Говор на Директорот на Институтот за јавно здравје,

Асс. д-р Шабан Мемети

Влијанието на психоактивните супстанци врз здравјето на луѓето е одамна докажано и документирано. Превенцијата, третманот, рековалесценцијата и социјалната реинтеграција се мерки и програми кои имаат голема улога во справување со проблемот на употреба на дроги и редукција на негативното влијание врз општеството. Како дополнување на медицинските аспекти на проблемот кои се резултат на директното влијание на психоактивните супстанци врз здравјето, други форми на штетности претставуваат ризик фактор, не само за лицата кои користат психоактивни супстанци, туку и за луѓето со кои тие доаѓаат во контакт. Во оваа смисла само да ги напоменеме последиците кои доаѓаат од предозираност, траума, самоубиство, ментални нарушувања и болести, инвалидитет и онеспособеност и прерана смрт.

Земјите на Југо-Источна Европа се коридор за пренос на дроги, особено хероин , кон земјите на Западна и Централна Европа, т.н. “ Балканска рута “. Република Македонија лежи токму на патот на оваа рута во светот, такашто дел од илегалните дроги остануваат и се дистрибуираат и во нашата земја.

slika 2 pres

Неколку истражувања за употребата на дроги, тутун и алкохол од страна на учениците, децата од 11-16 години, се спроведени во Република Македонија во изминатиот период. Употребата на илегалните дроги е околу 2% , но загрижува фактот што таа има тренд на пораст и е поврзана со возраста, такашто на 15 и 16г. возраст веќе околу 5% од децата искажале дека во дотогашниот живот пробале барем 1-2 пати марихуана.

Сé до оваа година, недостасуваа податоци за преваленцата на употреба на психоактивни супстанци од страна на возрасните лица на национално ниво.

Но, со поддршка на Министерството за здравство и согласно упатствата и поддршката на Европскиот центар за мониторинг на дроги и зависност од дроги од Лисабон , Институтот за јавно здравје беше координатор на проектот Глобално популационо истражување за дроги кое се спроведе за прв пат во Република Македонија на национално ниво.

Прес конференцијата има за цел да ги претстави резултатите од студијата преку денешната промоција на публикацијата – Извештај за состојбите со употребата на психоактивните супстанци од возрасното население во Република Македонија.

Значајноста на оваа студија на пресек произлегува и од можноста за прв пат да се споредат нашите резултати со резултатите на другите земји во Европа кои ја спроведуваат студијата по истата методологија.

Секако, добиените сознанија од студијата претставуваат голем придонес во јавното здравство, имајќи во предвид дека претставуваат основа за креирање на идните политики во борбата против зависностите од психоактивни супстанци, а со цел за заштита на здравјето на нашето население.

На крајот, сакам да ја искажам мојата благодарност до експертите од Лисабон, до Министерството за здравство, и до сите учесници во проектниот тим  за успешно завршената работа, а на сите присутни на оваа прес конференција, да им се заблагодарам што ја прифативте поканата да присуствувате на овој значаен настан.

ПРЕВЗЕМИ PDF – КЛУЧНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО

ПРЕВЗЕМИ ПРЕЗЕНТАЦИЈА 1 – УПОТРЕБА НА ПСИХОАКТИВНИ СУПСТАНЦИИ ПОМЕЃУ ОПШТАТА ПОПУЛАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ПРЕВЗЕМИ ПРЕЗЕНТАЦИЈА 2 – GPS_EMCDDA, Skopje_2017