
УНИЦЕФ заедно со Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, на 6 јули 2022 ја претстави првата мобилна апликација “Bebbo“ наменета за родители и сите што се грижат за деца на возраст од 0 до 6 години.
Во Северна Македонија, УНИЦЕФ, во соработка со Институтот за јавно здравје, заедно со стручњаци од различни области на раниот развој на децата, го прилагоди материјалот од апликацијата на потребите на корисниците во земјата на македонски и на албански јазик.
Апликацијата беше подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија како дел од пошироката соработка на УНИЦЕФ и Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување во рамките на двегодишната иницијатива за зајакнување на националните системи за здравство, образование, ран детски развој и детска заштита, за да се обезбеди континуитет во обезбедувањето на клучните услуги за ранливите деца и нивните семејства во рамки на непосредната и подолгорочната реакција за закрепнување од КОВИД-19 во земјите на Западниот Балкан и Турција.
На секое дете во раст му е потребна грижлива нега, добро здравје, оптимална исхрана, и стимулативна и безбедна средина која нуди многу поддршка за рано учење. За да обезбедат најдобар почеток за своите деца, на сите семејства им треба некаква поддршка.
Знаејќи дека родителите и старателите се главните даватели на грижлива нега за малите деца, ние имаме обврска да им помогнеме преку обезбедување информации, совети и техники за позитивно родителство и здрав детски развој.
Затоа јавно здравствената установа Институт за јавно здравје работи на програми кои даваат приоритет на градење родителска умешност и поддршка за благосостојбата на родителите како што се на пример: Програмата за јавно здравје, Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца и др.
Bebbo апликацијата е дополнителна алатка која поддржува одговорно, позитивно родителство. Bebbo е достапна бесплатно. Нејзината цел е да обезбеди сеопфатни информации за раниот детски развој и родителската грижа во формат погоден за родителите и старателите на мали деца, на возраст од 0 до 6 години.
Апликацијата е развиена со цел да ги поддржи родителите да се вклучат во развојно стимулирачки практики преку игри и активности со своите деца и да им помогне да го следат растот, развојот и здравствениот статус на детето. Во исто време, апликацијата може да ја користат и давателите на услуги како ресурс при работата со родителите, но и како алатка за градење доверливи односи и партнерство заради добробитта на малите деца.
Министерството за здравство, во средината на јуни 2021 година, ја номинираше јавно здравствената установа Институт за јавно здравје на РСМ да биде одговорна институција која ќе ја координира, следи и одржува апликацијата во иднина. Но, пред номинацијата, во претходниот период, во рамки на секторот здравство, од страна на министерот за здравство беше формирана Комисија од експерти од различни сфери на здравствената дејност (педијатри, гинеколози, специјалисти од јавното здравство, фармацевти и сл. ) кои имаа задолженија да ги дадат своите експертски мислења по однос на содржините во апликацијата, со цел тие да бидат соодветни на најновите трендови во здравствената заштита на децата.
За време на реализацијата на проектот, Институтот за јавно здравје беше одговорен за севкупна координација на системот за управување со содржината, координација на експертската група за поддршка на прегледот на содржината на апликацијата во однос на нејзината релевантност, применливост и културна соодветност, избор на содржина претходно избрана од регионалната канцеларија на УНИЦЕФ, специфична за контекстот на земјата, како и ревизија на содржината преведена со машински превод.
Институтот за јавно здравје е партнер за поддршка на промоцијата на апликацијата и обезбедува одржлива база на експерти кои континуирано ќе ја ажурираат содржината, откако партнерството со УНИЦЕФ ќе заврши.
Повеќе податоци за “Bebbo”:
Како вистински сопатник на родителите во првите години од животот на нивните деца, Bebbo нуди можност да се следат клучните развојни одредници на децата – како на пример, на која возраст детето почнува да игра одредена игра или да учи одредени зборови – и да се следи растот на детето, вакцинирањето и здравствените прегледи. Апликацијата содржи:
Статии подготвени од експерти кои опфаќаат многу теми како што се доењето, раното учење и развој.
Нуди игри – многу идеи за тоа како се воспостави интеракција со детето преку игри кои го стимулираат раното учење и развој. Родителите можат да одберат игри за поттик на физичкиот развој, социо-емоционалните вештини, јазикот, комуникацијата и развојот на мозокот.
Следење на развојот – им помага на родителите да го следат напредокот во развојот на детето и постигнувањето на развојни одредници кои се препорачани за негова возраст. Помага и родителите да го мотивираат развојот преку игра.
Вакцинација – следење на препорачаните вакцини според Календарот за имунизација за родителите да можат лесно да следат до каде се со вакцинирањето на детето.
Здравствени прегледи – овој дел од апликацијата помага да се запише информација за посетите на лекар на нивното дете, како и да внесат потсетници за лекарски прегледи.
Раст на детето – оваа алатка овозможува родителот да ги следи висината и тежината на детето според возраста.
Bebbo може да се симне од Google play и App Store на македонски и на албански јазик.
Извор: УНИЦЕФ Северна Македонија