Заради важноста на превенција на потенцијалните ризици од природно и антропогено потекло по здравјето, како и правилно и навремено справување и одговор при масовни несреќи од различно потекло, се наметна потребата од проверка на здравствениот систем за подготовка и одговор при вонредни состојби, преку организирање на симулациони вежби на регионално и локално ниво.

Во рамките на Двегодишниот договор за соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација (2014-2015), а како дел од приоритетот: Здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби, се организира симулациона вежба за тестирање на Планот за одговор на здравствениот систем при кризни состојби во Скопскиот регион, како шеста вежбовна активност која што Министерството ја организира со поддршка на СЗО во последните пет години (претходно се реализирани симулациони вежби во Скопје, Штип, Битола/Прилеп, Струмица и Гостивар).
Целта на вежбата беше тестирање на Планот за одговор при кризни состојби на ЈЗУ Градска Општа Болница 8-ми Септември-Скопје, вклучително и подготвеноста на Итните медицински служби при Здравствен дом -Скопје како и соработката со другите сектори, Црвениот крст на Р.Македонија, Министерството за внатрешни работи, Бригадата за противпожарна заштита-Скопје, а во соработка со Град Скопје, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Симулационата вежба овозможи да се провери степенот на подготвеност на здравствениот систем во регионот на Скопје во ситуации со зголемен прилив на пациенти и да се идентификуваат позитивните страни и потенцијалните проблеми во функционирањето. Воедно вежбата овозможи подобрување на комуникацијата и координацијата помеѓу сите релевантни чинители и надградба на капацитетите на медицинскиот персонал во горе наведените здравствените установи во Скопје.
Црвениот крст на Република Македонија во соработка со ИМП подготви листа на повреди и за таа цел обучи 20 волонтери со цел симулација на предвидените повреди. Дополнително беа ангажирани и шминкери кои имаа за задача да ги прикажат пореалистично предвидените повреди на манекените.
Во понатомошниот припремен период здравствените работници беа запознаени со препораките за интегриран одговор при несреќи со повеќе повредени, начинот на пополнување на тријажниот картон, тријажа и старт тријажа и потребата од соработка меѓу пре-хоспиталниот и хоспитален дел на здравствениот систем и со останатите чинители од нездравствениот сектор.
Симулационата вежба беше на тема “Сообраќајна несреќа со поголем број повредени и со изгореници”.

На 22 мај, 2014 година, во 10.06 часот се случи сообраќајна несреќа директен судар помеѓу автобус со патници и 1 патничко моторно возило во Градски Парк 2, на околу 200 м од Ресторан Балканика на паркингот помеѓу каналот и Институт за сточарство. Заради силниот удар и истекување на горивото се јави пожар во автобусот. Околу 20 лица, поголемиот дел со повреди и помал со изгореници на телото, требаше да им биде укажана итна медицинска помош и да бидат евакуирани.

Беше симулирано укажување на прва медицинска помош, тријажа, ретријажа, евакуација и транспорт на повредени при сообраќајна несреќа. Исто така беше проигруван и третманот на изгореници на повредените, како и дијагностичкиот и терапевтскиот пристап во хоспитални услови.
Бригадата за противпожарна заштита-Скопје имаше улога на гаснење на пожарот од сообраќајната несреќа и обезбедување на сигурен пристап до повредените. Истото беше реализирано брзо и ефикасно од страна на противпожарната служба. ПП службата изврши евакуација на повредените кои останале во опожарениот автобус.
Тријажата беше извршена правилно и навремено. Третманот на повредените со изгореници се изврши во ГОБ 8-ми Септември-Скопје. Се вршеше постојана ретријажа на местото на настанот од страна на тријажната екипа.
Евакуацијата и транспортот на повредените беа вршени со правилна положба на повредените. Диспечерскиот центар на ИМП-Скопје беше во постојан контакт со ГОБ 8-ми Септември-Скопје преку телефон за информирање на двете болници за бројот на повредени, типот на повреди и времето на поаѓање од местото на настанот, како и очекуваното време на пристигнување до општата болница заедно со координаторот на терен. Времето на транспорт на повредените до ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември-Скопје изнесуваше 6 минути по тура.
Прифаќањето, ретријажата и здравственото згрижување на повредените во ГОБ 8-ми Септември-Скопје се вршеше според Планoт за одговор при вонредни/кризни состојби кој се активира. За секој повреден уредно е водена медицинска документација (упатница за клиничка лабораторија, интер-болнички упат и специјалистички наод, како и темпертурна листа и терапија и историја на болеста за хоспитализираните).
Местото на настанот и маршрутата за евакуација и транспорт на повредените беше обезбедувано од страна на МВР и овозможи да се скрати времето кое беше планирано за транспорт.
Настанот беше покриен од националните и локалните јавни медиуми и после вежбата беше дадена и изјава за медиумите. Вежбата беше снимена за потребите на релевантните институции (обука).
По вежбата во Градската Општа Болница 8-ми Септември Скопје беше извршена евалуација, присутни сите учесници кои учествуваа во реализација на истата и беа донесени заклучоци и препораки. Евалуацијата ја спроведоа координаторите за функционирање на здравствениот систем во кризни/вонредни состојби. Вежбата беше оценета за многу успешна.