Ноември е месец во кој зборуваме, како за ракот на простата, така и за ракот на панкреас и ракот на белите дробови. Овие болести, почеста инциденца имаат кај припадниците на машкиот пол, иако се јавуваат и кај жени.

Ракот на белите дробови е водечката причина за смрт од малигни заболувања во светот, многу тешка и сериозна состојба, која за жал има многу мала шанса да се победи. Повеќе жално од самата состојба е што оваа болест најчесто се јавува како последица од пушењето, околу 50% од смртноста од рак на бели дробови кај жените е последица од пушењето, а дури 70% кај мажите, а пушењето е една штетна навика без која светот би бил многу подобро место за живеење. Кај ракот на панкреасот пак, пушењето придонесува за околу 20% од смртноста од истата болест, а лицата кои пушат имаат 80% поголем ризик за развивање на рак на панкреас во однос на непушачите.

Што е рак на бели дробови?

Ракот на бели дробови е присуство на малигна неоплазма која ги зафаќа самите бели дробови. Постојат повеќе типови на рак на бели дробови, и според типот на клетки кои ја градат малигната неоплазма се делат на тумори на ситни и тумори на крупни клетки. Најчести од сите се од оние на крупни клетки, а од нив најзастапени се аденокарциномите. Неоплазмите на ситни клетки може да се јават поединечно или во мешавина со малигни крупни клетки. Оваа неоплазма многу често метастазира и поради тешкотиите за нејзината рана детекција, кога се открива, најчесто има веќе и присуство на метастази.

Ризик фактори за рак на бели дробови:

-Пушење – Најглавен и најсериозен ризик фактор за развивање на оваа болест. Што поголема количина на цигари испушено и подолг пушачки стаж, толку е поголем ризикот за развивање на рак на белите дробови.

-Пасивно пушење – Бројни истражувања покажуваат зголемен ризик за развивање на рак на бели дробови кај лицата кои се изложени на пасивно пушење, речиси со иста сериозност како и кај самите пушачи.

-Фамилијарна историја – Позитивна фамилијарна анамнеза за присуство на рак на бели дробови во една фамилија, го зголемуваат ризикот за појавување на оваа болест кај овие лица.

-Изложеност на штетни супстанци – Супстанци како радон, азбест, хром, никел и други канцерогени супстанци, придонесуваат за развивање на рак на белите дробови

-Изложеност на зрачење – Штетните зраци се исто така голем ризик фактор за оваа болест

 

Симптоми на рак на бели дробови :

-Болка во градите

-Отежнато дишење

-Губење на свест, слабост, малаксаност

-Силно и често кашлање

-Крвав искашлок

Како да се спречи ракот на белите дробови?

– избегнување и прекинување на користење на тутунски производи

-Избегнување на изложеност на пасивно пушење

-Избегнување на изложеност на штетни супстанци, гасови и зрачење

-Редовни докторски прегледи над 40 години, кај лица со позитивна фамилијарна анамнеза

-Здрава исхрана, вежбање и здрав начин на живот

 

Што е рак на панкреас?

Ракот на панкреас е малигно заболување кое ги напаѓа клетките на панкреасот. Најчесто ги зафаќа клетките кои ги обложуваат патиштата кои учествуваат во преносот на дигестивните ензими надвор од панкреасот, односно најчест тип е дукталниот аденокарцином. Оваа болест е многу тешка и сериозна, а лош прогностички фактор е што појавувањето на симптомите најчесто се случува кога болеста е во напредната фаза.

Ризик фактори за рак на панкреас

-Пушење – Како и кај ракот на белите дробови, пушењето сериозно влијае врз развивањето на ракот на панкреасот.

-Позитивна фамилијарна анамнеза

-Возраст – Лицата во понапредната возраст имаат зголемен ризик за развивање на рак на панкреас.

-Дијабет

-Хроничен панкреатитис – Тоа е хронично воспалително заболување кое го зафаќа панкреасот

-Алкохолизам

-Дебелина

Симптоми на ракот на панкреас:

-Абдоминална болка

-Намален апетит

-Пожолтување на кожата

-Темна боја на урината

-Чешање на кожата

-Замор

-Појавување на дијабет во понапредна возраст или влошување на веќе постоечки

-Светло обоена столица

 

 

Како да се спречи ракот на панкреасот?

-Избегнување и прекинување на пушење

-Здрав начин на живот, здрава исхрана, редовно вежбање

-Редовни контроли кај лица со позитивна фамилијарна анамнеза

 

Состојбата со овие болести во Република Северна Македонија

Во 2020 година, вкупно 956 лица починале како последица од малигна неоплазма која ги зафаќа белите дробови. Од тие 956, дури 757 биле мажи, а 199  биле жени. Од сите 956, 9 биле на возраст од 35-44 години, 53 на возраст од 45-54 години, 248 на возраст од 55-64 години, 314 на возраст од 65-74 години и 133 на возраст над 75 години.

slika 1 rak

Извор: Државен завод за статистика, Скопје, 2021

Во 2020 година вкупно 191 лица починале од рак на панкреас. Од тие 104 биле мажи, а 87 биле жени. Од 191 починати 1 бил на возраст од 25-34 години, 7 на возраст од 35-44 години, 11 на возраст од 45-54 години, 41 на возраст од 55-64 години, 75 на возраст од 65-74 години и 56 на возраст на 75 години.

rak 2 slika

Извор: Државен завод за статистика, Скопје, 2021

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести