Актуелна состојба: Според податоците на Националниот Центар за контрола и превенција на болестите (KEELPNO) во Грција, до средината на август месец 2016 година се регистрирани вкупно 65 случаи на заболување од маларија, во споредба со 85 пријавени случаи во текот на  2015 година.

Најголем број (вкупно 61) од регистрираните случаи на маларија од страна на јавно-здравствените власти се класифицирани како импортирани (внесени), што значи дека болеста ја стекнале надвор од Грција, а 4 случаи се класифицирани како автохтони, односно локално стекнати, после внесување на болеста во земјата.

Последните 2 регистрирани, локално стекнати случаи се од регионот на Солун, а претходните 2 од 2016 година, биле пријавени од регионот на Западна Грција.

Од 61 импортиран случај на маларија, во 11 случаи се работи за патници кои се вратиле од земји каде има маларија (ендемски земји), а 50 се случаи на заболување меѓу мигрантите кои стасале во Грција со мигранскиот бран, главно луѓе од Индискиот потконтинент, или од некоја од Африканските држави, погодени со маларија.

Краток историјат:  После речиси 4 децении откако оваа болест е прогласена за ерадицирана (искоренета) во Грција, и регистрирање само на импортирани случаи, првите случаи на локално стекнато заболување од маларија во Грција се регистрирани во 2009 година, откога се регистрираат спорадични случаи секоја година. Најголем број локално стекнати случаи на маларија во Грција во овој период се пријавени во 2011 година – вкупно 42, во 5 различни региони на земјата.

Минатата година беа регистрирани вкупно 85 случаи на маларија во Грција, од кои 79 биле класифицирани како импортирани, а 6 како локално стекнати, со епидемиолошка поврзаност со импортирани случаи.

Донација на крв:  Кога во одредени региони се потврдува локално пренесување на маларијата, тогаш се препорачува јавно-здравствените власти да го забранат/одложат на одредено време  крводарувањето во тој регион, во тековната и во текот на следната сезона на активност на комарците.

Поради ова, Центарот за контрола и превенција на болести на Грција (KEELPNO) и Националниот центар за дарување на крв, го одложија привремено крводарувањето во 12 области во Грција (8 области зафатени од минатата година и 4 нови, прогласени за зафатени со маларија во 2016 година).

Погодените  области во Грција се простираат од Пелопонез до Солун: Farkadona, Трикала, Палама, Темпе, Ахајска и Теба (Централна Грција); Evrotas и Andravida-Kyllini (Пелопонез); Халкида (Евбеја); Маратон (Атика); и Lagada и Pylaia (Солунско).

Проценка: Во овој момент, ризикот од маларија за патниците во Грција е низок.

 

Состојба во Европа

Најголем број од земјите во Европа пријавуваат импортирани случаи на маларија, при што бројот на импортации е во зависност од бројот на луѓето кои патуваат во ендемските земји/подрачја, каде маларијата е присутна постојано.

На пример, во Велика Британија се регистрирани 1.400 случаи на маларија во 2015 година, сите од нив се увезени.

Во Македонија, во последните 10-тина година се регистрираат од 2-5 случаи годишно, не секоја година, како и ретки смртни завршетоци (2 смртни случаи од 23 заболени  за период 2005-2015). Во 2016 година заклучно со 24.08.2016, регистрирани се 5 импортирани случаи на маларија со еден смртен исход.

Проценка: Во било која земја на Европа па и во Македонија, можна е појава и регистрирање на импортиран случај на маларија кај патници кои се враќаат од ендемски земји. Ризикот за локално проширување на болеста е многу мал.

Препораки:

Продолжува да е на снага препораката за примена на стандардни превентивни мерки за заштита од убоди на комарци, како и за повеќето други вектор-преносливи заболувања (информативно-едукативен материјал за лична заштита од убоди од комарци  достапен на веб-страната на ИЈЗ – www.iph.mk).

Патниците во земји/подрачја во кои маларијата е ендемско заболување (согласно Листата дадена во СЗО-публикацијата Меѓународно патување и здравје (ITH)) потребно е да земаат антималарична хемиопрофилакса, пред за време и по враќањето од овие подрачја. Хемиопрофилаксата се зема во надлежниот Центар за јавно здравје.

Факти за маларијата
Маларијата е опасна по живот заразна болест предизвикана од паразит наречен Plasmodium, кој се пренесува на луѓето преку каснување на заразени женски комарци.

Постојат повеќе видови на плазмодиуми од кои P. falciparum е еден од најсмртоносните паразити и е најмногу распространет во Африка, каде што се концентирани најголем број од заболените и смртни случаи.

Инфекцијата со паразити на маларија може да се манифестира со различни симптоми кои може да бидат благи, но и  многу сериозни и болеста да заврши со смртен исход. Првите симптоми на маларија: покачена температура, главоболка, треска и повраќање, обично се појавуваат помеѓу 10 и 15 дена по каснување од заразен комарец. Без навремено лекување, маларија предизвикана од  P. falciparum може да напредува до тешка болест и смрт.

Маларијата е болест која може да се превенира и да се лекува.

Според проценката на СЗО, околу 214 милиони случаи на  маларија се регистрирани во светот во 2015 година. Во истата година, маларија предизвикала околу 438.000 смртни случаи во светот, пред се кај деца, од кои 90% во Африка.  Иако бројката е висока, во периодот 2000-2015 се бележи намалување на стапката на смртност за 60% на светско ниво, и за 66% на ниво на Афричкиот континент.

СЗО препорачува сеопфатна стратегија за спречување, контрола и елиминиција на маларијата.

Клучните интервенции се: употреба на инсектицид-третирани мрежи против комарци и прскање со инсектициди во затворен простор, дијагностичко тестирање и третман на потврдени случаи со ефективни антималарични лекови.

Во последните години, примената на овие мерки придонесе драматично да се намали оптоварувањето со маларија во светот.  Сепак, трансмисијата на маларија и понатаму е присутна во многу земји низ целиот свет, и предизвикува стотици илјади смртни случаи годишно.

Извор:

http://ecdc.europa.eu/en/press/news/_layouts/forms/News_DispForm.aspx?ID=1469&List=8db7286c-fe2d-476c-9133-18ff4cb1b568&Source=http%3A%2F%2Fecdc%2Eeuropa%2Eeu%2Fen%2FPages%2Fhome%2Easpx

http://www.keelpno.gr/

http://ekea.gr/16-αυγούστου-2016-επηρεαζόμενες-περιοχές-α/

http://www.who.int/topics/malaria/en/

http://www.who.int/mediacentre/factsheets/fs094/en/

http://www.who.int/ith/en/

http://www.who.int/malaria/media/world-malaria-report-2015/en/

https://www.cdc.gov/malaria/

http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/27238883