Во рамките на Двегодишните договори за соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација (2006/2012), а како дел од приоритетот: Здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби продолжено е со имплементација на активностите започнати во 2007 година.

На 06.11.2012 година одржана е Симулациона вежба за проверка на подготвеноста на службите за итна медицинска помош во Битола и Прилеп со тема “Сообраќајна несреќа со поголем број повредени и изгореници” (20 повредени патници во судар помеѓу автобус и цистерна). Симулационата вежба е одржана во Пелагонискиот регион со учество на Клиничката болница-Битола, Итна медицинска помош при Здравствен Дом-Битола, Општата Болница-Прилеп и Итна медицинска помош при Здравствен Дом-Прилеп, поради регионалното значење на овие здравствени установи за пелагонискиот дел од Република Македонија. Министерството за внатрешни работи (СВР Битола и Прилеп), Регионалниот Центар за управување со кризи-Битола и Противпожарната служба-Прилеп (гаснење на пожарот и извлекување на повредените патници) беа активни учесници во вежбата со проверка на интерсекторската координација.

Министерството за здравство, односно Националните соработници со СЗО при кризни состојби Проф. д-р Михаил Кочубовски (ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија) и Прим. д-р Жарко Шутиновски (Министерство за здравство) во соработка со СЗО и Црвен Крст на РМ ја испланираа симулационата вежба со цел да се подигне степенот на подготовка при кризни состојби.

Со цел за успешно спроведување на планираниот приоритет и вежбата изработени се нови тријажни картони со упатство и претходна обука за нивна примена. Тријажните картони се подготвени со цел да се користат за време на симулационата вежба, како и во иднина од страна на службите за итна медицинска помош, така и од страна на ургентните центри и клиниките/болниците за тријажа и укажување на прва медицинска помош при зголемен број на повредени/ заболени во исто време, како универзален систем за означување/регистрирање на пациентите.

За правилна подготовка за навремено и исправно укажување на итна медицинска помош при масовен трауматизам од страна на ЈЗУ Здравствен Дом-Битола и Прилеп, беа подготвени и усвоени од Управниот Одбор Оперативни Планови за организација на итна медицинска помош во услови на кризни/вонредни состојби.

По завршувањето на симулационата вежба беше извршена евалуација и беа донесени заклучоци и препораки. Симулационата вежба беше оценета за многу успешна заради темелните подготовки (неколку месеци порано со учество на сите релевантни чинители на најдобар можен начин).

Симулационата вежба беше покриена од националните и локалните јавни медиуми и после вежбата Министерот за здравство Г-дин Никола Тодоров даде изјави за медиумите. Вежбата беше снимена со камера за потребите на релевантните институции (обука).

 

Повеќе информации на следниве линкови: