Со цел да се добијат релевантни, стандардизирано-добиени и споредливи  информации за состојбата со антимикробната резистенција(АМР), во јануари 2013 година со поддршка на Министерството за здравство – Мултисекторската комисија за контрола на антимикробната резистенција (АМР) и Канцеларијата на СЗО во Скопје, воведен е систем за следење на АМР согласно методологијата на СЗО “Централно-азиско и Источно-европско следење на антимикробната резистенција (CAESAR)”, која е компатибилна со методологијата на Европската мрежа за следење на антимикробната резистенција (EARS-Net). CAESAR мрежата обезбедува сеопфатен систем за следење на преваленцата и трендовите на антимикробна резистенција на целна група инванзивни бактерии (бактерии изолирани од крв и ликвор – примарно стерилни примероци). Нејзина задача е да ги поврзува националните мрежи на земјите кои не се членки на Европска унија со што се обезбедуваат лесно споредливи податоци за сите земји-учеснички во CAESAR и EARS-Net. Изолатите кои се следат се речиси сигурни етиолошки агенси на инфекции (изолати од хемокултура и ликвор): Staphylococcus aureus (MRSA); Streptococcus pneumoniae (Pen R – PRP); Esherichia coli (ESBL+, карбапенемаза +); Klebsiella pneumoniae (ESBL+, карбапенемаза+); E. faecium и faecalis (VRE); Pseudomonas aeruginosa (мултирезистентен); Acinetobater spp. (мултирезистентен).

Крајната цел на оваа методологија е обезбедување на корисни информациии за актуелната состојба на изолираните патогени – водич во медицинската практика за третман и контрола на различните инфективни заболувања на национално ниво, што е од огромно значење за емпириска терапија. Процесот во Република Македонија го организира и спроведува национален CAESAR тим од 2013 година.

Извештаите за состојбата со АМР во земјите членки на CAESAR се објавени на веб страната на СЗО