• 10.05.2024

КАМПАЊА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА РАК НА КОЖА


 

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РАКОТ НА КОЖАТА

Ракот е болест кај која клетките во телото растат неконтролирано. Кога ракот започнува во кожата, тогаш се нарекува рак на кожа.

Некои луѓе се изложени на поголем ризик од рак на кожата од други, но секој може да заболи. Најчестата причина за рак на кожата може да биде спречена, а тоа е прекумерната изложеност на ултравиолетови (УВ) зраци, од сонцето или од вештачки извори како солариум.

 

Што е рак на кожата?

 

Кожата е најголемиот орган на телото. Двата главни слоја се епидермисот (горниот или надворешниот слој) и дермисот (долниот или внатрешниот слој). Ракот на кожата започнува во епидермисот, кој се состои од:

·         Сквамозни клетки: тенки, рамни клетки кои го формираат горниот слој на епидермисот.

·         Базални клетки: Тркалезни клетки под сквамозните клетки.

·         Меланоцити: Клетките кои создаваат меланин и се наоѓаат во долниот дел на епидермисот. Меланинот е пигмент кој и дава боја на кожата. Кога кожата е изложена на сонце, меланоцитите создаваат повеќе пигмент и предизвикуваат потемнување на кожата.

Базалните и сквамозните карциноми се двата најчести типа на рак на кожата. Тие започнуваат во базалните и сквамозните клетки на кожата, соодветно. И двaтa обично може да се излечат.

Меланомот, третиот најчест тип на рак на кожата, започнува во меланоцитите. Од сите видови на рак на кожа, меланомот е причина за најмногу смртни случаи поради неговата тенденција да се шири на други делови од телото, вклучувајќи ги и виталните органи.

Повеќето случаи на рак на кожата се предизвикани од прекумерна изложеност на ултравиолетовите (УВ) зраци од сонцето или солариум. На почетокот може да предизвикаат изгореници. Со текот на времето, УВ оштетувањето се зголемува, што доведува до промени во текстурата на кожата, предвремено стареење на кожата, а понекогаш и до рак на кожата. УВ зраците, исто така, се поврзани со болести на очите како што е катаракта.

Кои се факторите на ризик за рак на кожата?

 

Луѓето може да изгорат или потемнуваат во зависност од типот на кожата, годишното време и колку долго се изложени на УВ зраци.

Секој може да добие рак на кожата, но луѓето со одредени карактеристики се изложени на поголем ризик:

·         Посветла кожа.

·         Кожа со пеги, кожа која лесно поцрвенува, станува болна на сонце или гори.

·         Сини или зелени очи.

·         Руса или црвена коса.

·         Одредени видови на бемки и голем број бемки.

·         Семејна историја на рак на кожа.

·         Лична историја на рак на кожа.

·         Постара возраст.

Изложеност на УВ зраци

Без оглед на тоа дали имате некој од горенаведените фактори на ризик, намалувањето на вашата изложеност на ултравиолетови (УВ) зраци може да помогне да ја одржите вашата кожа здрава и да го намалите ризикот за добивање рак на кожата во иднина. Повеќето луѓе се изложени на УВ зраци од сонцето кога поминуваат време на отворено. Преземањето на заштитни мерки ќе ви помогне безбедно да уживате на отворено, да избегнете изгореници и да го намалите ризикот од рак на кожата.

Кои се симптомите на рак на кожата?

 

 

Промената на вашата кожа е најчестиот знак за рак на кожата. Разговарајте со вашиот лекар ако забележите промени на вашата кожа, како што е нов израсток, рана што не зараснува, промена на стар израсток или некоја бемка да има некој од ABCDE знаците на меланомот.

Конкретно за поставување рана дијагноза за меланомот се користи правилото АBCDE:

A.   Асиметрија: Дали бемката или дамката има неправилна форма со два дела кои изгледаат многу различно?

B.    Граница: Дали границата е неправилна или назабена?

C.    Боја: Дали бојата е нееднаква?

D.   Дијаметар: Дали бемката или дамката е поголема од големина на грашок?

E.    Развој: Дали бемката или дамката се променила во текот на изминатите неколку недели или месеци?

Што можам да направам за да го намалам ризикот од рак на кожата?

 

Правејќи ја заштитата од сонце секојдневна навика ќе ви помогне да го намалите ризикот од рак на кожата

Практикувајте заштита од сонце

Заштитата од УВ зраците е важна цела година, не само во текот на летото. УВ зраците можат да допрат до вас во облачни и студени денови и се рефлектираат од површини како вода, цемент, песок и снег. УВ зраците се најсилни од 10 до 16 часот.

УВ индексот ја предвидува јачината на УВ зраците секој ден. Ако УВ-индексот во вашата област е 3 или повисок, заштитете ја кожата од премногу изложување на сонце. Центарот за контрола на болести од Атланта , САД,  препорачува неколку начини да ја заштитите вашата кожа кога УВ индексот е 3 или поголем:

·         Останете во сенка.

·         Носете облека што ги покрива рацете и нозете.

·         Носете шапка со широка периферија за да го покриете лицето, главата, ушите и вратот.

·         Носете очила за сонце што ги блокираат и УВА и УВБ зраците.

·         Користете крема за сончање со заштитен фактор (SPF) од 15 или повисок.

 

Избегнувајте сончање во затворен простор

Сончањето во затворени простории (користење солариум) за да потемни кожата ги изложува корисниците на високи нивоа на УВ зраци. Со текот на времето, премногу изложување на УВ зраци може да предизвика рак на кожата, катаракта и рак на окото.

