Од јавноздравствениот аспект, физичката активност е однесување кое директно и индиректно влијае врз здравјето на населението. Во прилог на ова тврдење зборуваат голем број на истражувања со кои е потврдено влијанието на физичката активност во превенирање и лекување на хроничните болести. Според проценките на СЗО 3,2 милиони смртни случаеви годишно се поврзани со недоволната физичка активност. Физичката активност денес зазема важно место во јавното здравство и станува клучен сегмент во стратегии за унапредување на здравјето на населението кои се развиваат и спроведуваат низ светот. Во развиените земји постои систем на следење на степен на физичката активност, како кај возрасните, така и кај децата и адолесцентите.

Што е физичка активност?

Физичката активност претставува, секое физичко движење кое го активира мускулно скелетниот систем, ја зголемува енергетската потрошувачка и претставува основно средство за подобрување на физичкото и менталното здравје на луѓето и истата ги намалува ризиците од многу незаразните болести. Физичката активност се постигнува низ игра, работа, пешачењето, домашните работи и рекреативните активности и таа не треба да се меша со вежбањето. Вежбањето е под-категорија на физичката активност, кое е планирано, структурирано, повторувачко и намерно, со цел подобрувањето или одржувањето на една или повеќе компоненти на физичката кондиција.

Физичката неактивност (недоволна физичка активност) е еден од водечките ризик фактори за незаразните заболувања и смрт во целиот свет. Недоволната физичка активност кај поедниците го зголемува ризикот од појава на рак, срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес за 20-30% и го скратува животниот век за 3-5 години. Покрај тоа, физичката неактивност го оптеретува општеството преку скриените и растечки трошоци за медицинска нега и губење на продуктивноста.

Клучни факти

  • Недоволната физичка активност е еден од водечките ризик фактори за зголемена смртност во светот.
  • Недоволната физичка активност е клучен ризик фактор за незаразните болести, како што се кардиоваскуларните заболувања, карциномот и дијабетесот.
  • Физичката активност има значителни здравствени придобивки и придонесува за спречување на незаразните болести.
  • На глобално ниво, 1 од 4 возрасни не е доволно активен.
  • Повеќе од 80% од светската адолесцентна популација не е доволно физички активна.
  • Политиките за решавање на недоволна физичка активност се оперативни во 56% од земјите-членки на СЗО.
  • Земјите-членки на СЗО се согласија да ја намалат недоволната физичка активност за 10% до 2025 година.

Колку и каква физичка активност препорачува СЗО?

Деца и адолесценти на возраст од 5-17 години

  • Треба да се физички активни најмалку 60 минути со умерен до силен интензитет.
  • Физичката активност поголема од 60 минути на ден ќе обезбеди дополнителни здравствени придобивки.
  • Треба да се вклучуени активности за зајакнување на мускулите и коските, најмалку 3 пати неделно.

Возрасни од 18 до 64 години

  • Треба да се физички активни најмалку 150 минути со умерен интензитет во текот на целата недела, или најмалку 75 минути физичка активност со силен интензитет во текот на целата недела, или еквивалентна комбинација на активност со умерен и енергичен интензитет.
  • За дополнителни здравствени придобивки, возрасните треба да ја зголемат својата физичка активност со умерен интензитет на 300 минути неделно, или еквивалентно.
  • Активности за јакнење на мускулите и коските, вклучувајќи ги поголемите мускулни групи се препорачуваат најмалку 2 дена во неделата.

 

Возрасни од 65 години и повеќе

  • Треба да да се физички активни најмалку 150 минути со умерен интензитет во текот на целата недела, или најмалку 75 минути физичка активност со силен интензитет во текот на целата недела, или еквивалентна комбинација на активност со умерен и енергичен интензитет.
  • За дополнителни здравствени придобивки, тие треба да ја зголемат физичката активност со умерен интензитет на 300 минути неделно, или еквивалентно.
  • Оние со слаба подвижност треба да прават вежби за подобрување на рамнотежата и спречување на паѓање, 3 или повеќе дена неделно.
  • Активности за јакнење на мускулите и коските, вклучувајќи ги поголемите мускулни групи се препорачуваат најмалку 2 дена во неделата.

Интензитетот на различни форми на физичка активност варира меѓу луѓето. За подобрување на кардио-респираторното здравје, целата активност треба да трае најмалку 10 минути.

Придобивки од физичка активност и ризици од недоволна физичка активност

Редовната физичка активност со умерен интензитет како пешачење или велосипедизам има значителни придобивки за здравјето. Било каква физичка активности е подобра од никаква. Станувајќи поактивни во текот на денот на релативно едноставни начини, луѓето можат многу лесно да ги постигнат препорачаните нивоа на активност.

