• 10.05.2024

12 мај - Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари


 По повод  Меѓународната недела на сестринството, на 5 мај се одбележува Меѓународен ден на акушерките, а на 12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари.

 Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари  се одбележува на 12 мај, секоја година во знак на сеќавање на роденденот на Флоренс Најтингеjл. Таа е родена во Фиренца, Италија  на 12 мај 1820 година. Целиот свој  живот се борела за унапредување на својата професија и правата на жените. Флоренс Најтингеjл се смета за пионер на модерното сестринство во светот, дала придонес во промовирањето на графичкото претставување на статистички податоци, иницирала стручно образование на медицинските сестри и вовела методи за нега на пациенти и организација на болници, кои се прифатени во многу земји.

Медицината се занимава со човекот од аспект на болеста, а здравствената нега се занимава со човекот, од аспект на основните човечки потреби. Медицинската сестра има одговорна професија и се залага за постојана професионална надградба и континуирана медицинска едукација.

 Медицинска сестра опфаќа автономна и колаборативна грижа за лица од сите возрасти, семејства, групи и заедници, болни или здрави во сите услови. Тоа вклучува унапредување на здравјето, спречување на болести и грижа за болни, инвалидни и лица кои се на умирање. Секоја земја има потреба од компетентна, едуцирана, мотивирана,  добро дистрибуирана и поддржана здравствена работна сила како дел од глобалниот поттик за универзално здравствено покритие, а медицинските сестри се клучни за реализација на овие напори. Медицинските сестри играат клучна улога во здравствената  заштита. Тие често се првите кои ги откриваат здравствените  итни случаи и работат во првите редови на превенција на болести и испорака на примарна здравствена заштита, вклучително и промоција, превенција, третман и рехабилитација. Тие често се првиот, а понекогаш и последниот здравствен работник кој што ќе го види пациентот и квалитетот на нивната првична проценка и последователна грижа е од витално значење за добри здравствени резултати. Медицинските сестри учествуваат во здравствена едукација на населението и посебни вулнерабилни групи за ризик факторите за настанување како на заразните, така и незаразните болести (пушење, неправилна исхрана, употреба и злоупотреба на алкохол, употреба на дроги, физичка неактивност, небезбедно сексуално однесување, и др.)

 Медицинските сестри завземаат активно учество во подигање на свеста за редовни превентивни здравствени прегледи за рано откривање на малигни заболувања, кардиоваскуларни заболувања, дијабет, остеопороза и др.заболувања.

СЗО има дадено важни препораки, вклучувајќи инвеститање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри, инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицинските сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата на медицинската сестра во здравствениот систем и поддршка на здравствените работници и спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина.

 Скоро 50% од здравствените работници се медицински сестри и акушерки. На Светот му требаат 9 милиони повеќе медицински сестри и акушерки доколку сака да постигне универзално здравствено покритие до 2030 година.

 Mедицинските сестри се третираат “здраво за готово,  како невидлив и неисцрпен ресурс. Тоа  мора да престане за доброто на медицинските сестри и глобалното здравје. Медицинските сестри се клучни за поздрави заедници, одговорни општества, просперитетни економии и моќни нации. Сега е време креаторите на политиките, националните и локалните носители на одлуки да преземат решителни чекори за градење и оптимизирање на издржлива, силна и одржлива работна сила на сестри.

Меѓународниот совет на медицински сестри апелира на владите и работодавачите да преземат активности и создадат и одржуваат здравствени системи кои се безбедни, достапни и одговорни и медицинските сестри потребно е, да се третираат од ,,да се биде невидлив до непроценлив`` ресурс во здравствените системи. Да се инвестира во медицинските сестри за обнова на здравствените системи кои можат да ги испорачаат целите за одржлив развој и универзалната здравствена покриеност за подобрување на глобалното здравје. Да се обезбеди заштита против насилството и опасностите на работното место и имплементираат и спроведуваат меѓународните стандарди на трудот за правата на медицинските сестри, да работат во безбедна и здрава работна  средина која обезбедува заштита на физичкото и менталното здравје. Да се унапредат стратегии за регрутирање и задржување на медицински сестри и справување со недостатокот на работна сила преку системско планирање и следење на работната сила. Да се инвестира  во висококвалитетни, акредитирани програми за образование на медицински сестри со цел да се подготват повеќе нови медицински сестри и да се унапреди развојот на кариерата за постоечките медицински сестри. Да се промовира и инвестира во култура  на еднаквост која ја почитува сестринската професија како водечки придонесувач за висококвалитетен здравствен систем.

 И покрај критичната улога што ја имаат во здравствената заштита, во светот има недостиг од медицински сестри, кој се очекува да се зголеми со порастот на популацијата, што ја зголемува потребата  за обучени медицински сестри во сите области на здравствената заштита.

 РС Македонија е потребно да ги следи овие состојби и практикува што поголем број на едуцирани, специјализирани медицински сестри да бидат ангажирани во здравствениот ситем за што подобро задравствено покритие на своето население.

Во РС Македонија како и во другите земји се забележува тренд на намалување на бројот на медицински сестри.

Во РС Македонија за намалување на трендот на одлив на медицински сестри потребно е решавање на приоритетни проблеми  во сестринската професија:

  • донесување на Закон за здравствена и акушерска нега;
  • признавање и вреднување на високото образование на сестри и акушерки, како и нивните специјализации вградени во колективните договори, во согласност со Конвенцијата 149 на Меѓународната организација на трудот;
  • воведување менторство во сестринската пракса;
  • инвестирање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри;
  • инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицинските сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата во здравствениот систем и поддршка на здравствените работници и спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина;
  • зголемување на  улогата на патронажните сестри во обезбедување на  здравствена нега во заедницата и проширување на нивната улога во обезбедување на базична и примарна здравствена заштита.

 Медицинските сестри играат клучна улога во унапредувањето на здравјето, спречувањето на болести и обезбедувањето примарна здравствена  грижа. Тие обезбедуваат нега во постапување при итни случаи и ќе бидат клучни за постигнување на универзална здравствена заштита.

 Изразуваме голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвувана работа и грижа за здравјето на населението.

http://www.iph.mk/

https://mk.wikipedia.org/wiki/

https://www.who.int/

https://www.icn.ch/how-we-do-it/campaigns/international-nurses-day

Изготвил:

Оддел за здравствена промоција и следење на болести