Темен тен не укажува на добро здравје

Кога УВ зраците допираат до внатрешниот слој на кожата, кожата создава повеќе меланин. Меланинот е пигмент кој и дава боја на кожата, се движи кон надворешните слоеви на кожата и станува видлив како темен тен. Секоја промена на бојата на кожата по изложување на УВ зраци (без разлика дали е темен тен или изгореница) е знак за повреда, а не за здравје.

Какви скрининг тестови постојат?

 

Пријавете на вашиот лекар ако имате невообичаени бемки или промени на вашата кожа. Исто така, разговарајте со вашиот лекар ако сте изложени на зголемен ризик од рак на кожата.

 

Редовното проверување на вашата кожа ќе ви помогне да откриете какви било сомнителни промени. Проверите ги и помалку видливите делови на вашата кожа.

 

 

 

Дали има придобивки од поминувањето време на отворено?

 

Поминувањето време на отворено може да го подобри целокупното здравје и благосостојба. Престојот на отворено нуди многу можности да бидете физички активни. Времето поминато на отворено, исто така, може да го подобри менталното здравје и да го намали стресот. Додека уживаат во придобивките од престојот на отворено, луѓето можат да го намалат ризикот од рак на кожата заради преголемата изложеност на УВ зраци, со користење на заштита од сонце.

Локалната самоуправа може да помогне со тоа што ќе обезбеди сенки во јавните паркови. Училиштата и бизнисите може да размислат за обезбедување сенки на училишните терени и местата каде што луѓето се собираат надвор.

Ултравиолетовите (УВ) зраци од сонцето може да го стимулираат производството на витамин Д во кожата. Малку или никакво изложување на сонце може да го доведе човекот во ризик од ниско ниво на витамин Д, но, преголемата изложеност на УВ зраците од сонцето или вештачки извори може да го зголеми ризикот од рак на кожата и болести на очите. Количината на витамин Д што ја создава кожата на еден човек кога е на сонце зависи од многу фактори, вклучувајќи го тенот на кожата, географската локација, временските услови, периодот од годината и времето од денот.

Кожата може да произведе само ограничено количество на витамин Д во исто време. Штом телото ќе ја достигне оваа граница, поминувањето повеќе време на сонце нема да продолжи да го зголемува нивото на витамин Д. Сепак, продолженото време на сонце ќе го зголеми ризикот од рак на кожата. Не е познато нивото на изложеност на ултравиолетово зрачење кое би го зголемило нивото на витамин Д без да го зголеми и ризикот од рак на кожата. Витаминот Д може безбедно да се добие преку храна и додатоци во исхраната без ризици поврзани со прекумерна изложеност на УВ.

Застапеност на меланомот

Меланомот на кожата е 17-ти најчест карцином кај населението во светот, 13-ти најчест карцином кај мажите и 15-ти најчест карцином кај жените.

Од 5 случаи на сите видови на рак на кожа, 1 случај е меланом. Вкупно 325.000 нови случаи на меланом на глобално ниво (174.000 мажи, 151.000 жени) и 57.000 смртни случаи од меланом (32.000 мажи, 25.000 жени) биле проценети за 2020 година. Големи географски варијации во инциденцата постојат низ земјите и светските региони, со најголема застапеност меѓу мажите (42 на 100.000 мажи) и жените (31 на 100.000 жени) во Австралија/Нов Зеланд, проследено со Западна Европа (19 на 100.000 и за мажи и за жени), Северна Америка (18 на 100.000 мажи, 14 на 100.000 жени) и Северна Европа (17 на 100.000 мажи, 18 на 100.000 жени). Меланомот продолжува да е редок во повеќето африкански и азиски земји, со стапка на инциденца вообичаено помала од 1 на 100.000 население.

Стапката на смртност е зголемена на 5 на 100.000 население во Нов Зеланд, а географските варијации во однос на смртноста се помалку изразени отколку за инциденцата.

Меланомот е почест кај мажите отколку кај жените во повеќето светски региони. Ако продолжи досегашниот тренд на појава на меланомот, се проценува дека бројот на нови случаи од меланом ќе се зголеми на 510.000 (приближно зголемување од 50%) и на 96.000 смртни случаи (зголемување од 68%) до 2040 година.

Иако ризикот од меланом генерално се зголемува со возраста и инциденцата е поголема кај постарото население, меланомот е меѓу најчестите видови на рак кај адолесцентите.

Меланомот е почест кај мажите отколку кај жените во повеќето делови на светот, но, ова сепак се разликува според возраста, при што стапките кај жените ги надминуваат оние кај мажите на возраст помала од 50 години. Половите разлики постојат и во однос на анатомската локализација на лезијата, меланомот е почест на трупот кај мажите,а на долните екстремитети кај жените.

Во Р.С.Македонија во 2022 година вкупниот бројот на умрени од други малигни неоплазми на кожа е 36 со стапка на морталитет од 2.0/100 000 население, додека бројот на умрени мажи изнесува 21 со стапка на морталитет од 2.3/100 000 мажи, а бројот на умрени жени е 15 и стапка на морталитет 1.6/100 000 жени. Од меланом во 2022 година умреле 62 лица со стапка на морталитет од 3.4 на 100 000 жители, од кои 41 се мажи, а 21 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.5 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 2.3 на 100 000 жени.

 

Извор:

1. https://www.cdc.gov/cancer/skin/basic_info/index.htm

2. https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/35353115/,

3. Државен завод за статистика на РСМ. Морталитет во РСМ во 2022,

Скопје, 2023

Превод и подготовка: Оддел за здравствена промоција и следење на болести