Редовното и соодветно ниво на физичката активност придонсува за:

  • Подобрување на мускулната и кардио-респираторната кондиција;
  • Подобрување на здравјето и функционалноста на коските;
  • Намалување на ризик од хипертензија, корорнарна срцева болест, мозочен удар, дијабетес, разни видови на карцином и депресија;
  • Намалување на ризикот од паѓање, како и фрактура на колк или рбет кај возрасните.

Недоволната физичка активност е еден од водечките ризик фактори за смртност на глобално ниво и е во пораст во многу земји и има директно влијание на општата здравствена состојба во светот. Луѓето кои се недоволно активни имаат 20% до 30% поголемен ризик од смрт во однос на луѓето кои се доволно активни.

Како да се зголеми физичката активност?

Земјите и заедниците мора да преземат активности за да им обезбедат на поединците повеќе можности да бидат активни, со цел да ја зголемат физичката активност и тоа преку следните мерки:

  • Соработка со релевантните сектори за промоција на физичката активност, преку активности на секојдневно живеење;
  • Стази за одење, возење велосипед и други форми на активен превоз кои се достапни и безбедни за сите;
  • Политиките на трудот и работните места кои поттикнуваат физичка активност;
  • Училишта со безбедни места и капацитети во кои учениците можат да бидат активни во слободното време;
  • Квалитетно физичко образование кое им помага на децата да развијат модели на однесување што ќе ги задржи физички активни во текот на животот;
  • Доволни спортски и рекреативните капацитети сите да спортуваат.

Политиките и плановите за решавање на физичката неактивност се развиени во околу 80% од земјите-членки на СЗО, иако тие беа оперативни во само 56% од државите во 2013 година. Националните и локалните власти исто така усвојуваат политики во низа сектори за промовирање и олеснување на физичка активност.

Глобален надзор на физичката активност

Модул за проценка на недоволна физичка активност кај учениците е интегриран во Глобалното истражување за здравјето на учениците со седиште во училиштата (GSHS). GSHS е проект за набудување на Центар за контрола на болести (CDC) на СЗО/САД, дизајниран да им помогне на земјите да ги мерат и проценат факторите на ризик во однесувањето и заштитните фактори во 10 клучни области кај младите луѓе на возраст од 13 до 17 години.

Во 2013 година, Светското здравствено собрание се согласи за збир на глобални доброволни цели, кои вклучуваат намалување на 25% од предвремената смртност од незаразните болести и 10% намалување на недоволната физичка активност до 2025 година. „Глобалниот акционен план за спречување и контрола на незаразни болести 2013-2020“ ги води земјите-членки на СЗО и другите агенции на ООН, за тоа како ефективно да ги постигнат овие цели. СЗО е во фаза на развивање на специфични алатки, кои им помагаат на земјите-членки да спроведат активности и да ги постигнат целите.

Глобален акционен план за физичка активност

Агендата за 2030 година за одржлив развој и посветеноста на светските лидери да развијат амбициозни национални одговори на Цели за одржлив развој (ЦОР) дава можност да се рефокусираат и обноват напорите за промовирање на физичка активност. СЗО работи на нов глобален акционен план, со кој ќе се искористат придонесите на сите релевантни сектори, особено на животната средина, образованието, здравството, спортот и технологијата за да се забрза напредокот во постигнувањето на глобалните доброволни цели на незаразните болести, поставени од Светското здравство за 2025 година и целите на одржлив развој, поставени за 2030 година.

Планот ќе обезбеди опции за политики за земјите-членки, меѓународните партнери и СЗО, и ќе се развива во тесна соработка со сите релевантни чинители, земајќи ги предвид сегашните научни знаења, расположливите докази, преглед на меѓународното искуство, иновации и податоци.

Развивање на нови упатства за физичка активност и седечко однесување, СЗО го иницираше ригорозниот процес на ажурирање на Глобалните препораки за физичка активност на здравјето на младите и возрасните во 2010 година, за поддршка на спроведувањето на Глобалниот акционен план за физичка активност 2018-2030 година.

Спортувајте и бидете здрави!

Оддел за здравствена промоција и следење на болести

 

Референци:

  1. https://www.who.int/westernpacific/health-topics/physical-activity
  2. https://www.who.int/news-room/detail/04-06-2018-who-launches-global-action-plan-on-physical-activity
  3. https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/physical-activity
  4. https://www.who.int/publications-detail/global-action-plan-on-physical-activity-2018%E2%80%932030