Почитувани,

Согласно насловот на погоре спомнатиот напис, се добива општ впечаток дека храната која населението во Република Македонија ја консумира е загадена со тешки метали. Заради тоа, сакаме да го дадеме следното појаснување:

  • Податоците кои се изнесени се точно преземени од Извештајот на Институтот за 2017 година, но толкувањето на резултатите е погрешно. Имено, во седум примероци од прехранбени продукти од увоз е утврдена зголемена содржина на олово, но тие продукти подлежат на инспекциски надзор и со оглед дека не се здравствено безбедни, не се пуштени во промет. Оттука, не може да се извлече заклучок дека населението „гнете“ храна со тешки метали.
  • Што се однесува на делот од текстот за диететски производи (во кои спаѓаат млечната храна за доенчиња, храната за мали деца, храната за посебна медицинска намена и додатоците на исхрана), Ве информираме дека неисправните примероци заради зголемено присуство на тешки метали се однесуваат само на еден тип на додаток на исхрана, кој заради потребата од зголемена контрола на неговата безбедност беше многукратно носен на анализа во нашите лаборатории од страна на инспекциските служби. И тој производ не е пуштен во промет.

 

Со почит,

Институт за јавно здравје на РМ,

6.2.2019