На 12.10.2011 година во 11 часот (ДДД Станица) се одржа Прес Конференција за целите од проектот за безбедна диспозиција на хемискиот отпад од Институтот за јавно здравје на Република Македонија и од 10-те Центри за јавно здравје.

Во функција на оддржливиот развој и заштита на здравјето на луѓето и животната средина ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија во 2009 година поднесе барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за диспозиција на опасниот хемиски отпад од Институтот и Центрите за јавно здравје на РМ.

Министерството за животна средина и просторно планирање подготви Проект во соработка со Институтот за јавно здравје на Република Македонија и во понатамошните контакти со Амбасадите на Норвешка и Швајцарија беше обезбедена донација во износ од 100.000 евра од Норвешката и Швајцарската Влада за диспозиција на опасниот хемиски отпад од Институтот и Центрите за јавно здравје на РМ, за што сме многу благодарни.

ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија како јавна здравствена и научно-истражувачка установа за време на вршење на својата дејност создава извесни количини на медицински отпад, како и опасен хемиски отпад дефиниран според Законот за управување со отпадот, Службен весник на Република Македонија бр.68/04 и 107/07, и Листата на видовите отпад (Службен весник на РМ бр.100/05).

Постапувањето со хемискиот отпад, односно собирањето, селектирањето и неговото складирање е правилно решено во рамките на Институтот за јавно здравје на Република Македонија во контекст на горе наведениот Закон.

Но, реален проблем претставуваше отстранувањето на опасниот хемиски отпад кој се создава во лабораториите на Институтот за јавно здравје на Република Македонија и Центрите за јавно здравје.

Досегашната постапка вклучуваше негово складирање во безбедносно депо во непосредна близина на Институтот, со што беше обезбеден редовен надзор, како и мерки за заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето.

Врз основа на член 32, став 1 и 2 од Законот за управување со отпадот, Институтот за јавно здравје на Република Македонија имаше потреба од трајно решавање на складирањето и отстранувањето на опасниот хемиски отпад (во течна состојба), затоа што според член 33, став 4 складирањето на опасниот отпад не може да трае подолго од една година, доколку отпадот е наменет за отстранување.

Во врска со потребата од решавање на собирање и транспорт на опасниот отпад кој е создаван во поранешниот период, како и можноста за евентуално интегрално решавање на проблемот со опасниот хемиски отпад, Институтот за јавно здравје на Република Македонија спроведе ситуациона анализа на количините и составот на опасниот хемиски отпад (како и ДДТ уште од 1975 година), кој беше складиран во депоата за хемиски отпад на ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија и регионалните Центри за јавно здравје (10 тони хемиски отпад). Истиот беше означен и препакуван во пакувања одобрени од страна на Обединетите нации за транспорт на опасен отпад.

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Институтот за јавно здравје подготвија Прирачник за одджливо ракување со хемикалии во лабораториите на здравството и оддржаа обука за релевантните чинители во 2010 година.

По обезбедената донација во износ од 100.00 евра и по добивањето на сите нотификации од Србија, Унгарија, Австрија и Германија според Базелската Конвенција која ги утврдува правилата и условите за контрола на прекугранично пренесување на опасен отпад и неговото складирање, ратификувана од наша страна “Службен весник на Република Македонија бр.49/97″, на 12.10.2011 се реализира извоз на опасниот отпад под услови предвидени со Конвенцијата и во договор со “VALOREC Services AG” од Базел, Швајцарија кадешто на безбеден начин ќе се уништи хемискиот отпад во инцинератор за согорување на опасен отпад.

На овој начин е даден голем придонес во превенцијата и зачувувањето на здравјето на сите лица кои можат да дојдат во контакт со хемискиот отпад, како и во заштита и унапредување на животната средина.