Речиси 600.000 нови случаи на рак на грлото на матката се дијагностицираат секоја година, а секоја минута, на една жена и се дијагностицира овој карцином. Поразително, преку 300.000 жени годишно умираат од рак на грлото на матката. На глобално ниво, на секои две минути, една жена умира од оваа болест која е водечка причина за смрт од рак кај жените во околу 40 земји.
Приближно 90% од сите смртни случаи од рак на грлото на матката се во земјите со низок до среден приход, односно, девет од 10 смртни случаи се застапени во земјите со ваков приход. Без имплементирање на постоечките превентивни стратегии засновани на докази, смртните случаи од рак на грлото на матката сигурно ќе се зголемат за дополнителни 50% до 2030 година. (https://www.worldcancerday.org/spotlight-cervical-cancer)
Во земјите со високи приходи, девојчињата имаат можност да се вакцинираат против хуманиот папилома вирус (ХПВ), а жените редовно се прегледуваат и рано се лекуваат за какви било предканцерозни лезии – две важни превентивни мерки за рак на грлото на матката. Како резултат на тоа, до 80% од ракот на грлото на матката може да се спречи. Спротивно на тоа, има ограничен пристап до превенција и рано откривање во земјите со низок до среден приход. Сепак, дури и со воспоставените програми за скрининг, 55% од земјите со ниски приходи немаат пристап до услуги за радиотерапија и хирургија, кои се клучни за успешно лекување на ракот на грлото на матката. Јасни нееднаквости постојат и во земјите, поттикнати од родовата дискриминација и сиромаштијата. Покрај тоа, жените и девојките кои живеат во оддалечените области, како и бегалците, мигрантите, домородното население и другите ранливи групи се соочуваат со значителни бариери за пристап до здравствени услуги. Од овие причини треба да се обезбедат истите услуги за превенција да бидат достапни за сите девојки и жени.
Што претставува ракот на грлото на матката и во која возраст се јавува
Карциномот на грлото на матката го зафаќа долниот дел од матката, цервиксот, кој ги спојува вагината со матката. Овој карцином настанува кога на површинскиот слој од грлото на матката ќе се појават абнормални клетки наречени „прекурсори на карцином“.
Рак на грлото на матката (цервикален карцином)
Ова се всушност прекарциномни структури кои доколку не се дијагностицираат во почетниот стадиум, преминуваат во карцином на матката кои се шират подлабоко во грлото на матката и во околните области.
Рак на грлото на матката (цервикален карцином)
Карцином на грлото на матката обично се јавува кај жени во средна и постара возраст.
Фактори на ризик
Причина за промена на клетките во грлото на матката можат да бидат следните фактори на ризик:
- Возраст,
- ХПВ инфекција,
- Прв сексуален однос во рана возраст,
- Менување на повеќе сексуални партнери,
- Повеќекратни бремености,
- Лоши социо-економски услови,
- Лоша генитална хигиена
- Пушење,
- Контрацептивни таблети, недостиг на витамините А, Ц, Е во исхрана, како и дефицит на фолна киселина.
Симптоми
Вагинално крвавење при сексуален чин, нечист вагинален исцедок, болки при мокрење или вагинална непријатност вообичаено се првите симптоми за детекција на карцином на грло на матка. Карциномот на грлото на матката може да зафати поголема површина и да се прошири кон празнината на матката, надолу кон вагината и странично на ѕидот на карлицата. Со својот притисок може да направи инвазија на мочниот меур и ректумот, па да се појави запек, траги од крв во урината, затнување на уретрата и хидроуретер (експанзија на уринарна цевка) или хидронефроза (проширување на бубрезите). Исто така, во зависност од зафатеноста на пелвичен ѕид, може да се вклучат и дополнителни симптоми, како болки во нозете, едем и хидронефроза.
Рак на грлото на матката (цервикален карцином)
Лекување
- Хируршки третман
Во почетниот стадиум на карциномот ширењето на болеста е многу мало, затоа како преден план се користи хируршки третман. Хируршкиот третман освен според големината на туморот, може да се разликува и според местото на изведување на интервенцијата: грлото на матката, цела матка и лимфните јазли, односно може да се промени според големината на хируршките техники.
- Радиотерапијата е метод на терапија кој може да се користи во секоја фаза на карциномот на грлото на матката. Во напредните фази како основна форма на третман е радиотерапијата која е насочена кон отстранување на карциномот во областа каде што е примарниот карцином на грлото на матката и местата каде е можно ширење.
