Меѓународниот ден на жената – 8 Март е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации со цел да се одбележи улогата на обичната жена во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, правда, мир и развој.

Во Социјалистичка партија на Германија (СПД), Клара Цеткин заедно со Роза Луксембург, нејзина блиска пријателка и лице од доверба, била една од главните фигури на крајнолевото револуционерно крило на партијата. Во дебатата за ревизионизмот на почетокот на 20-от век, таа заедно со Луксембург, ги нападнале реформистичките тези на Едвард Бернштајн.

Zetkin_luxemburg1910Цеткин била многу заинтересирана во политиката кон жените, вклучувајќи ја борбата за еднакви можности и правото на глас за жената.Таа го развила социјалдемократското движење за жените во Германија; од 1891 до 1917 го уредувале женскиот весник на СПД Die Gleichheit (Еднаквост). Во 1907 станала водач на новосоздаденото „женско биро“ на СПД. Таа го започнала првиот „Меѓународен ден на жената “ на 8 март 1910, отпочнувајќи ја идејата во Копенхаген.

Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. По победата на Болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8-ми март е прогласен за државен празник.

Симболиката на овој празник треба да биде актуелизирање на барањата за подобрување на условите на работа на жените и квалитативно подобрување на нивниот социјално-политички статус во општеството.

Република Македонија значително работи на сите полиња-економски, политички, социјални и здравствени, се со цел да се подобри и олесни животот на секоја жена во ова општество.

Нашата држава успешно ги следи и работи според следните меѓународни конвенции и декларации:

  • Универзална декларација за човекови права
  • Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените
  • Европската конвенција за човекови права
  • Конвенција за борба против трговија со луѓе и транснационален организиран криминал и
  • Протокол од Палермо – Европската конвенција на Совет на Европа за борба против трговија со луѓе.

Во правата на жените влегува и женското здравје на кое што треба многу да се работи. Тоа претставува состојба на емоционална, социјална, културна, душевна и физичка благосостојба  на жените која истовремено е детерминирана  од нивниот општествен и економски статус,како и од нивните биолошки карактеристики.

Жените имаат право да ги уживаат највисоките достапни стандарди на физичко и на ментално здравје. Уживањето на ова право е витално за нивниот живот и добросостојба, како и за нивната можност да учествуваат во сите полиња на јавниот и на приватниот живот.

Потребите на жените во однос на здравјето и здравствената заштита се препознати и се уредени во домашното законодавство, пред сè во Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за заштита на правата на пациенти, како и во Програмите на Владата на РМ кои се во надлежност на Министерството за здравство, особено Националната годишна програма за јавно здравје, Програмата за рана детекција на малигни заболувања, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во РМ, Програмата Здравје за сите,  во кои се предвидени активности за унапредување на здравјето на жената, редовно одење на превентивни прегледи, скрининзи за рак на дојка, рак на грло на матка, колоректален карцином и сл.

Сите заедно треба да работиме на подигање на свеста за подобрување на правата на жените, нивно изедначување со мажите и еднаков пристап во сите сфери на општественото живеење.

ПОДГОТВИЛ:

Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести