• Причинител: Полиовируси тип 1, 2 и 3 (три блиску поврзани вируси).
  • Начин на пренесување: Полио вирусите најчесто се пренесуваат по фекaлно-орален пат (во услови на лоша хигиена и санитација на средината). Во услови на одржување на хигиена на високо ниво, орално-орален пат на пренос е исто така можен.
  • Природа на болеста: Полиомиелитисот, познат како детска парализа, е болест на центалниот нервен систем. По примарната инфекција на цревниот тракт, која најчесто поминува без никакви манифестации на болест, помалку од 1% од инфицираните лица развиваат паралитична болест. Во земјите во развој, 65–75% од случаите се јавуваат кај деца помали од 3 години, а 95% кај деца до 5 годишна возраст. Парализата е трајна, иако е возможно делумно враќање на функцијата. Не постои лек.
  • Географска дистрибуција: Значителен напредок е направен во поглед на глобалната ерадикација (искоренување) на полиомиелитисот. Од август 2012 година, детската парализа останува ендемична во три земји во светот – Авганистан, Нигерија и Пакистан, а во истата година пренос е повторно воспоставен во три земји кои претходно беа полио-ослободени (Ангола, Чад и Демократска Република Конго).
  • Во текот на 2013 година, ендемската детска парализа продолжува да опстои во споменатите 3 држави, а повторно воспоставување на болеста во епидемиска форма имаше во неколку земји, како резултат на импортирање на случаи (Камерун, Сомалија, Кенија, Сирија и Етиопија). Состојбата е непроменета и во 2014 година, заклучно со 14 јануари (видиwww.polioeradication.org/casecount.asp.)
  • Ризик за патници: Додека болеста останува неискоренета на глобално ниво, остануваат ризиците – за заболување од детска парализа (ризик за патниците кои патуваат во зафатени региони) и за реинтродукција, односно повторно враќање на болеста во полио-ослободени региони (ризик кој го носат патниците кои доаѓаат од зафатени региони). Сите патници кои патуваат во и од региони зафатени со полио, треба да бидат соодветно вакцинирани. Ажурирани податоци за моментално зафатените земји можат да се најдат на www.polioeradication.org/casecount.asp.
  • Живата атенуирана вакцина против полиомиелитис (OPV) која се ординира орално и инактивираната полио вакцина (IPV) која се ординира интрамускулно (или субкутано), се во широка употреба на светско ниво.

Оралната полио вакцина (OPV) е вакцината на избор за контрола и ерадикација на полиомиелитисот во повеќето земји, поради полесниот начин на давање на вакцината ординирање (орално), супериорноста во постигнување на цревен имунитет, како и ниската цена. Единствената, многу ретка компликација, поврзана со оваа вакцина е вакцинално-асоцираниот полиомиелитис (VAPP), која може да се јави кај лицата кои примиле вакцина или нивни блиски контакти. Ризикот од појава на оваа компликација се проценува на 1 случај на 2,4 милиони администрирани дози.

Сé додека не се прекине трансмисијата на дивиот полиовирус на глобално ниво, СЗО препорачува дека OPV треба да остане вакцината на избор за рутинска имунизација кај новородени во повеќето земји.
Примовакцинацијата треба да биде спроведена согласно националните календари за имунизација, на пример на возраст од 6, 10 и 14 недели, или 2, 4 и 6 месеци. Интервалот помеѓу дозите треба да биде најмалку 4 недели.
Доза од ОPV треба да биде дадена веднаш по раѓањето, во земји каде има зголемен ризик од импортирање или ширење на болеста.
Рутинската вакцинација со IPV може да се употребува само во земји со висок опфат на имунизација (>90%) и со низок ризик за импортирање и ширење на дивиот полиовирус. Примовакцинацијата со оваа вакцина треба да започне на возраст од 2 месеци. Доколку започне порано (пр. на 6, 10 и 14 недели), треба да се даде бустер доза по интервал од 6 месеци (4 дози).
Рутинската вакцинација која содржи вакцинација со IPV проследена со OPV, исто така може да се употребува во земји со низок ризик за импортирање и висок вакцинален опфат.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПАТНИЦИТЕ ВО МЕЃУНАРОДНИОТ СООБРАЌАЈ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОЛИОМИЕЛИТИС – ДЕТСКА ПАРАЛИЗА

Пред патување во региони каде има регистрирани случаи на полиомиелитис, патниците од земјите ослободени од полио треба да се осигураат дека ја имаат комплетирано вакцинацијата против полиомиелит, согласно нивните национални календари за имунизација.

  • Патниците кои одат во земји зафатени со полио, а кои претходно примиле три или повеќе дози од OPV или IPV, исто така треба да примат една доза од вакцината пред поаѓање.
  • Патниците кои одат во земји зафатени со полио, а кои претходно не примиле вакцина треба да ја добијат примарната серија (примовакцинација), која се состои од три дози на полио-вакцина, на растојание од 4 недели, пред поаѓање.

Лицата кои живеат во региони зафатени од полиомиелит, пред патување во странство, треба да имаат комплетирана вакцинација против оваа болест, пожелно со OPV, со цел да имаат цревен имунитет и со тоа да се намали ризикот од ширење и повторно појавување на болеста во слободните земји од полио.

  • Патниците од овие земји треба да примат дополнителна доза со OPV, најмалку 6 недели пред секое меѓународно патување.
  • Во случај на итно патување, треба да се даде најмалку една доза, 4 недели пред патувањето.

Некои земји ослободени од полио (пр. Саудиска Арабија), може да бараат од лицата кои сакат да патуваат во тие земји, да бидат имунизирани пред аплицирањето за виза, или да примат дополнителна доза кога ќе пристигнат во земјата, или и двете истовремено.

Совет до сите патници е да го носат со себе вакциналниот картон, бидејќи може да им се бара доказ за вакцинација против полио при влез во некои земји, а пожелно е да се користи Меѓународниот сертификат за вакцинација и профилакса, IHR 2005. Сертификатот едостапен на web страната на СЗО (http://www.who.int/ihr/IVC200_06_26.pdf).

 

Текстот е неавторизиран превод на дел од СЗО документот “Меѓународно патување и здравје”, последно издание 2012