
Скопје, 6 Март 2015
По извршена здравствено-еколошка проценка од страна на Институтот за јавно здравје на Република Македонија побарана е донација за таблети за дезинфекција за вода за пиење од индивидуални водоснабдителни објекти за жителите на 15 поплавени градови низ Македонија (Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, Кичево, Демир Хисaр, Велес, Неготино, Кавадарци, Куманово, Свети Николе, Штип, Радовиш, Струмица и Кочани).
Таблетите за дезинфекција на водата – OASIS (300.000) на 06.03.2015 година започнаа да се дистрибуираат од Институтот за јавно здравје на РМ преку 10-те Центри за јавно здравје.
Помошта е обезбедена по консултација на Министерството за здравство во однос на потребите на ранливите категории граѓани за безбедна вода за пиење, преку посебен фонд во рамките на буџетот на УНИЦЕФ.
Помошта е наменета за целната популација од граѓаните кои беа погодени од поплавите, односно граѓани чии домови и индивидуални водоснабдителни објекти биле поплавени според информациите на Центарот за управување со кризи и Центрите за јавно здравје од надлежните региони. Дезинфекцијата на водата за пиење ќе се врши од страна на специјалистите по хигиена од Центрите за јавно здравје во согласност со подготвеното Упатство од страна на Институтот за јавно здравје на РМ.
Министерството за здравство ќе продолжи да ја следи ситуацијата во поплавените региони и доколку има потреба дополнително адекватно ќе се одговори.