 од Велес, 9 од Гостивар, 7 од Кичево, 4 од Кочани, a во останатите 9  градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје (75,9/100.000), Гевгелија (52,3/100.000) и Дебар (43,2/100.000).

Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во четири здравствени региони (Скопје, Тетово, Куманово и  Гевгелија).

Најголем број на случаите се од возрасната група 0-4 години, 265 или 40,2% од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај повозрасните групи, лицата постари од 30 години учествуваат со 39% (n=257), а лицата од 20-29 години со 12,6%.

Од вкупно 140 заболени деца на возраст од 1-4 години, 127 или 90,7% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 340 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 68,5% (n=233) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од вкупно регистрираните 659 случаи на мали сипаници, најголем број и процент – 334 или 50,7% се лабораториски потврдени, 164 или 24,9% се епидемиолошки поврзани, додека 161 случај (24,4%) се со клиничка слика на мали сипаници.

Од почетокот на епидемијата во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.052 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 6.200 деца.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 17.252.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје