Годинава на предлог на Светската Здравствена Организација (СЗО) / Европа во периодот од 16-22 ноември 2015 година за прв пат се организира Светска недела за рационално користење на антибиотици, со што се потенцираат активностите кои досега беа превземани на 18 ноември – Европски ден за рационално користење на антибиотици. Причина за зајакнување на активностите се сè потешкото закрепнување на пациентите од инфекции кои се предизвикани од сè поголемиот број резистентни микроорганизми. Растечката резистенција поврзана со слабиот развој на нови антибиотици ги прави инфекциите тешки за лекување, кои можат да завршат со смрт.

2

3

Во пресрет на оваа недела, СЗО го објави првиот извештај на CAESAR мрежата за следење на антимикробната резистенција на Централна Азија и Источна Европа, за антибиотска резистенција во пет земји кои не се членки на Европската Унија во СЗО регионот во Европа – Република Македонија, Белорусија, Србија, Турција и Швајцарија

(достапен на http://www.euro.who.int/__data/assets/pdf_file/0006/285405/CAESAR-Surveillance-Antimicrobial-Resistance2014.pdf?ua=1).

Податоците добиени преку оваа мрежа се комплементарни на податоците добиени од мрежата за следење на антимикробната резистенција на земјите членки на ЕУ, со што се создава пан-Европски увид во трендовите и изворите на антимикробната резистенција. Со податоците од CAESAR мрежата се обезбедуваат насоки за лекарите за начинот на лекување пациентите со вакви инфекции, а воедно и се делува на зголемување на свеста кај здравствените авторитети и населението за потребата од рационално користење на антибитоците.

Главен заклучок на овој извештај е дека антибиотската резистенција во земјите кои не се членки на Европската Унија (ЕУ) на СЗО регионот во Европа е различна, но споредлива со таа во земјите членки на ЕУ.

Швајцарија има резистенција слична на земјите во Северна Европа кои се карактеризираат со ниска резистенција и високо ниво на свесност. Сепак, забележана е релативно висока резистенција на бактеријата Acinetobacter spp., предизвикувач на пневмонија и инфекции на рани, кон карбапенемите, кои се едни од последните откриени антибиотици. Ова значи дека само неколку алтернативни лекови се достапни за да се спасат пациентите со вакви инфекции.

Турција има слична резистенција како земјите на Југоисточна Европа. Тие имаат релативно високо ниво на резистенција кон карбапенеми кај бактеријата E. coli, која почнува како голема болничка епидемија, но се шири и надвор од болницата во целата земја.

Република Македонија, Белорусија и Србија,  слично на нивните соседни држави во ЕУ имаат висока резистенција на бактериите Acinetobacter spp.и Pseudomonas spp.

Извештајот покажува дека и покрај различното ниво, антибиотската резистенција е сериозен јавно-здравствен проблем, не само во петте држави на CAESAR мрежата, туку и глобално.

Оттука и потребата за одржување на Светска недела за рационално користење на антибиотици под слоганот “Антибиотици: внимателна употреба”, како најефективен начин за намалување на антибиотската резистенција.

Република Македонија, како една од првите држави во Европа која од 2008 година спроведува кампања за рационална примена на антибиотици, и година се придружи на одбележувањето на Светската недела за рационално користење на антибиотици со следните активности, предложени од Мултисекторската комисија за антимикробна резистенција при Министерството за здравство:

1) На 16.11.2015 (понеделник) во хотел „Континентал”  се одржа состанок на националната CAESAR мрежа на кој беа поканети сите микробиолози (од јавните и приватни микробиолошки лаборатории), претставници од Центрите за јавно здравје и претставници од сите болници. По отворањето со поздравен говор на деканот на Медицинскиот факултет, Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, следеа стручни презентации на тема:

- CAESAR-методологија за следење на антимикробната резистенција, проф. д-р Жаклина Цековска, Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет, Скопје

- Резултати од спроведените надворешни контроли за квалитет во микробиолошките лаборатории во Р. Македонија, доц. д-р Ана Кафтанџиева, Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет, Скопје

- Резултати од CAESAR следењето на антимикробната резистенција во Република Македонија во периодот 2013–2015година, д-р Билјана Какараскоска Боцеска, м-р сци, Институт за jавно здравје на РМ

- Состојбата со антимикробната резистенција во Република Македонија во однос на другите Европски земјипроф. д-р Никола Пановски, Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет, Скопје, претседател на Мултисекторската комисија за АМР

- Можни причини за високиот процент на VRE (vancomycin resistant enterococci) во Р. Македонија, проф. д-р Гордана Јанкоска, Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет, Скопје

- CAESAR – идни можности и чекори за подобрување на процесот на известување и контрола на антимикробната резистенција, прим. д-р Голубинка Бошевска, м-р сци, Институт за jавно здравје на РМ, национален координатор за антимикробна резистенција.

slika 1

slika 2

Организатор на состанокот е Здружението на микробиолозите на Македонија (ЗММ) и националниот CAESAR тим кој е дел од Мултисекторската комисија на Министерството за здравство, а поддржан од СЗО регионалната канцеларија за Европа, СЗО канцеларијата во Скопје, Медицинскиот факултет од Скопје, Институтот за јавно здравје, и Центарот за регионални истражувања и соработка “Студиорум”. Истиот е КМЕ акредитиран во Лекарската комора на Македонија.

2) Како дел од одбележувањето на Светката недела, во перидот од 18-27.11.2015 во организација на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробната резистенција се одржани повеќе стручни и едукативни настани за подигнување на свеста за заедничката одговорност и потребата од заедничко делување. Меѓу нив:

а) Едукативни часови во траење од 30-45 минути за ученици во 5 основни училишта во Скопје. Беа опфатени повеќе од 450 ученици од 8-мо и 9-то одделение и нивните наставници

б) Предавања на утринските состаноци во 5 универзитетски клиники за состојбата со резистенција и рационалната употреба на антибиотици на кои присуствуваа повеќе од 260 доктори специјалисти/специјализанти

Во текот на овие настани на присутните ученици/здравствени работници им е поделен промотивен материјал со кој се очекува информациите да се проследат до семејствата на присутните, односно да пристигнат до општата популација.

slika 3

slika 4

Овие активности се одржуваат во соработка меѓу Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет – Скопје, Центарот за регионални истражувања и соработка “Студиорум”, СЗО канцеларијата во Скопје и СЗО Регионалната канцеларија за  Европа. Организатори на активностите и предавачи беа: прим. д-р Г. Бошевска, м-р сци, д-р Б. Какараскоска Боцеска, м-р сци, проф. д-р Ж. Цековска, проф. д-р Г. Јанкоска, доц. д-р А. Кафтанџиева, м-р Н. Милевска Костова, м-р К.  Христова, м-р В. Ивановска, м-р М. Спасеновска, м-р С. Чичевалиева, проф. д-р Н. Пановски

Ни претставува чест и задоволство што заедно ги одбележуваме Европскиот ден и Светската недела за рационална употреба на антибиотици, во борбата со растечката закана од АМР на глобално ниво. Само со координирани и заеднички активности на здравствените работници и населението можеме да ја сочуваме активноста на антибиотиците за идните генерации. Во наоѓањето на решение не е исклучен никој.

прим. д-р Г. Бошевска, м-р сци, национален координатор за АМР