- LEEP (Loopelectrosurgicalprocedur) – Leep е нова техника за дијагностицирање и лекување на промените на грлото на матката со помош на ласер. Се користи нисковолтажна струја која истовремено и сече и коагулира, па крвавењето е сведено на минимум.
- Криотерапија – Криотерапијата е метод која се користи за отстранување на кондиломи, брадавици или бемки. Овие промени на ткивото се замрзнуваат со процес на ладење, при што ја губат функционалноста и изумираат.
Превенција на рак на грлото на матката
Скрининг тестови
Се користат два вида скрининг тестови за откривање на абнормалности на грлото на матката:
- ПАП тест
Раното дијагностицирање на абнормалните клетки на грлото на матката, пред тие да започнат да се менуваат во преканцерозни структури или да прераснат во карцином на грлото на матката е овозможено со ПАП тестот, познат како Папаниколау тест кој подразбира земање на брис од вагината.
- ПАП тестот треба да се направи во рок од 3 години по прва сексуална активност,
- На возраст над 30 години може да се направи ПАП тест на секои две до три години.
- Доколку пациентката е со висок ризик, ПАП тестот треба задолжително да се прави двапати годишно.
Во развиените земји, каде што се прават редовни ПАП тестови, значително е намалена стапката на карцином на грлото на матката кај жените.
Со редовни ПАП тест контроли се очекува смртноста кај женската популација заболена од карцином на грлото на матката да се намали за 70 отсто.
Ако во резултатите на ПАП тест се пронајдат абнормални структури, тогаш се користи колпоскопија или, пак, биопсија.
- ХПВ тест
Основен одговорен фактор за промени и абнормалности на клетките на грлото на матката е ХПВ, познат како хуман папилома вирус. Овој вирус се пренесува по сексуален пат и е одговорен за појава на гениталните брадавици.
Ако наодот на ПАП тестот е нејасен се препорачува тестирањето за ХПВ. Доколку тестирањето за ХПВ е позитивно, тогаш потребно е почесто следење на состојбата на пациентот.
Се смета дека ХПВ инфекциите имаат големо влијание во развојот на карцином на грлото на матката. 99,7 проценти од цервикалните карциноми содржат ХПВ ДНК. Постојат 200 видови од овој вирус којшто е откриен на кожата и мукозните мембрани, а 40 проценти од нив се наоѓаат во епителот на анусот и гениталиите. Најчестиот начин на пренос на инфекцијата е преку сексуален однос.
ХПВ вакцина
Од суштинско значење за спречување на овој вид карцином е ХПВ вакцината, која треба да се прими во периодот пред започнување со сексуални односи. За да се спречи пренесување на вирусот за време на сексуален чин, како метод за заштита се препорачува употреба на кондом.
Вакцинацијата, скринингот, третманот и палијативната нега се клучните интервенции на Нацрт глобалната стратегија на СЗО за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно здравствен проблем, WHO’s Draft Global Strategy towards the Elimination of Cervical Cancer as a Public Health Problem, четвртиот најчест карцином кај жените. На Светскиот ден на ракот, новите проценки покажуваат дека оваа стратегија би можела да спаси повеќе од 62 милиони девојчиња и жени од смрт од рак на грлото на матката и да спречи 74 милиони случаи во следните 100 години – но само ако овие интервенции ефикасно се користат заедно. Ниту една интервенција поединечно не може да го елиминира ракот на грлото на матката Овие проценки, објавени од WHO Cervical Cancer Elimination Modelling Consortium (CCEMC), Конзорциумот за моделирање на цервикален карцином на СЗО (CCEMC) во Лансет, се засноваат на целите на нацрт-стратегијата да се постигне глобална покриеност од 90% вакцинација, 70% скрининг и 90% третман до 2030 година.
За да се елиминира ракот на грлото на матката, сите земји мора да достигнат и одржуваат стапка на инциденца под четири на 100 000 жени. Постигнувањето на таа цел се потпира на три клучни столба и нивните соодветни цели:
- Вакцинација: 90% од девојчињата целосно вакцинирани со ХПВ вакцината до 15-годишна возраст;
- Скрининг: 70% од жените скринирани со помош на тест со високи перформанси до 35-годишна возраст и повторно до 45-годишна возраст;
- Третман: 90% од жените со третирани преканцерозни форми и 90% од жените со третиран инвазивен карцином.
Секоја земја треба да ги исполни целите 90-70-90 до 2030 година за да тргне на патот да го елиминира ракот на грлото на матката во следниот век. https://www.who.int/initiatives/cervical-cancer-elimination-initiative
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести